Соопштенија
(Видео) Арсовски: ВМРО-ДПМНЕ е против тоа Катица Јанева да биде унапредена во републички јавен обвинител
ВМРО-ДПМНЕ е против грубо кршење на законот Катица Јанева да биде унапредена во републички јавен обвинител, односно да добие неколку скалила повеќе, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Сите обвинители, додаде тој, од дувлото на непотизам наречено СЈО, во кое што во моментов е такво какво што е, каде што работат снаи, ќерки, синови, внуци роднини, пријатели на обвинителите и на СДСМ, треба да се вратат во матичните обвинителства односно институции, од онаму каде што дошле, па дури потоа да конкурираат доколку исполнуваат услови и доколку се квалитетни. Според Арсовски, СДСМ со нивниот предлог закон сака да ги унапреди своите и роднините на обвинителите од СЈО, што е грубо кршење на правото и потценување на интелигенцијата на народот.
Портпаролот рече дека ВМРО-ДПМНЕ бараме детална истрага за случајот „Рекет“, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, односно, како што рече Арсовски, дали и колку е инволвирана во целиот случај и која е нејзината релација и врска со двајцата осомничени кои се наоѓаат сега во притвор.
„И врапчињата веќе знаат кој се е вмешан во „Рекет“, само Јавното обвинителство во моментов молчи и не презема никакви чекори. Дури потоа обвинителите од СЈО ако не се инволвирани во случајот „Рекет“ ќе може да конкурираат за во новото обвинителство притоа исполнувајќи ги другите услови кои што ќе бидат поставени и согласно законите кои што ги предвидуваат за јавен обвинител“, рече Арсовски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ бара сите предмети од процесите коишто се започнати на ниво на обвинение до 30.06.2017 година да бидат превземени од новиот обвинител којшто ќе го води обвинителството, притоа почитувајќи го Уставот и законите.
„ВМРО-ДПМНЕ се залага сите тие предмети во фаза во која што се, дали е доказна постапка, дали е распит на сведоци, дали се завршни зборови или некоја друга фаза од текот на постапката, да ги преземе државниот јавен обвинител и истите да се прераспределат согласно процесите и советите на експертската јавност, онаму каде тие дела истите припаѓаат и треба да припаѓаат“, рече Арсовски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ предвидува финансиска независност за целокупното Јавно обвинителство и тоа од 0,8 до 1 процент од државниот буџет, кој што се гласа секоја година, да се одвојува за потребите на државното јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
Porsche го претстави најмоќниот 911 Carrera S
Porsche го додаде новиот Carrera S во понудата на модели 911. Со своите 353 kW (480 КС),
3.0-литарски боксер мотор со турбополнач и подобрена стандардна опрема, се сместува помеѓу 911 Carrera и 911 Carrera GTS. Со подобрени перформанси и динамика на возење, тој значително го надминува својот претходник. Значајната надградба на моќноста и опциите за дополнителна опрема нудат значителна додадена вредност во споредба со 911 Carrera.
Porsche повторно го лансира 911 Carrera S. Во рамките на моделската линија на Carrera, јазот помеѓу 911 Carrera и911 Carrera GTS T-Hybrid е начително намален. Неговиот погон е суштински надграден и сега постигнува нивоа на перформанси кои претходно беа резервирани за 911 Carrera GTS од претходната генерација. Дополнително, продолжениот список на стандардна опрема и значително зголемените опции за дополнителна опрема во споредба со 911 Carrera го прават атрактивен нов член на семејството на модели на Carrera. Спортскиот автомобил е достапен во верзии Coupé и Cabriolet.
Иконскиот 3,0-литарски твин-турбо боксер мотор со шест цилиндри е фундаментално надграден во новиот 911 Carrera S. Резултатот е значително зголемување на моќноста со истовремено намалување на емисиите. Неговата моќност од 353 kW (480 КС), со вртежен момент од 530 Nm, претставува зголемување од 22 kW (30 КС) во споредба со неговиот претходник. За да се постигнат овие зголемени перформанси и ефикасност, Porsche постави нови турбополначи и со големо оптимизирање на ладењето на воздухот. Новиот спортски автомобил сега се базира на дизајнот на моделите 911 Turbo од претходната генерација. Carrera S Coupé забрзува од нула до 100 km/h за 3,3 секунди и достигнува максимална брзина од 308 km/h. Осумстепен Porsche менувач со двојна спојка (PDK) ја пренесува силата на тркалата.
Проширена листа на стандардна опрема со ексклузивни опции
Porsche значително ја надгради стандардната опрема во Carrera S, која вклучува нови фелни Carrera S од 20/21 инчи, спортски издувен систем со издувни цевки во сребрена боја и Porsche Torque Vectoring Plus (PTV+). Новиот систем за сопирање претставува значитечно подобрување во односот на динамиката на возењето. Системот, познат од 911 Carrera GTS и стандардно доаѓа со црвени шепи на сопирачките и дискови со димензии од 408 милиметри напред и 380 mm назади, со што се обезбедува извонредно запирање.
