Регион
Јадранското Море загадено, експертите предупредуваат за опасност од зарази
На средина на туристичката сезона, Јадранското Море секој ден станува сè позагадено, а експертите веруваат дека поради ваквата состојба на капачите им се закануваат и многу зарази, пишува хрватски „Индекс“.
Најпроблематична е состојбата во, за многумина, најубавиот хрватски град, Дубровник.
Во втората половина на јули е забележано значајно излавање на отпадни води кај Дубровник, па инспекторатот за заштита на животната средина им наредил на градските власти да воведат забрана за пливање на плажа во Колочеп.
„Во морето има сè повеќе фекалии, но тоа може да се реши со носење на соодветни регулативи“, вели за „Индекс“, Жарко Кобоевиќ од поморскиот оддел на Универзитетот во Дубровник.
Тој додава дека хрватската страна на Јадранот е сè позагадена пропорционално со зголемувањето на бројот на чамци и јахти.
Кобоевиќ како можно решение во овој поглед го наведува примерот на Калифорнија, која во однос на фекалиите го прогласи целото крајбрежје како „No discharge“ зона, што значи дека е забрането испуштање фекалии од пловилата во морето.
„Калифорнија успеа да го реши ова прашање со тоа што предвидува дека фекалиите од бродовите мора да се пренесат во тоалети на марината. Значи, решенија сепак постојат“, потенцира Кобоевиќ, кој проблемот го гледа во непрецизните регулативи кои се на сила во Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Запален автомобил што го користел градоначалникот на Мостар
Во Мостар синоќа беше запалено службено возило што го користел градоначалникот Марио Кордиќ. Инцидентот веднаш бил пријавен во полицијата, која спроведува истрага, изјави градоначалникот.
Кордиќ во својот пост објавен на социјалните мрежи нагласи дека го смета овој настан за резултат на организирано создавање негативна атмосфера.
„Во последно време сме сведоци на организирано создавање наратив на омраза и напади врз мојата работа само затоа што ги штитиме интересите на градот Мостар“, напиша Кордиќ.
Тој додаде дека таков наратив има свои последици и дека „овој настан јасно покажува каква е целта на оние што го поттикнуваат“. Тој рече дека тоа нема да го спречи да ги извршува своите должности.
„Жал ми е што дојдовме во ситуација каде што мора да бараме полициска заштита за да ги извршуваме нашите должности, но тоа нема да нè спречи. Продолжуваме посветено, одговорно и исклучиво да работиме во интерес на Мостар“, нагласи градоначалникот.
Тој најави дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите наоди по завршувањето на истрагата.
фото: принтскрин
Регион
Училиштата во Загреб алармираат: ученици разменувале експлицитни материјали од насилство на „Ватсап“ група
Неколку основни училишта во западниот дел на Загреб ги предупредиле родителите за содржини што ги разменувале ученици во „Ватсап“-група наречена „Луѓенца“, објави „Јутарњи“.
Според информациите, во групата се споделувале експлицитни сексуални материјали, нацистички симболи и фотографии со крајно насилен и вознемирувачки карактер. Директори на училиштата ги повикале родителите да обрнат поголемо внимание на активностите на своите деца на мобилните телефони.
Една мајка за која пишува „Јутарњи“ изјавила дека е згрозена кога дознала на каков материјал може да наидат децата, предупредувајќи дека многумина родители не знаат како да пријават несоодветна содржина на „Ватсап“. Училиштата, според весникот, најавиле дополнителна едукација за безбедно користење на интернет.
Психологот Јокиќ Бегиќ за „Јутарњи“ изјавил дека ваквите случаи укажуваат на сериозен пад на општествените норми и недостиг на контрола, нагласувајќи дека решението е навремена едукација и јасно одбивање на вакви содржини од страна на јавноста.
Од Град Загреб за „Јутарњи“ потврдиле дека станува збор за неколку училишта и дека случајот е пријавен во полиција. Оттаму апелираат родителите да ги следат активностите на своите деца на социјалните мрежи и да пријавуваат сомнителни материјали.
Директорка на едно од училиштата, чија порака ја пренесува весникот, навела дека слични содржини се делат и на „Снепчет“, предупредувајќи дека станува збор за одвратна и опасна содржина што може да го загрози менталното здравје и безбедноста на децата.
Регион
(Видео) Шокантна сцена во Дубровник: што се исфрли морето на брегот
Шокантни слики доаѓаат од Јадранот, каде што најпознатата плажа во Дубровник, Бање, е оставена покриена со ѓубре откако морето исфрлило големи количини отпад на брегот!
Жителите на Дубровник ги фотографираат и снимаат тажните сцени од познатата плажа, но не се изненадени од оваа сцена бидејќи се повторува од година во година.
Како што објави „Дубровачки дневник“, ова е проблем што се повторува со години, кога морето носи огромни количини ѓубре, најчесто од Албанија, на хрватските брегови и плажи.
фото: принтскрин

