Македонија
Град Скопје ќе дистрибуира топлинска енергија и ветува пониски сметки

На денешната владина седница е донесена одлука на Град Скопје да му се даде на трајно користење, топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, „Градски енергетски системи“ (ГЕС).
Како што информираат од Град Скопје, преку ова претпријатие ќе се спроведуваат мерки за намалување на аерозагадувањето во градот, кое е последица на затоплувањето на објектите, на среден рок преку развој и проширување на топлификационата мрежа, давање субвенции за приклучување, подобрување на енегетската ефикасност на објектите, намалување на потрошувачката на енергија преку регулација, како и изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас.
„ГЕС ќе овозможи обмислени градски енергетски политики, одговорен пристап кон енергетската ефикасност и рационален пристап во комбинирањето на топлификациската и гасоводната мрежа во градот. ГЕС ќе има изменет пристап кон корисниците во кој приоритет ќе има бројот на приклучени претплатници и ширењето на мрежата наспроти максимизирањето на профитот и рационализирањето на трошоците и инвестициите, како што е случај со сегашните дистрибутери на топлинска енергија“, се наведува во соопштението на градските власти.
Во него се наведува дека целта на Градот е парното греење да биде достапно за сите, односно граѓаните да добиваат пониски сметки, да запре досегашниот бран на исклучување од системот, повторно да се вратат во мрежата корисниците што го напуштиле овој начин на затоплување поради превисоките сметки за парно, но секако да се привлечат во системот и нови корисници.
Градот тврди дека преку субвенционирање на потенцијалните нови корисници и вложување во енергетска ефикасност на објектите што треба се приклучат на топлификациониот систем директно ќе влијае и да се намали потребата од топлинска енергија за затоплување, а со тоа ќе се намали и трошокот за затоплување, односно корисниците ќе добиваат помали сметки за греење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За една недела „пајакот“ кренал 132 возила во Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 01.09. до 07.09.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 132 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Македонија
СДСМ најави: Ќе продолжиме со објавување на „Вистината за АНБ“, што ја плаши власта па бега од декласификација?

„Што ја плаши власта толку многу па бега од декласификација на документите за случајот со АНБ“, прашува СДСМ.
„Дали е тоа поврзано со сомнителни, криминални активности на ВМРО-ДПМНЕ или влијание на туѓи држави? Зошто самиот премиер Христијан Мицкоски, кој тврди дека бил следен, не побара веднаш декласификација на целата документација од Агенцијата за национална безбедност?
СДСМ ќе продолжи со објавување на вистината и со поставување на вистинските прашања од кои бега власта“, велат од опозициската партија и најавуваат прес-конференција за 11 часот денеска.
Македонија
„Дали Обвинителството штити од кривична одговорност функционери на СДС и ДУИ и во фиока го чува предметот Рекет 2“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Во јавноста излезе нов скандал за криминалното владеење на СДС и ДУИ, а судско обвинителскиот систем го крие и заташкува. Судството со доверба на ниво на статистичка грешка од 2% продолжува да тоне, а Љупчо Коцевски на чело на ОЈО продолжува верно да им служи и да ги штити криминалците кои го изгласаа, СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Информациите говорат дека постои Рекет 2 и дека Основното јавното обвинителство отворило предистражна постапка, но тука застанал целиот процес и предметот се ставил во фиока.
Во случајот биле опфатени поранешната претседателка на СЈО Катица Јанева и други тројца активни обвинители, кои се обиделе да рекетираат познат бизнисмен.
Македонската јавност заслужува да знае, дали овој случај се држи во фиока затоа што се крие и штити некој од СДС и ДУИ, и дали со тоа им оставаат простор истите да ја дефокусираат јавноста?
Исто така, јавноста заслужува да знае дали Коцевски е на чело на ЈО за да го гони криминалот или пак да ги штити неговите наредбодавци од СДС и ДУИ, па затоа во изминатата година дена не е поведена ниедна постапка за нивни поранешни функционери.
Коцевски и ЈО да си ги оправдаат платите кои им ги даваат граѓаните и да се фатат за работа за да ги истражат сите криминални дејствија и да донесат правда, доста држат кријат во фиоки предмети за да заштитат од кривична одговорност лица блиски до СДС и ДУИ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.