Достапни се дополнителни опции за подобрување на перформансите како карбон-керамички сопирачки (PCCB) и спортската суспензија PASM, која се одликува со 10-милиметри помала висина на возење во комбинација со управување на задните тркала. Хидрауликата на амортизерите е оптимизирана во споредба со претходникот, обезбедувајќи уште подобрени возни карактеристики со зголемена прецизност и рафинирана реакција. Управувањето, во комбинација со управувањето на задната оска, е подиректно, а прецизноста на предната оска е дополнително прилагодена. Ова обезбедува уште поагилно и директно управување, а истовремено значително ја зголемува стабилноста при големи брзини.
Елегантна внатрешност
Врвните стандарди за квалитет и ексклузивност во Carrera S се подеднакво забележливи и во внатрешноста. Стандардно доаѓа со кожен пакет во црна боја. Седиштата, потпирачите за глава, контролната табла, панелите на вратите и опционалниот систем на задните седишта во Coupé се обработени со мазна кожа. Како и кај останатите варијанти на Carrera, преклопните задни седишта се достапни без дополнителни трошоци како алтернатива на стандардниот распоред со две седишта.
Достапна е и опција со уште пообемна употреба на кожа во внатрешноста, која покрива големи површини – вклучувајќи ја фиоката пред совозачот, страничните панели и задниот дел на седиштата. На барање, Porsche додава контрастни шевови во Crayon. Во целата понуда на опрема, Carrera S добива надградената стандардна опрема што се наоѓа во целата серија модели. Ова вклучува Matrix LED фарови и безжичен полнач за паметни телефони. Опциите вклучуваат систем за подигнување на предната оска, иновативните HD-Matrix LED фарови и пакетот Sport Chrono, вклучувајќи ја апликацијата Porsche Track Precision, која е идеална за деновите на патеката.
Новата 911 Carrera S сега е достапна за нарачка како Coupé и Cabriolet со погон на задните тркала.
ПР објава
Соопштенија
Огништа од БРАКО за вечерните забави на „Винтерфест“ во Велес
Фабриката БРАКО обезбеди огништа за забавите во вечерните часови на манифестацијата Винтерфест, која во изминатите денови се одржува во Младинскиот парк во Велес, во организација на општината, како дел од предновогодишната атмосфера во градот.
Одличната забава на велешани БРАКО годинава ја направи потопла, преку специјално изработени огништа кои општинските служби соодветно ги распоредија низ паркот, а на кои постителите од сите возрасти можеа да се згреат додека ги следат музичките настапи, пијат чај, се сликаат со Дедо Мраз и се забавуваат.
БРАКО редовно ги поддржува сите настани во Велес, помага на општината за инфраструктурни проекти, поттикнува индивидуални акции и покажува општествена одговорност кон градот од чие население доаѓаат најголемиот број вработени во фабриката
ПР објава
Соопштенија
„Окта“ продолжува со традиционалната новогодишна донација за поддршка на соседните училишта
Во духот на новогодишните празници, ОКТА продолжи со својата традиција на поддршка на локалната заедница преку донации намени за централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци, како и за двете подрачни училишта во селата Мршевци и Текија во општина Илинден. Оваа година покрај новогодишни пакетчиња, компанијата донираше и агрегат за струја што ќе овозможи непречено одвивање на наставата во услови на прекин на електричната енергија.
„Остануваме посветени на нашата заложба да даваме континуирана поддршка во образованието и развојот на идните генерации, преку подобрување на нивните услови за учење. Овие празници ги израдувавме дечињата со новогодишни пакетчиња, додека со донацијата на агрегатот за струја веруваме дека ќе овозможиме континуитет во спроведувањето на наставата, што претставува предизвик особено во зимските месеци“, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност на ОКТА.
Оваа предновогодишна донација е дел од континуираните општествено одговорни активности на ОКТА насочени кон образованието и унапредувањето на условите за учениците во локалната заедница, кои оваа година вклучија донација на две фотоволтаични централи во училишта во Велес и Гевгелија, донација на фотоволтаични сообраќајни знаци во близина на училишта во Центар и спроведување на кампања за сообраќајна едукација на најмладите како дел од платформата на ОКТА „Јас Внимавам“.
Директорот на централното основно училиште „Браќа Миладиновци“, Дарко Петковски, му се заблагодари на тимот на ОКТА за поддршката. „Оваа донација значително ќе го подобри функционирањето на нашето училиште, особено во услови кога е неопходна дополнителна енергетска сигурност. Пакетчињата пак им донесоа голема радост на нашите најмлади ученици, кои секогаш се радуваат на ова убаво празнично изненадување“, рече Петковски.
ОКТА продолжува со својот ангажман во поддршката на локалната заедница, насочувајќи ги вложувањата кон образованието, младите и нивниот просперитет.
ПР