Македонија
(Видео) Северна Македонија и Бугарија ја зајакнуваат соработката во одбраната
Началникот на генералштабот на Вооружените сили (ВС) на Република Бугарија, генерал Андреј Боцев, во рамки на тридневната официјална посета на земјава денес престојуваше во Mинистерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
По пречекот со високи воени почести, генералот Боцев оствари средба со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што се сретна и со вицепремиерот и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
Во разговорите со министерката Шекеринска стана збор за продлабочување на соработката во обуката на медицински сили, логистика, комуникација, односи со јавност и обука на пилоти.
Заблагодарувајќи се за брзата ратификација на Пристапниот протокол за прием на нашата земја во НАТО, министерката Шекеринска се осврна на успешно реализираната вежба „Одлучен удар“ во која учествуваше и Република Бугарија и рече дека таквите вежби ја зајакнуваат интероперабилноста меѓу армиите и се одличен пример за регионална и меѓудржавна соработка.
Генералите Ѓурчиновски и Боцев за време на средбата разговараа за меѓусебната воена соработка која е во постојан подем, особено во изведување во заедничка обука помеѓу единиците на воена полиција и специјалните единици и заедничко учество на вежби.
Генералот Ѓурчиновски искажа благодарност за поддршката во поглед на нашиот интегративни процес за полноправно членство во НАТО и можноста за школување на нашите старешини во највисоките воени образовни институции во Република Бугарија, кое заедно со соработката во заедничката обука и вежби претставува добра основа за надградување и унапредување на билатералната соработка.
Од страна на генералот Боцев, беше истакнато дека соработката помеѓу двете армии и во наредниот период ќе се интензивира со поголем број вежбовни активности, пренесување на искуствата од НАТО-интеграцијата, како и во делот на воено-техничката соработка. За време на состанокот, делегацијата од ВС на Република Бугарија се запозна со процесот на трансформацијата на Армијата, учеството во мировните операции и придонесот во справување со мигрантската криза, користење на капацитетите на АП Криволак за вежбовни активности, а се разговараше и за можностите и облиците на понатамошната воена соработка помеѓу двете армии.
НГШ на ВС на ВС на Република Бугарија, за време на посетата, ќе оствари средба со
претседателот Стево Пендаровски, а ќе ги посети полкот за специјални операции и воено-медицинскиот центар каде ќе се запознае со нивната мисијата и задачи.
Високата воена делегација за време на тридневниот престој ќе има можност да посети и дел од културно-историските споменици во Република Северна Македонија, а в недела ќе присуствува на централната свеченост по повод одбележување на денот на Армијата во центарот за обука на вода во Охрид. Соработката на Армијата на Република Северна Македонија со ВС на Република Бугарија во тековната година има преку триесетина заеднички воени активности од кои дел се во нашата република, а дел во Република Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

