Македонија
Царовска: Корешница стана нов дом на три лица од Заводот „Демир Капија“
Во демиркапиското село Корешница, денеска, почна со работа нов групен дом за три лица со интелектуална попреченост, кои досега беа сместени во Специјалниот завод „Демир Капија“.
Четири негуватели, поддржани од стручни лица од Заводот, ќе обезбедуваат 24-часовна грижа за корисниците и ќе им помагаат да се вклучат во општетсвото. Марија (24), Дарко (23) и Игор (24) добија дом со личен интимен простор и можност да го организираат денот според сопствените желби и интереси.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, градоначалникот на општина Демир Капија, Лазе Петров, и в.д. директорката на Специјалниот завод „Демир Капија“, Александра Велковска, им посакаа добредојде на корисниците во нивниот нов дом.
„Деинституционализацијата ги отвора нашите заедници кон лицата што неправедно беа изолирани со децении. Кога живеете во голема институција, не избирате како ќе го поминете денот, што ќе јадете, немате сопствено катче, целосно сте отсечен, дури и физички од заедницата… Живеењето со поддршка е современа социјална услуга што овозможува корисниците да живеат во средина што личи на семејната, да управуваат со своите животи и да учествуваат во заедницата и токму тоа го овозможуваме во малите групни домови“, рече министерката Царовска.
Царовска истакна дека новиот Закон за социјалната заштита дава можност за развивање и финансирање социјални услуги на локално ниво, во кои се очекува активна вклученост од локалните самоуправи и граѓанските организации.
Општина Демир Капија го обезбеди објектот во кој е сместен домот и тој беше реконструиран со средства на Министерството за труд и социјална политика.
Според директорката на Специјалниот завод „Демир Капија“, Александра Велковска, деинституционализацијата овозможува поквалитетно живеење за корисниците, но и подобри услови за работа на вработените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите
Без аргументи и без било какво чувство за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните соочени со големи поскапувања и раст на трошоците за живот ДПМНЕ ги одби амандманите на СДСМ за покачување на платите, истакна на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Како што рече, одбиени се амандманите за поголема плата за работниците, одбиен е амандманот за покачување на платите на полицајците за 20 проценти, на пожарникарите, на платите во образованието.
„Гледаме анти-социјални политики на Мицкоски и ДПМНЕ враќање на моделот во кој работниците ќе бидат само евтина работна сила. Се што е предлог за покачување на плати власта го одбива. СДСМ поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но ВМРО-ДПМНЕ и тоа го одби“, изјави Кузеска.
Од СДСМ велат дека според податоците од Државниот завод за статистика, животниот стандард на граѓаните се влошува, сиромаштијата расте. Четиричлено семејство има потреба од 62.021 денари месечно за основни трошоци. Синдикалната кошничка е зголемена за 722 денари само за еден месец. Сето ова, како што рече Кузеска, се индикатори дека народот има се помалку пари во џебовите.
Нагласи дека додека ВМРО-ДПМНЕ одбива амандмани за поголеми плати во исто време ги зголемува парите во буџетот за мебел и луксузни возила за функционерите. Со тоа, за нови возила ќе се потрошат 7,5 милиони евра, за нов мебел 1,5 милиони евра, за договорни услуги 80 милиони евра, рече Кузеска, и оцени дека тоа е апсурдно.
Македонија
Петрушевски: Поради бизнис интересот на претходната власт, граѓаните плаќаат поскапа струја, ЕСМ работи на намалување
Криминалното и недомаќинско работење на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија и ДУИ во енергетскиот сектор и во управувањето со ЕСМ резултираше со поскапа струја за граѓаните 7 години по ред, и е причина за финансиските проблеми на претпријатието до денес, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„Ако во 2017 година кога ЕСМ го раководеше премиерот Христијан Мицкоски просечната производствена цена на 1 мегават час струја во РЕК Битола беше 33 евра, сега истата е 133 евра за мегават час. Зошто е тоа така? Ако ја погледнеме статистиката ќе видиме дека во времето кога премиерот Мицкоски управувал со ЕСМ производствената цена на струјата била пониска за над 25% од таа пред тоа. А што се случува потоа? Цената од година во година расте за во 2023 година да достигне 103 евра за мегават час, а во 2024 година 133 евра за мегават час“, рече Петрушевски.
Како што додаде, растот на цената е причинет од не копањето на сопствен јаглен, и скапиот увозен јаглен. Цената на произведен мегават час струја може да се намали и веќе раководството на ЕСМ работи на тоа, додаде Петрушевски.
Македонија
Финализиран проектот за обука за финансиски истраги, поддржан од Владата на Обединетото Кралство
Министерството за внатрешни работи изразува искрена благодарност до Амбасадата на Велика Британија и тимот за обука на Царската служба за приходи и царина за Западен Балкан, за успешната реализација на Проектот за обука за финансиски истраги кој се спроведува изминативе две години.
„Овој проект овозможи значителен напредок во знаењата и вештините на нашите претставници и претставниците на партнерските институции, вклучувајќи ги Финансиската полиција, Јавното обвинителство и Царинската управа. Доделувањето на меѓународно признати акредитиви е доказ за квалитетот на програмата и нејзината важност за зајакнување на нашите капацитети за справување со финансискиот и организираниот криминал“, велат од МВР.
Министерството посебно ја истакнува посветеноста на Владата на Обединетото Кралство за поддршка во борбата против сериозниот и организираниот криминал. Оваа соработка, како што се додава, е од непроценливо значење за зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на безбедноста и владеењето на правото во нашата земја.
Со вакви проекти и заеднички заложби, продолжуваме да градиме побезбедна и стабилна иднина за сите наши граѓани.