Македонија
Норвешка ни понуди помош за прилагодување на НАТО-стандардите
Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Кралството Норвешка, предводена од НГШ на ВС на Кралството Норвешка, адмирал Хакон Брун-Хансен, во рамки на дводневната официјална посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Генералштабот на Амијата и Министерството за одбрана.
По пречекот со високи воени почести, адмиралот Хансен имаше прием кај својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што оствари средба со заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
На средбата со министерката Шекеринска беше искажана подготвеност од норвешка страна за споделување на нивното искуство и поддршка на нашата земја во прилагодувањето на стандардите на НАТО и вкупната транзиција кон алијансата. Министерката Шекеринска се заблагодари за ратификацијата од страна на Норвешка на приемниот протокол на нашата земја во НАТО, како и за досегашната поддршка, и изрази увереност дека истата ќе зајакне и ќе се продлабочи. Беше заклучено дека регионалната соработка е важен инструмент во создавањето стабилност и меѓусебно разбирање на земјите. Во таа насока беше подвлечено дека членството во НАТО ја јакне регионалната соработка при што соработката на скандинавските земји беше наведена како еден од најуспешните примери во светот.

За време на официјалниот состанок, од страна на генералот Ѓурчиновски беше искажана благодарност за досегашната соработка и континуираната подршка од страна на ВС на Кралството Норвешка, притоа изрази надеж за проширување на досегашната соработка и изнаоѓање нови облици на соработка во понатамошниот период.
Од страна на адмиралот Брун-Хансен, досегашната долгогодишна соработка со нашата армија се оцени како значајна, по што искажа уверување дека со нашето скорешно полноправно членство во НАТО-алијансата ќе се унапредат и облиците на билатералната воена соработка.
За време на состанокот, делегацијата од Кралството Норвешка беше запознаена со процесот на трансформацијата на армијата, Учеството во мировните операции, користење на капацитетите на АП Криволак за вежбовни активности, а се разговараше и за можностите за унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии.
НГШ на ВС на Кралството Норвешка, за време на посетата, ќе оствари средба со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и ќе посети дел од командите и единиците на Армијата стационирани во касарната Илинден, меѓу кои и Балканските наменски едицински сили, каде ќе се запознае со нивната мисијата и задачи.
Армијата на Република Северна Македонија има развиено многу добра соработка со ВС на Кралството Норвешка, која пред сè е значајна од учеството на наш медицински хируршки тим, кој учествуваше во рамките на Норвешката полска болница од 2008 до 2012 година во Мејмана, Авганистан. Кралството Норвешка ја донираше Лесната маневарска полска болница која е во состав на нашата армија, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот ,,Лепеза“ и Регионалниот центар за односи со јавност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.
Македонија
„Блаже Конески“ го почнува второто полугодие со нов лик – модерно училиште со 16 училници, библиотека, сала, кујна
Општина Аеродром денеска го пушти во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин. На свеченоста присуствуваа градоначалникот Дејан Митески, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
По 70 години, училиштето доби современ лик и услови за квалитетно образование. Новите училници, кабинети и заеднички простории обезбедуваат простор за развој на учениците и подобри услови за наставниците.


Проектот е капитална инвестиција на Општина Аеродром, реализирана со поддршка од Владата, вреден 200 милиони денари. Во новиот дел на училиштето се изградени 16 модерни училници и кабинети, библиотека, сала со бина, лифт, кујна и трпезарија, енергетски ефикасна фасада и целосно пристапни услови за сите ученици.
Втората фаза од овој проект веќе е започната и опфаќа изградба на спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека, просторен хол за активности и партерно уредување на дворот со игралишта, зеленило и нов паркинг, со вкупна вредност од 253 милиони денари.

Овој капитален проект ја потврдува посветеноста на Општина Аеродром кон развој на современо, безбедно и достапно образование за сите ученици.
Македонија
Мицкоски: Мафијашки упади во времето на вонредната состојба, случајот со Жан Митрев отвора прашања и за одлуките на Пендаровски
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е изненаден од тврдењата на хирургот Жан Митрев дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев сакале да му ја преземат приватната клиника. Мицкоски оцени дека таквите „мафијашки упади“ се случувале токму во периодот на вонредната состојба и побара Обвинителството да постапи по допрен глас.
„Не сум изненаден, знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено кога се носеа вонредни состојби и со уредби на сила се надсинхронизираа законите и Уставот“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за сведоштвото на Митрев.
Тој посочи дека нема дополнителен коментар, но очекува Обвинителството да се произнесе: „Немам што да коментирам, претпоставувам би требало Обвинителството по допрен глас да коментира. Но тоа мене не ме изненадува.“
Мицкоски додаде дека има повеќе сведоштва за однесувањето на тогашната влада во периодот на вонредната состојба и укажа на уредбите со законска сила што тогашниот претседател Стево Пендаровски ги носел:
„Сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски Стево во тој период стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател Пендаровски Стево и пред законите и пред Уставот.“
Според Мицкоски, постојат основани сомневања дека дел од тие одлуки биле спротивни на Уставот и законите. „Ќе чекам да видам дали Обвинителството ќе постапува по допрен глас – истото што го чекаат сите граѓани во Македонија“, додаде премиерот.

