Македонија
На Богородица и Табановце се чека по половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Зголемена е фреквенцијата на возила на ГП Богородица и ГП Табановце каде времето на чекање за излез од државата е од 15 до 30 минути. На другите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на геријатрија зел 20.000 евра поткуп за да смести неподвижно лице

Заедно со посредник, директорот на болницата за геријатрија, Мухсин Арифи, барал и примил поткуп за сместување на болно и неподвижно лице во геријтриската установа.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, откривајќи детали за акцијата на МВР со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека поткупот бил во износ од 20.000 евра.
За жал, кога сѐ уште владее национална тага, вели Јанев, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат.
Тој уверува дека нема да се дозволи ваквите случаи да останат неказнети.
Мухсин Арифи беше приведен денес заедно со уште едно лице во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Предложено е спојување на Фондот за иновации со Агенцијата за поддршка на претприемништво

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од реорганизација на Фондот за иновации и технолошки развој и предлог за спојување со Агенцијата за поддршка на претприемништво.
Владата го задолжи Министерството за образование и наука во рок од 10 дена да формира работна група со претставници на Канцеларијата на Претседателот на Владата, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Фондот за иновации и технолошки развој која ќе има за цел да изработи нов или измена и дополнување на Закон за иновациска дејност со кој ќе се регулира реорганизацијата на Фондот за иновации и технолошки развој.
Македонија
Владата ќе набави 120 еколошки автобуси за градски превоз

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на 120 еколошки автобуси за градски превоз.
Министерството за транспорт е задолжено да ја отпочне постапката за јавна набавка.
Распределбата ќе се изврши согласно ургентноста, економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа, се вели во информацијата од владината прес-служба.