Македонија
Продолжува судењето за „Титаник”

Во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето за случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ на специјалното јавно обвинителство.Последното рочиште за овој предмет на 5 јули беше одложено поради неприсуство на Миле Јанакиески, кој е еден од обвинетите.
Освен Јанакиески, во „Титаник“ обвинети се и поранешниот премиер во бегство Никола Груевски, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Предметот „Титаник“ го води специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари очекува решение што нема да биде фрустрирачко за партиите од „Вреди“, вечерва оди на состанок со лидерите од коалицијата

Лидерот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, најави дека вечерва ќе ги продолжи разговорите со лидерите од „Вреди“ по најавите дека коалицијата ќе прерасне во една политичка партија, која како еден голем политички субјект ќе настапи на претстојните локални избори, но за тоа сè уште нема согласност од Таравари.
„Од ‘Вреди’ ги продолжуваме разговорите. Вечерва имам состанок, сите четири-пет претседатели на партиите. Континуирано има комуникација. Се надевам дека работните групи ќе продолжат и ќе изнајдат најдобро можно решение што нема да биде фрустрирачко или, да речам, демотивирачко за партиите што се дел од ‘Вреди’“, рече денес лидерот Таравари по посетата на болницата во Гостивар.
Несогласувањата во коалицијата „Вреди“ излегоа во јавност на крајот на минтиот месец. Партнерите во коалицијата на неколку состаноци не успеаја да се договорат која парија колку градоначалници ќе предложи за локалните избори наесен. Имаше шпекулации дека министерот Таравари побарал 50 отсто од кандидатите за градоначалници да бидат од неговата партија, на што не биле согласни другите партнери во коалицијата. Таравари ниту демантира ниту потврди дека барал 50 отсто од кандидатите да бидат од неговата партија. Тој рече дека не бил известен оти другите лидери веќе се договориле „Вреди“ да стане политичка партија и преку медиумите им порача дека може да го задржат името, а Алијансата за Албанците да оди сама на локалните избори.
Лидерот на Демократско движење и министер за животна средина, Изет Меџити, како еден од основачите на “Вреди“, го повика Таравари да остане во коалицијата и му порача да ги прекине преговорите со Демократската унија за интеграција.
Македонија
Пандов прави шоу и ги омаловажува колегите, реагира Независниот синдикат на полицијата

Независниот синдикат на полицијата реагира на прес-конференцијата на директорот на управата за извршување на санкциите, Александар Пандов, во врска со настаните од КПД Штип.
„Во споменатата прес-конференција директорот на ја објавува реалната состојба, туку прави шоу за граѓаните со цел омаловажување и дискредитирање на колегите. Сметаме дека секој настан треба да биде истражен професионално и со должно внимание и да се избегнува јавна осуда пред да биде завршена постапката, а до нас доаѓаат информации од колегите дека изнесените ставови на директорот во целост не соодветствуваат со истрагата и евидентираните преземени мерки во дневниот извештај“, велат од Синдикатот.
Бараат од директорот и од сите други функционери, кој периодов ја коментираат работата на полицијата, во иднина кога објавуваат или коментираат работа на полициските службеници тоа да го прават со внимание по завршувањето на постапките во целост.
Македонија
Вработените во штипскиот затвор со поинаква верзија за дрогата, за полицијата и за кучката Цеца

Група вработени лица во штипскиот затвор реагираа со демант на прес-конференцијата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, и на директорот на штипскиот затвор во врска со случувањата во штипскиот затвор.
Вработените во реакцијта, што ја објави штипската телевизија „М нет“, велат дека директорот во своето излагање кажал многу невистини, кои не кореспондираат со реалноста и со преземените службени дејства на овластените службени лица.
„Како вработени во установата во целост ја негираме ваквата лошо составена приказна, која се пласира на ироничен начин и со цинизам во јавноста, одговорно тврдиме дека вистината е сосема поинаква и постапувањето во однос на пронаоѓањето сомнителни предмети фрлени од страна на лицата што дојдоа до затворот во овој настан преку безбедносниот ѕид беше во правец на тоа да го пронајдеме она што е фрлено и доколку има што и да било недозволено, да го одземеме и да пријавиме во СВР – Штип.
Во текот на ноќните часови потрагата заврши без успех, но во текот на утринските часови, со самото разденување, повторно е направен обид да се пронајдат предметите, при што успешно е пронајдена најлонска кеса, во која е пронајдена и сомнителната прашеста и тревна материја. По нејзиното пронаоѓање, преземени се сите оперативно-протоколарни дејства, известен е директорот на установата, пријавен е настанот во полиција, инспектори од СВР – Штип и крим-полицијата пристигнаа во затворот и пронајденото е предадено за понатамошно постапување. Евидентни се целосното постапување и преземените конкретни чекори во самиот дневен извештај на затворската полиција, а со сигурност го има и во полицискиот билтен.
Во ниеден момент нема простор за сомнеж дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на своите работни задачи и соработувал со осуденото лице во негова полза, како што беше споменато на прес-конференцијата од страна на директорите.
Исто така, сакаме да напоменеме дека токму за осуденото лице Ж. Ж. директорот на установата на неколку наврати дозволува посети надвор од работното време со телефонски повици кон одговорниот на смена, тоа е заведено во рапортните книги на установата, директорот на установата има дозволувано и вонредни пакети за ова осудено лице, но ништо од тоа не беше кажано на споменатата прес-конференција!“, напишаа вработените во КПУ „Затвор Штип’ до редакцијата на „М нет“.
Претходно, Пандов на прес-конференцијата тврдеше дека некој фрлил дрога преку оградата, а откога полицијата во мракот не ја нашла дрогата, затворските полицајци и затворениците следниот ден се правдале дека барале изгубен часовник. Целиот настан го регистрирале безбедносните камери во затворот. Пандов тврдеше дека кога директорот ги прашал затворската полиција и командирот што барале и зошто барале, зошто не реагирале, објаснувањето и во нивната службена белешка било дека затвореникот Ж. Ж. си играл со кучката Цеца, а имал скап часовник. Кучката му го зела часовникот додека трчала низ тревникот и му го изгубила, па вработените, за да му излезат во пресрет, го барале часовникот“, рече тогаш Пандов.