Македонија
Анѓушев во посета на општина Градско: Се решаваат реални проблеми на граѓаните
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, ја посетија општина Градско, каде од градоначалникот Роберт Бешовски беа информирани за тековните проекти со кои се надминуваат реалните проблеми на граѓаните во општината.
Вицепремиерот Анѓушев, потенцираше дека извршната и локалната власт активно работат на надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на оваа, но и на сите други општини, во насока на рамномерен регионален развој и подобрување на животот на граѓаните во сите делови на државата.
„Тука сме за да видиме како се решаваат комуналните проблеми на граѓаните и задоволен од ова што го гледам. Општина Градско урбано го уреди со сопствени средства паркот во износ од околу 4,5 милиони денари. Тука е и градинката чиишто капацитети се проширени со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 2 милиони денари, за зголемување на капацитетот за уште 20 нови дечиња. Градинката веќе може да згрижува 50-ина дечиња, што е реално потребата на Градско. Се надевам во иднина ќе има потреба и за повеќе, а Владата ќе намени средства. Решен е и 30 годишен проблем со водоснабдување на општина Градско. Го посетивме бунарот направен над земја, каде нема што многу да се види, но подземните инсталации се обемни и овој 30 годишен проблем е веќе решен. Обезбедени се 20 милиони денари за реконструкција на патот од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, во рамките на Програмата за рурален развој и подобрување на инфраструктурните услови помеѓу Градско и Чичево, во должина од 1,8 км. Исто така, обезбедени се средства за две улици во село Водоврати во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, како и средства за комунална опрема, канти за отпадоци и поцинкувани контејнери во Градско. Исто така, обезбедени се средства за канализација во населеното место Стопанство, како и уште една дополнителна канализација во уште едно населено место што е дел од општината. Со ова јасно покажуваме дека Владата е определена да направи колку што е можно подобри услови во целата држава, да имаме колку што е можно порамномерен развој во државата и за разлика од тоа што во минатото најголем дел од средствата се трошеа во Скопје, мислам дека е важно сите населени места во државата да ги направиме убави. Мислам дека ќе најдеме начин да ги решиме и проблемите на земјоделците во Градско, односно сточарите, коишто имаат потреба од обработливо земјоделско земјиште за да произведат храна за своите стада. Најавувам дека тоа ќе го решиме до крајот на годината и ќе најдеме начин тие да ги задоволат своите потреби и да ги задржат своите стада“, потенцира вицепремиерот Анѓушев по посетата на Градско.
Градоначалникот Роберт Бешовски дополни дека со општински и средства од буџетот на државата ќе се реализираат дополнителни проекти, со кои ќе се подигне квалитетот на живот на граѓшаните во општината.
„Општина Градско обезбеди средства за изградба на откупен центар на отворен простор преку Центарот за вардарски плански регион преку Бирото за рамномерен регионален развој во износ од 5 мил денари. Веќе е избрана фирмата и ќе се започне со изградба. Исто така, во село Горно Чичево ќе се гради канализација за која средства се обезбедени преку Министерството за животна средина, веќе е завршена постапката за јавна набавка и ќе се започне со изградба. Тие се двата најблиски проекти за кои очекуваме реализација“, нагласи градоначалникот Бешовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Средба Хоџа-Ќехаја: Екологија и регионален развој во фокус
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, на која се разговараше за актуелната состојба и перспективите на билатералната соработка во областа на животната средина и просторното планирање.
За време на средбата, министерот Хоџа и амбасадорот Ќехаја ги оценија пријателските односи и одличната соработка меѓу двете земји, истакнувајќи ја важноста на постојните документи и заеднички иницијативи, вклучувајќи го Меморандумот за разбирање од 2012 година за соработка во областа на животната средина, Договорот за економска соработка, како и регионалната иницијатива „Заедничка визија за Шар Планина“, која има за цел заштита и одржлив развој на прекуграничните заштитени подрачја.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка, како и на значајните инфраструктурни и економски проекти кои придонесуваат за зајакнување на врските меѓу двете земји.
На средбата, се изрази заеднички интерес за интензивирање на соработката во наредниот период, вклучувајќи и ревидирање на постојниот Меморандум, меѓу двете држави.
Хоџа и Ќехаја ја реафирмираа посветеноста за зајакнување на билатералната и регионалната соработка во областа на заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство.

