Македонија
Владата тврди: ВМРО-ДПМНЕ беа поканети на Македониум, но не се појавија
ВМРО-ДПМНЕ дезинформира дека биле спречени да дојдат на Македониум, напротив, беа уредно поканети и потврдени, но не се појавија, тврди Владата.
,,Владата испрати уредни покани до целата јавност и до сите политички партии за настаните за Илинден во Крушево, а ВМРО-ДПМНЕ беа уредно известени за сите организациски детали, при што од нивна страна стигна потврда за учество.
На 31 јули 2019 во 21:36 сите делегации имаат добиено мејл со сите логистички информации поврзани со положувањето цвеќе на сите три локации (Македониум, Слива, Мечкин Камен) со понуда за организиран превоз. На 1 август во телефонски разговор најавија дека ќе потврдат учество, после што испратија информација за делегација со нагласување дека нема да користат организиран превоз и кои се возилата со кои ќе пристигнат. За жал не се појавија да оддадат почит на гробот на Никола Карев на Македониумот”, се вели во соопштението.
Според Владата, распоредот на седење на Мечкин Камен е по стандарди на протокол, при што во трет и четврт ред се сместени сите политички партии, вклучително и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
,,Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ стана од сред настап од Тешкото на Танец за да држи прес- конференција на која изнесе дезинформации, со што покажа непочит кон Илинденската традиција (на Мечкин Камен традиционално се игра Тешкото) и кон Н.А. Танец.ВМРО-ДПМНЕ изнесе лаги во неуспешен обид да го оцрни Илинден кој постои за да обединува, а не за да дели”, се додава во соопштението.
,,Очигледно на власта не и се допаѓа постоењето на ВМРО-ДПМНЕ и затоа утрово бевме спречени да положиме венец на Споменикот Македониум на гробот на Никола Карев, а исто така ни беше оневозможено да се упатиме и кон Слива и моравме во приватна организација да одиме на двете места”, изјави претходно Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Имам информации дека судија известител ставил потпис на извештајот со кој се укинува линеарното покачување на пензиите
„Ќе кажам дека вчера за време на пратеничките прашања бев многу прецизен и кажав дека имам информации дека е отпочната постапка и оти судијата известител ставил потпис на конечниот извештај со кој се укинува линеарното зголемување на покачувањето на пензиите за пензионерите од следниот месец“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека со линеарното зголемување на пензиите како Влада сакале да го подобрат животниот стандард на околу 330.000 пензионери, но како што рече Уставниот суд ќе покаже дали има поинакви намери.
„Дали тоа ќе се случи ќе видиме наскоро, дали сум бил во право, дали информацијата била точна или не. Многу скоро ќе добиеме одговор. Јас би сакал да не сум во право. Еве посакувам да не сум во право, но што ако сум во право? Тогаш кој е тој што прави хаос и кој свесно удира по стандардот на пензионерите. Владата со тие мерки сакаше да го подобри стандардот на повеќе од 330 до 350 илјади пензионери. Некој друг има поинакви намери“, дециден е премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Продолжуваме со субвенционирање на сметките за електрична енергија за домаќинствата и сите на регулираниот пазар
Христијан Мицкоски, претседател на Владата одговарајќи на новинарско прашање изјави дека Владата ќе продолжи да ги субвенционира сметките за електрична енергија за домаќинствата и сите на регулираниот пазар.
„Регулаторот одлучува за висината на цената на електричната енергија. ЕВН Хоме е снабдувачот која што има јавна набавка за цела година за следната 2026 година, а ЕСМ согласно политиките на владата ги достави вкупните количини кои што се бараат согласно јавната набавка. Иако претходно како Влада бевме критикувани и во самиот извештај од ЕУ и од дел од јавноста, дека еден од чекорите кои што е дел од Планот за раст, а тоа е чекорот во кој што се предвидува либерализација на пазарот на електрична енергија со која ќе се снабдуваат домаќинствата.
И ние јасно кажавме дека да, тој чекор нема да го примениме, бидејќи ако го примениме тогаш цената на електричната енергија нема да биде 62, 65 евра, туку ќе биде повеќе од 100 евра за домаќинствата. И тогаш вкупната цена за домаќинствата ќе поскапи за дури фантастични 50 проценти. Ние рековме дека тоа нема да го преземеме со целиот политички ризик кој што го имаме како Влада и ќе продолжиме и понатаму да ја субвенционираме цената на електричната енергија за домаќинствата и сите оние потрошувачи кои што се на регулираниот пазар. Која ќе биде крајната цена ја одредува регулаторот, дали таа ќе поскапи 3, 4, 5, дали ќе поевтини како што тоа е случај изминатиот период итн, одредува регулаторот, откако ќе ја добие цената со која што снабдувачот ќе ги снабдува домаќинствата, потоа трошоците кои што ги има дистрибутерот, трошоците кои што ги има пренос операторот и конечно трошоците за организирање на пазарот на електрична енергија. Сите овие калкулации кога ќе бидат направени, тогаш регулаторот ќе ја одреди конечната цена која што ќе ја плаќаат граѓаните.
Инаку АД ЕСМ поднесе цена која што ќе биде 65 евра за мегават час, односно 3 евра по мегават час повеќе од тоа што беше во минатото. Ако во минатото беше 62, сега е за отприлика 4 проценти повеќе односно 65 евра мегават час. Но никако не е над 100 евра колку што е пазарната. Разликата, Владата продолжува да ја субвенционира, за да нема ценовен шок за домаќинствата и сите оние кои што се на пазарот кој што е регулиран“, посочи премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Национален интерес е државата да реагира брзо и професионално на хибридните и на информациските закани
Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на конференција посветена на хибридните и информациските закани, нагласувајќи дека темата претставува еден од најкритичните безбедносни предизвици на современото време.
Во говорот, Мицкоски истакна дека овие закани „не се гледаат, но се чувствуваат“, дека „не експлодираат, но можат да разорат“, и дека нивната цел е нарушување на довербата, слабеење на демократијата и поткопување на државниот систем.
Тој посочи дека дезинформациските кампањи веќе не се само медиумски проблем, туку безбедносен предизвик со стратешки последици, оценувајќи ја конференцијата како „аларм и потреба за системско будење“.
Мицкоски наведе дека постои напредок во институциите, но оти е потребно повеќе – повеќе обуки, развивање институционална меморија, ресурси и одржливи, а не привремени одговори.
„Нашиот национален интерес е јасен — да изградиме држава која препознава, анализира и одговара на хибридните и информациските закани координирано, брзо и професионално“, рече тој.
Премиерот најави дека Владата ќе воведе задолжителни процедури, методологии, бази на податоци и стандарди за да се избегнат „празнини“ во системот, како и континуирани обуки за службениците во сите институции, медиумска писменост и програми за дигитална безбедност за младите.
Мицкоски додаде дека Владата ќе отвори платформа за редовна соработка со истражувачки центри, универзитети, медиумски здруженија, граѓански организации и приватниот сектор, нагласувајќи дека проблемот е „премногу голем за да го носи само една институција“.
„Македонија ќе гради систем, не импровизација“, порача тој, додавајќи дека целта е рано препознавање на заканите, брза реакција на институциите, професионално постапување на службениците и граѓани кои ќе препознаваат манипулации.
Мицкоски заклучи дека хибридните и информациските закани ја напаѓаат довербата меѓу граѓаните, што ја прави државата ранлива, и дека задачата на институциите е да ја изградат таа доверба и да формираат силен и отпорен систем.

