Македонија
Почна постапката за реновирање на 34 јавно здравствени установи во државата

Министерството за здравство информира дека пред два дена на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) ја почнало постапката за јавна набавка на градежно-занаетчиските услуги за тековно одржување на здравствените објекти и набавка на болнички кревети и ТВ-приемници за потребите на 34 здравствени установи во Република Северна Македонија.
Оттука велат дека заради подобрување на условите во кои се даваат примарните здравствени услуги, почната е постапката за јавна набавка за градежно-занаетчиски услуги кои ќе опфатат: комплетно молерисување на сите внатрешни простори со материјали и бои што се користат за ентериери во болници и други јавни простории и истите овозможуваат соодветно одржување и чистење; поправка и репарирање на внатрешни врати и прозорци; замена на ѕидни и подни плочки и замена на галантерија во тоалети.
Од министерството додаваат дека заради подобрување на условите во кои се даваат примарните здравствени услуги, спроведуваат и јавна набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби.
Министерството ги повикува сите заинтересирани економски оператори кои имаат интерес за учество да ја погледнат целокупната документација во Електронскиот систем за јавни набавки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Саракинов: Јакимовски ветуваше зеленило, а го бетонизираше Тафталиџе со десетканици

„Кандидатот на СДС, Филипче и Заев – Стевчо Јакимовски ветуваше зеленило, а го бетонизираше Тафталиџе со десетканици“, кажа денеска Христо Саракинов, носител на советничка листа на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ.
„Токму ваквите згради зад мене се причината и заради која СДС, Филипче и Заев го поддржуваат Стевчо Јакимовски и се во тајна коалиција со него, пуштајќи го нивниот партиски кандидат низ вода. Кандидатот на СДС, Филипче и Заев – Стевчо Јакимовски во својата изборна програма од 2021 година вети ни помалку ни повеќе туку 250.000.000 м2 нови зелени површини во општината. 4 години потоа во Карпош не само што нема нови зелени површини, туку и постоечките се уништени, не се одржуваат, а наместо зеленило имаме десеткатници каде вообичаено би требало да има куќи за индивидуално домување или помали згради. Ова овде зад мене е дел од Тафталиџе, кое некогаш беше најмирната населба во Карпош, сега е пренатрупана со згради вез никаков план за хумано живеење. Вака изгледа кога профитот ќе се стави пред хуманото урбано живеење. СДС, Филипче и Заев го поддржуваат Стевчо Јакимовски за да да продолжи. Глас за Стевчо Јакимовски е глас за забрзана бетонизација на секој чекор, уништено зеленило и повеќе профит во џебот на урбаната мафија на СДС, Филипче и Заев“, истакна Саракинов.
Македонија
Мицкоски: СДСМ настапува со слоганот „се бориме за нашиот дом“, а заборавија дека до пред година дена управуваа со домот кому му ги уништија темелите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Битола во рамки на кампањата за локалните избори на 19 октомври која е под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина! се осврна на слоганот на опозициската СДСМ.
Мицкоски посочи дека е фино што на СДСМ им текна да излезат со таков слоган „се бориме за нашиот дом“, но заборавиле дека до пред година и некој месец тие управуваа со домот, односно Македонија и државата ја оставија не со нарушени, туку со уништени темели, вработени без исплатени плати, земјоделци без исплатени субвенции, пола милион граѓани со по 150 денари на ден, двоцифрена инфлација.
Претседателот истакна дека, од моментот на преземањето на одговорноста да ја води Владата, секој ден во владата доаѓаше по некој кој сведочеше за аванси, провизии кои му ги барале во време на власт на СДСМ, за да му завршат работа.
„СДСМ на овие избори настапуваат со слоганот „се бориме за нашиот дом“. И сè е тоа фино, ама забораваат дека пред година и три месеци тие управуваа со домот. И она што го затекнавме не беа нарушени туку уништени темели. Кога ќе се сетам дека првите одлуки кои ги донесов како премиер беа да враќаме плати кои тие не ги исплатиле и дека делевме субвенции кои тие со години не ги исплаќаа. Секој ден во владата ми доаѓаше по некој кој сведочеше за аванси, провизии кои му ги барале за да му завршат работа. Немаше темел кој не беше руиниран од домот кој тие ни го водеа. Се сеќавате дека 500 илјади наши сограѓани, поточно секој трет човек во државата живееше со 150 денари на ден. Дека имаше двоцифрена инфлација, дека го руинираа животниот стандард на чие кревање напорно и постепено работиме“, рече Мицкоски.
Од друга страна, додаде Мицкоски, ДУИ беа господарите кои одлучуваа за целата економија, за тендерите, купуваа трговски центри, бензински пумпи и што уште не.
„Се сеќавате ли на Артановци кога во државните канцеларии, онака, лаконски и мирно си играа фудбалче и даваа кошеви, додека народот страдаше за корка леб? Ете, така тие се грижеа за домот. Сега нивната борба е за враќање на ова време кое народот веќе еднаш го порази. Тоа време на народот не му носи ништо добро“, заклучи Мицкоски.
Македонија
(Видео) Лукровски: Реконструкција на фасади, модернизација на лифтови и поставување шифрарници во сите станбени згради во Карпош

Карпош ќе биде пример како се градат услови за удобно и пристојно живеење, ветува кандидатот за градоначалник на Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски.
„Денес го претставуваме еден од најзначајните проекти во интерес на секојдневниот живот на граѓаните на Карпош. Програмата за реконструкција на фасади и модернизација на лифтови и поставување шифрарници во сите станбени згради на територијата на нашата општина. Знаеме дека голем број згради особено постарите со години се соочуваат со исти проблеми: дотраени фасади, нефункционални лифтови и недоволна заштита на влезовите. Овие состојби не се само естетски недостаток, тие се прашање на безбедност на достоинство и на еднаква пристапност на сите жители. Постарите лица, лицата со намалена подвижност, мајките со количките сите тие секојдневно зависат од исправноста на лифтовите. Со овој проект воведуваме и субвенции за целосна реконструкција на фасадите со што ќе постигнеме поголема енергетска ефикасност, пониски сметки за греење и ладење и поубава урбана слика за Карпош“, рече Лукровски.
Истовремено, додаде тој, ќе обезбедиме замена на сите клучни безбедносни компоненти на постоечките лифтови, од сајли сопирачки до ултразвучни механизми и системи за итни случаеви.
„Работите ќе бидат изведувани по современи стандарди и со задолжителни проверки за лифтовите, да бидат сигурни, доверливи и трајни. Дополнително во сите влезови ќе бидат поставени шифрарници за поголема контрола и безбедност на станарите, за спречување и злоупотреба од трети лица“, истакна Лукровски.
Според него, оваа иницијатива не е само техничка интервенција, ова е инвестиција во едно човечко достоинство, во комфор и во секојдневна сигурност на жителите на Карпош.
„Со овој фонд нашата општина ќе покаже дека знае да се грижи, дека умее да реагира и дека има визија, да создаде современа уредна и безбедна заедница за сите жители“, заклучи Лукровски.