Македонија
(Видео) Јанева: Најодговорно тврдам дека не сум вмешана во случајот „Рекет“

Во врска со мојата наводна вмешаност во случајот „Рекет“ најодговорно тврдам дека ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување или несторување сум ја злоупотребила должноста. Јавно ги охрабрувам правосудните органи докрај да ги расчистат околностите во овој случај, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.
Таа ѝ се извини на јавноста затоа што не се појавила во јавноста подолг период, односно од објавувањето на случајот „Рекет“.
Јанева рече дека е свесна дека освен Бојан Јовановски и други лица го злоупотребиле нејзиното име.
„Свесно оставив подолг период да не излезам со став во јавноста иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч и решив да го направам тоа за со мој потег да не се смета дека правам притисок или се мешам во истрагата“, рече Јанева.
Кажа дека е точно дека се познава со Бојан Јовановски и дека никогаш не криела дека син ѝ е вработен во 1ТВ.
„Но ова не значи дека некој стекнал право да ја злоупотреби мојата должност и да остварува привилегии и затоа очекувам низ транспарентна судска постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да им наруши на моите чест и углед“, рече Јанева.
Таа повтори дека ја дала оставката за да не биде искористена за нечии цели и рече дека ќе си замине од функцијата кога политичките партии ќе изберат нејзин наследник.
„Со мојата оставка потврдувам дека нема никаков начин да влијаам на случајот ‘Рекет’“, рече шефицата на СЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Надлежните се борат со 11 активни пожари: Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Штип

Според најновите информации, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор. Од нив, 11 се сѐ уште активни, 3 се под контрола, додека 11 се целосно изгаснати.
Активни пожари се регистрирани во неколку региони. Во источниот дел, пожарите зафатија подрачја кај селото Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што гори нискостеблеста шума и грмушки. Во Прилеп гори на две локации – кај селото Бешиште, со проширување кон Градешница и кон границата со Грција, како и кон селото Дрен. Во Македонски Брод активни се два пожари – кај селото Црешнево и меѓу селата Локвица и Крапа.
Штипскиот регион се соочува со пожар меѓу селата Драгоево и Селце, а во Карбинци гори кај селото Јунузлија. Во близина на Скопје, пожар е активен кај селото Гумалево во општина Зелениково. Во северниот дел на државата, активни пожари се бележат и кај селото Руѓинце во Старо Нагоричане, како и во Куманово – во населбата Ристово Трло и кај селото Романовце.
Три пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожарите кај селото Грешница во Македонски Брод, меѓу селата Церово и Групчин во општина Желино и на улицата Брсјачка Буна во Шуто Оризари, каде што гореше дива депонија.
Изгаснати се 11 пожари во различни делови на државата, меѓу кои во Шуто Оризари кај Општината, кај касарната во Прилеп, во селата Долно Перово и Прељубје во Ресен, како и во неколку населени места во Кочани, Куманово, Липково и Гостивар.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активности за справување со активните пожари и заштита на населението и природата.
Македонија
(Видео) Тошковски: Вложуваме во нашите луѓе – во нивната обука, џудо тренинг сесии со врвен тренер

Министерот за внатрешни работи Пначе Тошковски денеска во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на џудо тренинг сесија на полициските специјалци со инструктор од Интернационалната џудо федерација специјализиран за обука на полициски и армиски специјални единици. Оваа соработка произлегува од неодамна Меморандум за соработка помеѓу министерствата за внатрешни работи и министерството за спорт и Меморандумот за разбирање помеѓу Националната џудо федерација и Европската џудо федерација кој беше потпишан на Европското првенство во џудо за кадети кое се одржа во Скопје минатиот месец.
„Вложуваме во нашите луѓе – во нивната обука, знаење и подготвеност. Градиме силна, професионална и подготвена полиција, способна да одговори на современите безбедносни предизвици и ефикасно да се справува со криминалот. Затоа, особено внимание посветуваме на континуираната физичка подготвеност посебно на специјалните единици. Овие тренинг сесии со врвен џудо тренер се со директен ангажман на претседателот на европска џудо федерација Ласло Тот. Неодамна преку министерството за спорт и европската џудо федерација ја опремивме салата со специјализираните душеци – татами и кимона за полициските службеници. Планираме и за во иднина сеопфатни програми за физичка обука на полициските службеници“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
(Видео) Грета Тунберг по Тетово стигна во Скопје, ќе дискутира за империјализмот и ќе протестира за спас на Дошница

Еко-активистката Грета Тунберг преку видео-обраќање на Инстаграм соопшти дека се наоѓа во Скопје и дека ќе учествува на неколку настани поврзани со социјални и еколошки прашања во Македонија.
Таа најави присуство на јавната дискусија што ќе се одржи во Социјалниот центар „Дуња“ под наслов „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“.
Во обраќањето, Тунберг додаде и дека ќе се приклучи на протестната блокада за спас на реката Дошница на планината Кожуф, која е најавена за утре.
View this post on Instagram
Таа истакна дека настаните во Газа не се изолирани од климатската криза, а според неа, тоа е истиот насилен систем изграден врз експлоатација, окупација и профит над животот.
Активистката ја спомена и одлуката на македонскиот парламент, кој вчера гласаше против испраќање хуманитарна помош во Газа, додавајќи: „Мора да застенеме солидарно, да се поврземе и да се спротивставиме заедно“.
Грета вчера беше во Тетово, каде што ја посети новата локација на Општествено-културниот центар, која се уредува со заеднички волонтерски ангажман и поддршка од меѓународни партнери. Пред да пристигне во Македонија, Тунберг учествуваше на протест во Тирана, каде што повика на итен прекин на израелската опсада врз Газа и остро ја осуди.