Македонија
Милошоски: Само пренесував информации објавени во повеќе медиуми

По објавениот демант од страна на Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје во врска со информациите што Антонијо Милошоски ги изнесе вчера на собраниската говорница, на „Фејсбук“ се огласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој објасни дека наводите што ги презентирал претходно биле пренесени од најмалку 5 медиуми и дека станува збор за прашање од јавен интерес.
„Сосема легитимно за секој пратеник е до Владата да постави прашање од јавен интерес дали тие медиумски наводи за барање рекет на фирмите што работат во РЕК ‘Битола’ се точни“, пишува Милошоски во својата објава на „Фејсбук“, со која се обраќа до почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски, за кој забележува дека е сопственик на „Марковски компани“ од Битола.
Пратеникот Милошоски на вчерашната седница на Собранието, посветена на пратенички прашања, истакна дека во кабинетот на премиерот Заев дошол белорускиот амбасадор за да разреши спор во врска со случај во кој на бизнисмен од Битола, познајник на амбасадорот, му бил побаран рекет од 250 илјади евра.
Тврдењето беше демантирано од премиерот Заев, а денеска следуваше и демант од Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје, од каде што порачаа дека се работи за лажни вести и најавија протестна нота во врска со изјавата.
Меѓутоа, Милошоски смета дека секој пратеник има должност да коментира и изнесува теми што медиумите ги објавиле и се од јавен интерес, така што поради демантот дека како пратеник изнел лажни вести, се закани со тужба до почесниот конзул на Белорусија. Претеникот на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека ваквите обвинувања не одговараат на вистината и ги смета за навреда и клевета со која му се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на неговите обврски како пратеник.
„Вие сте одлучиле со известување во име на Почесниот конзулат, без претходно да побарате информација од мене, без претходно јавно да реагирате до медиумите што пренеле наводи за барање рекет на фирми во РЕК ‘Битола’ како тема од јавен интерес, да тврдите дека ‘од страна на пратеник се извадени лажни вести’, што не одговара на вистината и го сметам за навреда и клевета со која му се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на моите обврски како пратеник. Дали Вие ќе полемизирате или ќе ги демантирате медиумите што дојавуваат дека на приватни фирми им се бара рекет за тендери, не Ви се мешам, тоа е Ваша лична одлука и како почесен конзул и како стопанственик со ‘Марковски компани’. Повеќе детали и објаснување на оваа тема ќе добиете на Вашата официјална имејл-адреса од страна на мојот адвокат“, наведува Милошоски во објавата упатена до почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски, и бара од него да објави извинување и повлекување на неговата изјава, а во спротивно пратеникот најави дека ќе ги преземе преостанатите законски можности.
Во прилог како доказ на неговите тврдења пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ приложува и линк од неговиот настап во Собранието, во кој, како што вели, може да се чуе прашањето упатено до премиерот за тоа дали се точни информациите и наводите што ги пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството донесе одлука во корист на правото на информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес

