Македонија
ХОПС: Дисперзијата на програмите за лекување зависности најдобро ќе одговори на потребите на клиентите

Здружението „ХОПС – Опции за здрав живот“ – Скопје ја поздравува одлуката на Министерството за здравство за почеток на дисперзија на програмите за лекување зависност, односно децентрализација на третманот на повеќе локации во Скопје.
„Базирано на нашето 20-годишно искуство и добрите примери од други земји, долго време препорачувавме дека дисперзија на лекувањето во секоја скопска општина најдобро ќе одговори на потребите на клиентите. Повторуваме дека пристапот до лекување зависности блиску до местото на живеење е право, а не привилегија, исто како и за секоја друга здравствена состојба. Очекуваме дека најавената дисперзија ќе придонесе кон промена на сликата која често се асоцира со програмите за лекување зависности, во кои се концентрирани неколкукратно повеќе пациенти од капацитетот на програмата. Намалување на бројот на пациенти на една локација ќе го подобри квалитетот на лекувањето, што е во интерес и за самите пациенти и за граѓаните“, велат од Здружението.
Од таму упатија апел до надлежните да вложат напори за обезбедување технички и кадровски капацитети за унапредување на психосоцијалната компонента од лекувањето, која треба да стане неразделна од фармаколошкиот третман со супституциска терапија, а со цел успешна рехабилитација и ресоцијализација на луѓето што се лекуваат од болести на зависност.
„Се надеваме дека дисперзијата ќе биде направена во согласност со реалните потреби на пациентите и ќе бидат разгледани опции за овозможување третман на зависности на дополнителни локации што не се предвидени сега, според потребите. Очекуваме процесот да биде транспарентен, со вклученост на пациентите, здруженијата на граѓани што работат на оваа проблематика и другите засегнати страни“, велат од ХОПС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова-Цепелак: искажана загриженост за актуелната безбедносна состојба во светот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Генералниот секретар на Постојаниот арбитражен суд во Хаг, Марцин Цепелак, на којашто беше искажана загриженост за актуелната безбедносна состојба во светот и ја истакна потребата од праведен и постојан мир.
Според Сиљановска-Давкова, решенијата за денешните предизвици мора да се бараат во рамките на мултилатералниот систем, при што се заложи за зајакнување на улогата на Генералното собрание и преиспитување на механизмите за одлучување на Советот за безбедност.
Во време на зголемени глобални тензии, оцени таа, институциите како Постојаниот арбитражен суд се неопходни за зачувување на меѓународниот мир и стабилност. Таа укажа дека за сите држави, а особено за малите и средните, почитувањето на меѓународното право претставува не само правна обврска, туку и морален императив.
Претседателката ја истакна нашата подготвеност за зајакнување на соработката со ПАС преку потпишување меморандуми за разбирање, развивање партнерство со универзитетите и можности за пракса на младите професионалци во областа на меѓународното право, со што се согласи Генералниот Секретар на судот, Марцин Цепелак.
Тој ја запозна претседателката со историјата на Палатата на мирот во којашто е сместен Постојаниот арбитражен суд, со работата на судот и процедурите на одлучување.
Македонија
Температури над 40 степени: од утре до петок, сончево и многу топло

Времето денес сончево и топло со мала локална облачност. Дуваше слаб до умерен ветер од северен правец, соопшти УХМР.
Во 14 часот биле измерени 19 степени на Попова Шапка, 25 во Лазарополе, 26 Охрид, 27 Претор, Крушево, 29 во Берово, 31 во Крива Паланка, Прилеп, 32 степени во Тетово, 33 Битола, Штип, Виница, 34 во Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Струмица, 35 во Куманово, Демир Капија, 36 степени во Скопје-Петровец, Велес, Гевгелија.
До крајот на денот ќе биде сончево и топло со мала локална облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Во текот на ноќта ќе биде ведро и тивко.
Утре според последните најави ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 31 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ од утре до петок времето ќе биде многу топло. Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа се очекува да надмине и 40°C. Вредноста на UV индексот ќе изнесува 9. Во петок попладне и во вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а пад на температурата за неколку степени се очекува во деновите од викендот кога ќе дува умерен до засилен северен ветер.
Македонија
Во отсуство на реална политика и аргументи, СДС продолжува со растурање на пердуви во јавноста, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС кои 7 години беа на власт и тоа само до пред една година, се однесува како никогаш да не биле владејачка партија, а уште помалку се чувствуваат виновни за она што го направија во тие години владеење. Најверојатно, СДС секојдневно ќе држи прес-конференции, на кои без аргументи, издржани критики и факти, ќе зборува дека полошо се живее, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Точно е, додаваат од владејачката партија, дека се живее тешко, но граѓаните знаат кој ги донесе до питачки стап и денот да го поминуваат со 150 денари.
Според партијата на власт, заради СДС, задолжени сме како никогаш досега, па кредитите и каматите кои тие ги оставија, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги враќа сега и во следниот период.
Навистина е апсурдно, додаваат од партијата на Мицкоски, СДС да говори за економија и плати, кога во нивно време инфлацијата беше над 20%, платите и пензиите стагнираа, јавниот долг растеше, сметките се покачуваа, а тие не понудија никакво решение.
Им порачуваат на СДС, да го слушнат говорот на претседателот Мицкоски, на вчерашната свеченост по повод една година Влада, и ќе дознаат и научат многу од него.