Македонија
Левица: Нашиот советник нема да гласа за спорниот ДУП без одобрение од жителите на Трнодол

Вчера при одржувањето јавна презентација на ДУП Ј03 на општина Карпош дојде до полн израз револтот на граѓаните од непрекинатите манипулации низ годините од страна на повеќе гарнитури на општинската власт. Градоначалникот Богоев во неколку наврати повика да му се верува на зборот дека нема да никнат згради и дека процедурата за ДУП-от била само формално вклопување, односно следење на стариот ГУП што е обврска на општината, соопшти Левица.
Според партијата, оваа гарнитура на СДСМ и покрај сите ветувања, одби да застане на патот на градежната олигархија и токму затоа и нема никаков легитимитет да бара доверба од жителите за кои нема слух, а уште помалку политичка волја да ги реализира нивните барања.
,,Една од главните критики кон претходниот општински состав беше нетранспарентното носење на ДУП-ови, почнување на процедури среде лето кога повеќето граѓани се на одмор или во работно време. Во самата кампања, а и пред тоа, сегашниот градоначалник и неговите сопартијци силно ја критикуваа ваквата нетранспарентна пракса. Сега од позиција на власт, јавна презентација на ДУП се закажува сред лето, во работно време и за време на портокалова фаза кога има препорака за неизлегување на сонце. Без разлика на тоа што формално се запазени законските рокови, револтот кој го искажаа граѓаните на самата презентација против ваквата недемократска пракса е целосно оправдан.
Дополнително,едно од главните барања на граѓаните за време на изборната кампања беше стопирање на ДУП-овите донесени од претходниот градоначалник во сомнителни околности и кои општината ја претворија во нефункционално место за живеење и урбанистички хаос. Стефан Богоев потпиша и заложба дека ќе ги искористи сите правни можности да се стопира тоа што може за да се минимизира штетата. Но, кога дојде момент да се исполни ветеното и кога беше предложено стопирање на сите спорни ДУП-ови и нивна реевалуација, општинската администрација на СДСМ ги искористи сите правни алатки за таква точка да не се најде на дневен ред на Советот. За иницијативата за стопирање на дваесет и девет ДУП-ови, поднесена од нашиот советник по барање на граѓани, беше побарано мислење од државните институции кои се произнесоа дека општината нема такви ингеренции. Ова мислење апсолутно паѓа во вода сега кога советите на Охрид и Струга изгласаа слични барања.
Јавноста, по примерот на Мајчин Дом, премногу пати беше изиграна од оваа влада која во спрега со градежната мафија го продолжува она што го започна претходната власт. Токму затоа жителите од општина Карпош, особено жителите од Трнодол кои се најзасегнати од ДУП Ј03, имаат целосно право и поддршка да ги искористат сите институционални и вонинституционални механизми на отпор против оваа власт која единствено ги штити интересите на неколку корумпирани локални моќници.Заради реакциите во јавноста однапред најавуваме дека нашиот советник нема да го гласа овој ДУП ако стигне до Советот во оваа форма или во која било друга форма со која не се сложуваат граѓаните од општина Карпош”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)