Регион
Вучиќ за инцидентот во Белград: Демонстрантите го кршат законот, но јас не сакам сцени како во Париз
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска изјави дека членовите на протестот „1 од 5 милиони“ кои синоќа насилно ја срушиле безбедносната ограда пред зградата на Претседателството, знаат дека го прекршиле законот, додавајќи дека ќе побара од обезбедувањето во иднина да ја отстрани оградата.
Тој порача дека очекува учесниците на протестите во иднина да не упаѓаат во зградата.
„Правете што ќе посакате, само не го кршете законот и немојте насилно. Ги повикувам сите луѓе, како од полицијата, така и од воената полиција и моето непосредно обезбедување, да им дозволат да ми пријдат, но не дозволувајте да предизвикаат крвопролевање и инциденти. Мора да го задржиме мирот во земјата, јас не сакам сцени како во Париз“, рече српскиот претседател.
Синоќа во Белград се одржа 36. по ред протест на граѓаните „1 од 5 милиони“, на кој на крајот од протестот, пред Претседателството кое е официјално седиште на Александар Вучиќ дојде до инцидент, кога тричлена делегација се обиде да ја тргне оградата пред објектот за да го достави списокот со барања на демонстрантите.
Притоа дојде до туркање на демонстрантите со многубројното обезбедување во цивилна облека, кое го спречи тргањето на оградата, па еден од демонстрантите заврши во Ургентен центар.
Еден од организаторите на протестите, Срѓан Марковиќ, рече дека со обезбедувањето бил постигнат договор да се овозможи делегацијата да го остави списокот со барања за фер избори.
Меѓутоа, откако биле спречени во таквата намера, демонстрантите се обидле да ја отстранат оградата околу зградата на Претседателството.
Во исто време, дошло до реакција од страна на обезбедувањето и започнало меѓусебно туркање.
Марковиќ успеал да прескокне преку оградата и со списокот на барања во рацете се обидел да дотрча до влезот на зградата, но неколку членови на обезбедувањето го фатиле и со употреба на физичка сила го вратиле на другата страна од оградата.
На делегацијата на демонстрантие набрзо потоа и било дозволено да стигне до зградата на Претседателството и да го достави списокот со барања, документ во кој се содржани 42 точки кои претставуваат црвена линија без чија имплементација до 1 септември, нема да има избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

