Свет
Германски судија го нападна Салвини за потсмевање со фотографијата на НВО активист
Судија во Германија му нареди на популистичкиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, да отстрани фотографија од промигрантски активист на НВО или да се соочи со голема казна, пренесува „Ил џорнале“.
Фотографијата на Сорен Моје, член на екипажот на бродот на невладината организација „Мишн лајфлајн“, беше објавена на „Твитер“ од страна на Салвини минатата година откако групата го нарече Салвини „фашист“.
„Овој господин од екипажот на бродот на германската невладина организација, кој чека да натовари имигранти, ме нарекува фашист… Многу уверливо, би рекол!“, напиша Салвини.
Фотографијата е снимена од новинарот Фридхолд Улонска пред да биде објавена на веб-страницата „на „Мишн лајфлајн“, а потоа објавена на „Твитер“ од Салвини.
Судијата во случајот му нареди на Салвини да ги избрише твитот и сликата во која се наведува дека лидерот на „Лига“ го нарушил авторското право на сопственикот на сликата. Ако не ја отстрани сликата, Салвини би можел да се соочи со казна до 250.000 евра, па дури и со затворска казна до шест месеци.
„Матео Салвини користи фотографски материјал од спасувачки мисии на море, слики направени од мене, како алатка за негово поттикнување против нас“, рече Фридхолд Улонска, кој ја поднесе жалбата.
„Тој не ме праша за дозвола. Како и сите други, и Матео Салвини мора да го почитува законот. Ако не го стори тоа, како во овој случај, ние треба да го потсетиме на границите на неговите постапки со сите уставни средства“, додаде тој.
„Мишн лајфлајн“ неретко е дел од контроверзии, па претходно годинава ги повика германските граѓани да стапуваат во брак со нелегалните мигранти и баратели на азил, за да им помогнат да останат во Европа.
„Сè уште не сте во брак? Можеби би можеле да се вљубите во некој што нема право да остане тука? Може да се случи тоа, нели? Останете отворени“, напиша групата на „Твитер“.
Во 2017 година канцеларијата на обвинителството во Саксонија, исто така, објави дека НВО е под истрага за трговија со луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

