Македонија
Царовска: Платите на стручните лица во социјална заштита зголемени за 22 отсто
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, вчера попладне го посети Центарот за социјални работи во Кочаним како и Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост. Министерката се сретна со вработените во центарот, но и со корисниците на услугите во дневниот центар со кои разговараше за социјалната реформа и за унапредување на правата на лица со попреченост.
„Со социјалната реформа освен што ја зголемивме социјалната помош за околу 300 %, ги унапредуваме и правата на лицата со попреченост со воведување и развивање услуги на локално ниво. Дневните центри се еден од овие сервиси каде што лицата со попречености добиваат услуги согласно индивидуалните потребни, но и придонесуваат за нивна поголема вклученост во општеството. Истовремено со зголемувањето на платите за 22% на давателите на услугите во социјалната заштита ја вреднуваме работата на стручните лица. Лично сметам дека овој кадар треба да е мотивиран посветено и професионално да си ја врши работата, бидејќи е клучен за имплементацијата на социјалната реформа којашто ја стартувавме неодамна. Ова се луѓето кои директно работат со лицата во социјален ризик и на нивно извлекување од сиромаштија и заслужуваат вреднување на нивниот труд”, изјави министерката Царовска во Кочани.
Министерката истакна дека социјален работник кој има 34 години стаж и претходно земаше 26.791 денари сега со покачувањето зема за 5.398 денари повисока плата, односно вкупно 32.189 денари.
Директорот на Центарот за социјални работи во Кочани, Кирил Ковачев, истакна дека, ова е најголемото зголемување на платите во историјата на социјалната заштита во Северна Македонија и дека на овој начин сепоттикнуваат социјалните работници и останатите стручни лица попрофесионално да ја извршуваат работата.
„Како за пример, негователка вработена во Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост која претходно земаше 12.583 денари, со покачувањето зема плата од 18.092 денари, со што кај неа имаме покачување 5.509 денари повеќе“, изјави Ковачев.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, ја истакна одличната соработка на Општината со Министерството за труд и социјална политика. „Ние како локална самоуправа имаме повеќе мерки за решавање на социјалните проблеми на граѓаните на Кочани. За формирање на вистинската социјална слика на локалната средина посебно значаен е Мобилниот сервис за здравствени и социјални услуги, кој работи изминатава година. Исто така, со одлуки на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите даваме поддршка на семејствата во социјален ризик. Во соработката со Министертсвото и со Центарот за социјални работи ќе продолжиме со уште поголема грижа кон граѓаните на Кочани”, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски до поддржувачите на СДСМ: Во недела гласајте за број 9 за да започнат катарзата и реформите во партијата
Митко Костадиновски е човек којшто си ја сака и се бори за проект повеќе за Виница, човек голем патриот и кој длабоко во себе ја сака својата татковина Македонија. Како претседател на Владата ќе ја има мојата недвосмислена поддршка да реализира проекти за општина Виница и убеден сум дека заедно со Владата сите проекти кои се дел од програмата ќе бидат реализирани, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот мини митинг во Виница во рамки на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори во недела на 2 ноември.
Мицкоски ја искористи приликата и од настанот во Виница им се заблагодари на граѓаните на Виница и пошироко на цела Македонија што излегоа на избори и дадоа масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со заокружување на број 9.
Исто така, Мицкоски упати повик до сите оние коишто во првиот круг останаа дома и коишто не гласаа, мислејќи дека на тој начин ќе покажат некаков пркос, ќе испратат некаква порака којашто, никој не ја препознава, да излезат масовно на гласање и да го искористат своето граѓанско право на избор.
„Денеска сме сведоци како дел од нашите граѓани коишто се на привремена работа надвор од Македонија, најчесто во западно европските земји доаѓаат во општина Брвеница, во општина Кичево мислејќи дека на тој начин ќе помогнат да двајца кандидати коишто се во тие општини ќе станат и градоначалници. Нема да успеат, но сепак, сите оние коишто во Виница одлучија во првиот круг да останата дома и кои се двоумат дали во вториот круг треба да излезат и да гласаат, ова нека им биде патоказ како треба да се брани својот интерес. А нашиот интерес, овде во Виница, пред сè и над се да имаме голема излезност и се разбира дека при една таква голема излезност бројот 9 ќе биде масовно поддржан. Не дозволувајте некој друг да ја креира вашата иднина седејќи дома, зошто тие што ќе излезат на овие избори имаат право да ја моделираат иднината на Виница и на Македонија. Со седење дома и покажување некој револт или пркос ништо нема да се добие. Затоа излезете и гласајте, затоа што на тој начин вие сте суверен на вашата иднина, никој друг нема да мисли подобро отколку што вие мислите за вашата иднина“, истакна Мицкоски.
Мицкоски испрати порака и до поддржувачите и симпатизери на СДСМ на изборите во недела да го заокружат бројот 9 за да почне катарзата и реформите во партијата и да не да го легитимираат ова партиско раководство кое СДСМ ја доведе во фаза на исчезнување.
