Македонија
СЈО: Снимката покажува дека кажаното нема поврзаност со нашите предлози

Специјалното јавно обвинителство преку соопштение појаснува дека со снимката поврзана со случајот „Рекет“, којашто ја пренесоа повеќе медиуми, недвосмислено се потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите коишто се носени од страна на СЈО.
„Имено, на 6 февруари 2019 година ова Јавно обвинителство до Апелационен суд Скопје поднесе предлози за продолжување на мерката куќен притвор за трите осомничени лица. Постапувајќи по тие предлози Апелациониот суд Скопје на 7 февруари 2019 година донесе решенија за продолжување на мерката куќен притвор во времетрање од 30 дена. Потоа, против решенијата на Апелациониот суд Скопје трите осомничени лица изјавија жалби до Врховниот суд. По повод изјавените жалби, ова Јавно обвинителство на 21 февруари 2019 година до Врховниот суд достави предлози, жалбите да се одбијат како неосновани и да се потврдат решенијата на Апелациониот суд за продолжување на мерката куќен притвор“, велат од СЈО.
Додаваат дека Врховниот суд, и покрај ваквите предлози на ова Јавно oбвинителство, на 4 март 2019 година донело решенија со кои се уважени жалбите на трите лица, решенијата на Апелациониот суд Скопје се преиначени и е укината мерката куќен притвор.
„Наспроти сите мислења дадени од страна на ова Јавно обвинителство да не се укинат мерките притвор за овие лица, Врховниот суд одлучи спротивно на тие мислења. Се надеваме дека ова појаснување ќе ги запре сите шпекулации за поврзаноста на ова Јавно обвинителство со случајот ‘Рекет’“, велат од СЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонија и Италија за користење на ЕУ фондови

Во рамките на официјалната посета на Република Италија од делегација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, предводена од Петар Богојески, во Рим беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу македонската и италијанската Национална агенција, предводена од Федерика Целестини Кампанари.
Овој стратешки документ претставува темел за унапредување на билатералната соработка во областите на образованието, науката, младите, спортот и културата, со што се отвораат нови перспективи за директна поддршка на македонските универзитети, училишта, младински организации и компании преку европски фондови од Брисел, чии финансиски капацитети се значително повисоки од оние кои се достапни преку националните програми.
Потпишувањето на ваков документ со една од основачките и водечки земји-членки на Европската Унија, Италија, претставува чин од особена важност за Република Македонија. Истовремено, тоа е јасен сигнал за проширување на европската солидарност и зацврстување на меѓусебната доверба и партнерство на полето на образовниот и научниот развој.
Со овој договор, корисниците од Република Македонија ќе добијат непосреден пристап до институционални мрежи, програми и партнери од Италија, со можност за заедничка реализација на проекти и иницијативи од европски ранг.
Ова партнерство претставува уште еден чекор напред во заложбите на Националната агенција за создавање нови можности за македонските граѓани, во духот на европските вредности, меѓународната соработка и одржливиот развој.
Националната агенција изразува длабока благодарност до италијанските домаќини за топлиот прием и за визионерскиот пристап кон заедничката европска иднина на нашите млади генерации.
Македонија
Ѓорѓиевски: Награди за талентираните ученици

„Кисела Вода изобилува со талентирани ученици, на што сме исклучително горди! За таа цел, објавен е јавниот повик за доделување на награди на талентирани ученици и спортисти од основните училишта на територијата на Кисела Вода, што претставува еден стимул за нивното понатамошно градење како личности“, велат од Општината.
„Имено, се работи за Јавен повик за пријавување на најдобрите основци кои, постигнале одлични резултати на натпреварите во образованието, културата, науката и спортот кои ќе добијат финансиска поддршка, а мешовити комисии составени од претставници на Советите на родителите, наставничките совети, општинската администрација итн, ќе се погрижат за објективен и транспарентен избор на најдобрите, согласно Правилниците донесени од страна на Советот на општината, за таа намена.
Огласот е објавен на веб страната на општината и ќе трае пет дена од денот на објавувањето, а покрај објавата на општинската веб-страна и социјалните медиуми, истиот ќе биде објавен и на огласните табли на сите воспитно-образовни установи во општината.
Ги повикуваме сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите наведени во огласот, да не се колебаат и да земат учество во изборот“, се додава во соопштението на Општината.
Јавниот оглас и потребните документи за апликација може да ги најдете на следниот линк
Македонија
(Фото) Герасимовски во Капиштец: Вложуваме во квалитетен живот на центарци, програмата заедно ќе ја пишуваме

Општина Центар, синоќа го почна караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ во населбата Капиштец.
Герасимовски, како што соопштува Општината, во интерес на транспарентноста и решавање на проблемите на центарци, во следните три недели ќе ги посети жителите и заеднички ќе дискутираат за проектите што се спроведуваат, но и ќе ги сослуша сите проблеми и идеи со кои ќе се креира новата четиригодишна програма за уште поубав Центар.
Пред жителите на Капиштец, Герасимовски информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“. „Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ продолжува и денеска, на средби со центарци во Дебар маало, кај клупата на Горан Стефановски, со почеток во 18.30 часот.