Обвинителството донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава против еден новинар и една телевизиска куќа, кои беа пријавени за кривично дело неовластено прислушкување и тонско снимање.
Подносителката на пријавата за време на пријавениот настан извршувала работни задачи на работно место – раководител на Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните во Град Скопје. Таа тврдела дека и била нарушена приватноста затоа што новинарот телефонски ја снимил и снимката ја емитувал во Дневникот на националната телевизија, со цел да ја праша за сообраќајниот метеж предизвикан од нефункционирање на сообраќајната сигнализација во Скопје.
„За постоење на кривичното дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање, потребно е сторителот тонски да снима изјава којашто му е наменета, без знаење на тој што ја дава, со намера таквата изјава да ја злоупотреби или да ја пренесе на трети лица, односно потребно е сторителот непосредно да ја пренесе таквата изјава врз трети лица. Всушност, се работи за неправо кое се заснова врз противењето на оштетениот неговата изјава да биде регистрирана, односно пренесена на трето лице, како и врз посебната намера на сторителот за злоупотреба на изјавата или за нејзино пренесување врз трети лица“, велат од Обвинителството.
Испитувајќи ги наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител презеде повеќе дејствија, при што целосно го испита и потврди неформалното својство и работните задачи на подносителката во администрацијата на главниот град, како лице задолжено меѓу другото да остварува комуникација со медиуми во однос на активностите на органите на Градот Скопје, јавните претпријатија и јавните служби коишто се во надлежност на Град Скопје, иако таа тврдела дека во критичниот момент била вработена на проект во ЈУ „Универзална сала“- Скопје.
Покрај ова, јавниот обвинител низ призмата на конкретни пресуди од праксата на Европскиот суд за човекови права се произнесе и во однос на правото на информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес наспроти правото на приватност на пријавителката.
Имено, согласно домашното и меѓународното законодавство, новинарскиот упад во приватноста е оправдан само ако постои доволна причина за тоа, односно ако упадот е оправдан со обемот на потенцијалната штета која може да произлезе од него, ако постои добра причина за мотивот, односно упадот да биде оправдан во поглед на јавниот интерес и јавното добро кое ќе следи по објавувањето на информацијата, доколку користените методи се во согласност со сериозноста на приказната и нејзиниот јавен интерес, но и доколку упадот нуди разумни изгледи за успех. Тајното снимање, под коешто се подразбира и снимањето без дозвола на телефонски разговори за можно емитување, како метод на крајна нужда во новинарското истражување, неспорно претставува упад во правото на приватност, но може да се користи кога тоа е оправдано со јасен јавен интерес. Европскиот суд за човекови права во Стразбур, преку пресудата во случајот Radio Twist a.s. против Словачка, нагласува дека тајните снимки во новинарското истражување, оправдани со јасен јавен интерес, особено може да се користат во ситуации кога истите не содржат невистинити и извитоперени информации, односно информации кои не предизвикуваат голема штета врз личниот интегритет и углед на лицето, чиешто право на приватност било предмет на упад при нивното обезбедување, како што е во конкретниот случај.
Надлежниот јавен обвинител, врз основа на прибраните и анализирани докази, оцени дека високиот јавен интерес во овој предмет е неспорен и дека обврска на пријавениот, како новинар кој ја обработувал предметната тема во конкретниот случај, било да ги повика на одговорност носителите на државни и јавни функции, да истражува и да ја расветли ваквата тема, бидејќи засегнатите граѓани на територијата на Град Скопје имале право да ги добијат таквите информации.
Од тие причини, јавниот обвинител оцени дека во дејствијата на пријавениот новинар и телевизијата не се содржани законски обележја на кривичното дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање ниту пак на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност, па донесе одлука да ја отфрли пријавата. Донесеното решение е правосилно и потврдено од Вишото јавно обвинителство Скопје.
Воедно, имајќи предвид дека при секојдневното новинарско постапување, едно од клучните прашања кое создава дилема при остварувањето на нивната основна задача е токму прашањето за тоа што претставува јавниот интерес, бидејќи законските одредби не го дефинираат ова прашање, па новинарите како медиумски професионалци се ставени во ситуација да ја одредат рамнотежата, односно пропорционалноста помеѓу правото на приватност од една страна и правото на медиумите да објавуваат информации од јавен интерес од друга страна, Основното јавно обвинителство Скопје донесеното решение ќе го достави до новинарските здруженија и до невладините организации кои се занимаваат со прашањето на слобода на изразување во насока на поддршка на домашната правна пракса.
Македонија
Герасимовски: Караванот „Се гледаме во маало“ денеска во Песталоци, продолжуваат теренските средби со граѓаните

Од Oпштина Центар најавуваат дека продолжуваат со теренските активности низ маалата, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, кој денеска (24 јуни) ќе се одржи во дворот на ООУ „Јохан Х. Песталоци“, со почеток од 18:30 до 20:00 часот.
Караванот трае до 7 јули, и предвидува низа отворени средби во сите населби на Центар каде директно се разговара со жителите за реализираното во изминатите години, но и се собираат идеи и предлози од центарци за нови активности и проекти за наредната година, појаснуваат од оваа општина.
„Граѓаните најдобро знаат што им треба, а наша обврка е да ги слушнеме и да дејствуваме. Овој караван е простор за дијалог, доверба и соработка, затоа што општината ја градиме заедно. Секоја средба носи нова идеја, нова иницијатива, нова енергија. Овие средби ни даваат јасна слика што им е потребно на луѓето и како можеме уште подобро да одговориме на нивните очекувања. Ги поканувам сите центарци денеска да дојдат во училиштето Песталоци и заеднички да испишеме уште една убава приказна”, вели Герасимовски.
Целта на караванот, како што велат е зголемување на транспарентноста и вклученоста на граѓаните во креирање на локалните политики.
Македонија
Според ДУИ со законот за правична застапеност балансерот се заменува со годишни извештаи

Демократската унија за интеграција реагира на предложениот нацрт-закон за правична застапеност, кој, според нив, има за цел да го замени Балансерот – правен и обврзувачки инструмент за одразување на демографската реалност во јавните институции – со нејасна, неефикасна и политички стерилна структура како што е „координативно тело“.
„Ова е обид уставната обврска да се претвори во административна фарса и да се демонтира една од најважните столбови на Охридскиот рамковен договор: правичната и еднаква застапеност на етничките заедници. За Албанците, овој закон е штетен. И нема да запреме сѐ додека Балансерот не се врати како единствен правно обврзувачки механизам за гарантирање еднаквост во администрацијата“, велат од ДУИ.
Според нив, замената на, како што го нарекуваат, прецизниот и транспарентен калкулатор со „годишни извештаи“ и „координативни тела“ кои немаат никаква надлежност да ги обврзат институциите да го почитуваат принципот на застапеност, е самото по себе политички чин што создава неправда и институционална етничка доминација.