„Знам дека не ви е пријатно и се чувствувате разочарани кога гледате како некогаш големата СДСМ едвај ја поминува границата од стотина илјади гласови, знам дека ви е тешко ова да го гледате. Но, на овие избори кога ќе бидете позади параванот, со гласачкото ливче пред вас и со пенкалото во рака имате две опции. Едната опција е да го поддржите против кандидатот на Митко, којшто доаѓа од СДСМ и на тој начин да го легитимирате ова партиско раководство кое не ја донесе СДСМ под биолошкиот минимум, туку буквално ја донесе СДСМ во фаза на исчезнување. И втората опција која е пред вас е да го поддржите Митко и бројот 9 и на тој начин да отпочне процес на внатрешна катарза, на внатрешна реформа во рамките на СДСМ. Бидејќи, верувајте, и 61 пратеник во Парламентот и 60 градоначалници и апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ и апсолутна дисциплина што до сега е невидена на политичката сцена во Македонија, имаат потреба од силна и политички стабилна СДСМ“, порача Мицкоски.
Македонија
(Видео) Минчев: Во недела масовно за бројот два, за Максим Димитриевски во Куманово, за Мирослав Лабудовиќ во Центар и Орце Ѓорѓиевски за Град Скопје
Со повик за масовна излезеност на вториот круг од локалните избори што ќе се одржи задутре Движењето ЗНАМ – за наша Македонија ја заокружува својата изборна кампања што завршува вечерва на полноќ. Повикот го упати генералниот секретар на Движењето ЗНАМ Горан Минчев и до граѓаните и до симпатизерите и поддржувачите на ЗНАМ.
„Во недела, на 2 ноември, Ве повикувам сите членови, симпатизери и поддржувачи на Движењето ЗНАМ: излезете масовно и покажете ја вашата енергија, довербата и вербата во нашата визија. Да гласаме за број 2, за Максим Димитриевски во Куманово, број 2 за Мирослав Лабудовиќ во Центар и за број 9 за Орце Ѓорѓиевски за Град Скопје и за сите кандидати на нашите владини партнери каде што нашата заедничка поддршка носи промена. Ве повикувам сите граѓани, без разлика на политичка, етничка или верска припадност: да излеземе заедно и да гласаме за визија, за работа и за систем.
Да гласаме за иднина во која младите остануваат, семејствата живеат достоинствено, а државата функционира како дом за сите“, повика Минчев.
Тој искажа задоволство од резултатите што Движењето ЗНАМ ги постигна во првиот круг а кои, вели, дефинитивно ја потврдија стабилизацијата на гласачкото тели и станаа вистински показател дека политиките што ги водат се во вистинска насока. Истовремено се заблагодари и на коалициските партнери во власта – ВМРО-ДПМНЕ И ВРЕДИ.
„Граѓаните го препознаа нашиот концепт на чесна, директна и народна политика, која наидува на сè поголема поддршка низ целата држава. Посебна благодарност упатувам и до пријателите од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја препознаа нашата искреност и визија, и застанаа рамо до рамо со нас. Ви благодарам за политичката зрелост и за поддршката во оваа заедничка борба за достоинствена, силна и обединета држава. Исто така, искрена благодарност до коалицијата ВРЕДИ, за поддршката и вербата дека само преку заедништво можеме да градиме држава во која има место за сите“, рече генералниот секретар на Движењето ЗНАМ.
Но, потенцираше Минчев, највредното од оваа кампања се средбите очи в очи со граѓаните. „Отворените врати, искрените насмевки и топлото добредојде што не пречека и што секојдневно го чувствувавме беше нашата најголема мотивација да истраеме и да покажеме што значи да се работи за народот и за државата“, порача Минчев, упатувајќи и посебна благодарност до активистите на Движењето ЗНАМ за несебичната пожртвуваност и поддршка и доверба во текот на сите пет недели од кампањата.
Македонија
67-годишен маж ја тепал сопругата, ја гушел и се обидувал со каиш да и ги врзе нозете: Семејно насилство во Петровец
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за нанесување тешка телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
При вршење семејно насилство тој со умисла тешко телесно ја повредил неговата сопруга. По кратка вербална расправија на 28 октомври во семејниот дом, осомничениот 67-годишен жител на селото Петровец физички ја нападнал сопругата, ја удирал со раце и нозе по целото тело и главата, ја гушел и се обидувал со каиш да и ги врзе нозете.
Жената на моменти губела свест, но успеала да се ослободи и преку прозорецот избегала кај соседите за да побара помош. Од семејното насилство се здобила со тешки повреди – скршеници на три ребра и хематоми.
Ценејќи ги сите околности, особено опасноста од бегство на осомничениот, но и веројатноста да го повторува насилството кое го вршел и во присуство на ќерките и малолетната внука, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, соопшти обвинителството.

