Соопштенија
Костадинов: Системски се враќаат пари кај граѓаните, владините мерки даваат резултати

Реализацијата на мерките што обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните се одвива постојано и непречено, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Како што кажа тој, според официјални информации, заклучно со јули 2019 година повратот на ДДВ кон претпријатијата во однос на истиот период од 2018 година е поголем за 14,5 отсто.
„Во апсолутни бројки тоа значи 30 милиони евра повеќе назад во стопанството, во споредба со првите седум месеци од минатата година“, истакна Костадинов додавајќи дека и мерката за поврат на ДДВ кај граѓаните дава одлични резултати.
Според партискиот портпарил, вкупно се скенирани над 9,5 милиони фискални сметки, а повратот на 15 отсто од платеното ДДВ кон граѓаните изнесува над 80 милиони денари.
Тој ја спомена и распределбата на картичките за зелена нафта наведувајќи дека преку оваа мерка, 200 милиони денари или над 3 милиони евра ќе се вратат назад кај околу 55.000 земјоделци.
Костадинов се осврна и на неколку други економски мерки на владата.
„Со социјалната реформа, социјалната помош расте и до 300 отсто, а опфатот на деца кои добиваат детски и образовена додаток расте до 20 пати. Со намалувањето на ДДВ за топлинска енергија, сметките за парно веќе од овој месец поевтинуваат во просек за 200 денари месечно, што е годишна семејна заштеда од над 2.000 денари“, нагласи тој додавајќи дека концептот „парите кај граѓаните“ е системски и дава реални резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Оливера Ливриниќ со средби со жителите на населбата Ферид Бајрам: најавени нови инфраструктурни и комунални инвестиции

Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел, Оливера Ливриниќ, оствари средба со жителите на населбата Ферид Бајрам, при што најави повеќе инфраструктурни проекти со цел подобрување на условите за живеење и поголема безбедност на граѓаните.
Меѓу најавените активности се уредувањето на просторот кај Тедико, кој ќе добие зеленило и фонтана – ново место за одмор и рекреација за жителите од овој дел на Бутел, се наведува во соопштението.
„Планирана е и изградба на атмосферска канализација на булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, зад автобуската Чаирче, како и реконструкција на уличното осветлување во населбата, со што ќе се зголеми безбедноста и ќе се подобри урбаното уредување“, се вели во соопштението.
Според кандидатката, посебен акцент ќе се стави на обновата на трите парка во овој дел од општината:
Паркот на ул. „Мара Междуречка“
Паркот на ул. „Никола Петров“
Паркот спроти ООУ „Петар Здравковски Пенко“
„Секој парк ќе биде безбеден, уреден и пријателски – за децата, за родителите, за сите што живеат тука. Ова не се само ветувања, туку конкретни планови што ќе ги реализираме заедно со граѓаните“, изјави Ливриниќ.
Соопштенија
Анѓушев: Паркингот пред Лептокарија ќе произведува струја

Носителот на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина во Општина Карпош, Александар Анѓушев и кандидатката за советничка Љубица Шопова денес се сретнаа со дел од жителите на Лептокарија. Во разговор со граѓаните беа претставени програмските приоритети на коалицијата, како што се зелени и пристапни јавни простори, транспарентно локално управување и оживување на културниот живот во Карпош.
Анѓушев најави јасен курс кон спроведување на одржливи решенија за паркирањето во овој дел од општина Карпош.
„Паркингот пред Лептокарија мора да прерасне во извор на чиста енергија, во Советот ќе бараме поставување на соларни настрешници наместо изградба нова катна гаража и бетон. Јавниот интерес мора да биде пред профитот“, рече Анѓушев.
Шопова зборуваше за приоритетите во делот на културната инфраструктура и јавните објекти.
„Напуштените јавни објекти во Карпош ќе ги пренамениме во живи културни пунктови за музика, театар, ликовни и младински програми. Јавниот простор е право, не милост, културата треба да се гледа и слуша во секое маало“, порача Шопова.
Соопштенија
Алексовски: Развој на локалитетот Калин Камен и прочистителна станица во Крива Паланка

Кандидатот за градоначалник на општина Крива Паланка, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Алексовски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека општината ќе биде пример за развој, со конкретни проекти и визија во областа на инфраструктурата, образованието, културата, спортот и соодветна грижа за младите и постарите.
„По децении ветувања-нашиот планински бисер, локалитетот на Калин Камен ќе го добие заслуженото место на туристичката карта, поставувањето на ски лифтот на локалитетот ќе значи реален развој на Калин Камен. Поддршката за младите и спортот ќе биде реална и конкретна, ќе славиме заеднички победи со проектот 100.000 евра годишно за спортот во Крива Паланка. Изградба на ново сообраќајно решение со мост и семафорска раскрсница за поврзување на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“ со патниот правец А2 и населбата Бегови Бавчи. Изградба на нов мост преку Крива река во ширина од 7 метри со тротоари за безбедност на учениците и учесниците во сообраќајот“, рече Алексовски.
Алексовски истакна дека ќе се инвестира во патната инфраструктура, младите и спортот, но воедно и Крива Паланка ќе добие спортски терени, нови детски игралишта и прочистителна станица за отпадни води на Крива река.
„Ќе градиме локална и регионална патна инфраструктура, со предвидени над 40 километри асфалтирање на патни правци во повеќе села. Ќе градиме и канализациони системи, ќе ги одржиме постојните и нови зелени површини. Ќе го ставиме во функција градскиот базен, спортот ќе доживее експанзија со доуредување на спортската сала кај мотел Македонија. Младите ќе имаат централно место во нашето работење, ќе формираме центар за млади, младите ќе добиваат не само стипендии, туку спортистите ќе имаат буџет за спортски ваучер, ќе се отвори локално радио Крива Паланка, ќе поддржиме младински старт-апи, ќе се градат и уредуваат нови детски игралишта, спортски терени, ќе ги обновиме училиштата. Крива Паланка ќе добие главен колектор и прочистителна станица за отпадни води на Крива Река, проект за кој етапно ќе изнаоѓаме средства“, вели Алексовски.