Македонија
Жерновски и Захариева на фестивал во Струмица

На традиционалниот фестивал “One Love Tour”, кој се одржа денеска во Струмица, присуствуваа заменик министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Андреј Жерновски, а во име на Република Бугарија, заменикот премиер и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.
Фестивалот „One Love Tour“, на кој заднички настапуваат македонски и бугарски музички ѕвезди, се одржува трета година по ред. На настанот што е поддржан од УНЕСКО беа преставени и традициите на двете земји како разновидност на македонското и бугарското културно наследство.
За време на посетата на Жерновски на Струмица, заедно со Захариева и градоначалникот на Струмица. Коста Јаневски, се отвори мултифункционалниот социјален центар, кој е реконструиран и опремен со бугарска донација од 270.000 лева. Мултифункционалниот социјален центар ќе им служи на сите ранливи групи граѓани, како и за програмски активности и проекти за побрза и полесна интеграција во општеството и социјално вклучување на целните групи.
Со ваквите проекти се потврдува дека на негувањето на добрососедските односи со Република Бугарија, како и на интензивирањето на долгогодишната соработка во сите области, се посветува посебен интерес.
,,Посакувам оваа наша соработка да продолжи во овој правец и да поттикне нов дух во регионот. Докажавме една нова реалност на Балканот, дека две соседни земји ги надминаа минатите делби и создадоа меѓусебни односи на блиски пријатели”, изјави Жерновски.
Присуството на Захариева на фестивалот „One Love Tour“ во Струмица беше одлична можност да бидат разменети мислења со Жерновски за теми од важност за регионот, како и за перспективите на нашата земја во однос на нејзината европска интеграција.
Во врска со ко-претседавањето со Берлински процес, беше заклучено дека истото претставува одлична можност за понатамошно зајакнување на добрососедските односи и за зајакната улога на нашите две земји во регионалните прашања. Исклучително важно ќе биде да се успее во јасно дефинирање на приоритетите и идентификување уште во рана фаза кои може да се конкретни резултати од претседавањето, заклучија Захариева и Жерновски, разговарајќи на оваа тема, соопшти МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.