Македонија
Заев на одмор во Охрид и Грција, Шекеринска во Скандинавија, Царовска во Турција
Премиерот Зоран Заев со семејството ќе замине на одмор по празникот 2 Август, Илинден, во Охрид и во Грција, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе одмора во Скандинавија, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во Турција, а вицепремиерот Кочо Анѓушев во Грција.
Во соопштение од Владата се наведува дека повеќемина членови на Владата дел од годишниот одмор ќе го искористат во првите десеттина дена од август. Најголемиот дел од оние кои се одлучиле каде ќе летуваат ги избрале Охрид, Грција, Турција и Албанија.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, нема одлучено дали ќе оди и каде би одел.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, планира својот годишен одмор да го реализира од 2 до 10 август, а за своја дестинација оваа година ја одбра Албанија.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на почеток на август ќе замине на одмор во Италија, а надвор од земјата дел од својот годишен одмор ќе искористи министерот за образование и наука, Арбeр Адеми, како и министерот за култура, Хусни Исмаили, кој ќе помине неколку дена во Албанија и неколку дена во Охрид.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, нема да оди на годишен одмор, а министерот за животна средина и просторно планирање ќе замине во Грција во периодот од 9 до 18 август.
Во првата половина на август на одмор ќе замине министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, како и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, кој оваа година ќе замине на 7 дена во Грција.
Заменик-претседателот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураки, сѐ уште го нема соопштено својот план за годишниот одмор. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, до сега нема одлучено дали и каде ќе оди на годишен одмор, исто како и министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерката за правда, Рената Дескоска, одреден период од својот летен одмор ќе помине во Охрид, но засега без определени датуми поради претстојните разговори за Законот за Јавно обвинителство.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ќе замине на еднонеделен одмор од 4 до 11 август, но до сега без одлука каде.
И министерот за економија, Крешник Бектеши, дел од одморот ќе искористи во првата половина од месец август. Со семејството сè уште немаат направено избор за својата дестинација.
Првата половина од месец август е планот за одмор и за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, исто така, без определена дестинација.
Министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Музафер Бајрам, дел од годишниот одмор на почетокот на август ќе го помине во некоја од земјите од регионот.
Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, заминува исто така на кус одмор на почетокот на август, сега засега без одлука каде, додека министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, ќе летува во Турција од 31 јули.
Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Бардул Даути, ќе замине на годишен одмор во Албанија на 1 септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

