Македонија
Објавен конкурс за асистенти за средношколците со посебни образовни потреби во Град Скопје
Град Скопје денеска објави јавен повик за ангажирање 16 асистенти за потребите на учениците со посебни образовни потреби во средните училишта на Град Скопје.
Сите евидентирани невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата општинско-корисна работа во рамките на проектот „Поддршка на инклузијата во образовниот процес – унапредување на правата и можностите за ранливите категории на граѓани во Град Скопје“ можат да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување на град Скопје, во периодот од 5 до 16 август.
Лицата што ќе бидат избрани ќе бидат ангажирани 20 часа неделно за период од 9 месеци и ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест. Целта на проектот е овие лица да се стекнат со вештини и постепено да се вклучат на пазарот на труд.
Евидентираните невработени лица што ќе се пријават за учество во програмата „Општинско-корисна работа“ треба да припаѓаат на една од следниве целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години); млади лица до 29 години; лица постари од 50 години; лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надоместок по основ на невработеност; лица кои биле корисници на Програмата условен паричен надоместок за средно образование; лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; жени припадници на ромската етничка заедница; самохрани родители; родители на деца со пречки во развојот и родители на 3 и на повеќе деца.
Заинтересираните невработени лица детални информации за Програмата ОКР можат да добијат во Град Скопје, Сектор за образование од 8:30 до 16:30 часот, секој ден на телефонскиот број 02 3297-323, Општински координатор на програмата „Општинско-корисна работа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОБСЕ ќе помогне за ефикасно враќање на нелегално стекнат имот
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска имаше средба со делегација на ОБСЕ од Одделението за организираниот транснационален криминал и корупцијата, предводена од проектниот офицер, Мерима Абдиќ, на која беше разговарано за спроведување на проектот за зајакнување на напорите за поврат на имот во регионот на ОБСЕ.
Абдиќ го презентираше проектот и подвлече дека борбата против корупцијата останува приоритет на ОБСЕ, како и на главните поддржувачи на проектот, САД и ЕУ. Таа изрази подготвеност преку проектот да споделат искуства за менаџирањето со запленетиот имот и повторената општествена пренамена на имотот.
Заменик претседателот на Владата, Фетаи информираше за неговата улога како претседавач на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата истакнувајќи го залагањето за брзото донесување на новата стратегија за конфискација на имот, која е во владина процедура.
Посебен акцент беше дадено на поддршката на ОБСЕ на институциите одговорни за примената на стратегијата како и на унапредување и повторена општествена пренамена на средствата стекнати од продажбата на запленетиот имот.
Македонија
Божиновска-Агелер: Силно партнерство со САД, разговори за енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
Средбата, како дел од континуираниот дијалог меѓу министерството и амбасадата, се фокусираше на зајакнување на соработката во областа на енергетиката, вклучително енергетската транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и поддршката за обновливи извори на енергија.
Божиновска ја истакна важноста на поддршката од Соединетите Американски Држави во справувањето со енергетските предизвици. Таа потенцираше дека односите меѓу двете земји се градат на цврсти основи на партнерство и меѓусебна доверба.
Амбасадорката Агелер ја потврди заложбата на САД за понатамошно зајакнување на енергетската безбедност и стабилност во регионот, нагласувајќи ја подготвеноста за поддршка на иницијативи кои ќе придонесат за одржлив развој.
Средбата заврши со договор за продолжување на редовната комуникација, со цел реализација на поставените приоритети и дополнително унапредување на билатералната соработка.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на промоција на проекти кои ќе ја забрзаат енергетската транзиција и ќе обезбедат долгорочна стабилност за граѓаните и економијата, соопштија од таму.
Македонија
Магла на Ѓавато, Пресека, Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 100 метри има на планинските превои Ѓавато и Пресека и во Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.