Свет
Пирати киднапирале европски и азиски морнари близу Камерун

Азиски и европски морнари биле киднапирани во четвртокот од брод во Гвинејскиот Залив, во близина на јужното камерунско пристаниште Дуала, изјави висок камерунски морнарички извор, пренесува „Брејтбарт“.
„Тие беа киднапирани утрово. Киднаперите се веројатно нигериски пирати. Камерунските сили почнаа операции за пребарување“, вели изворот, кој не даде детали за бројот или националноста на киднапираните.
Официјален претставник на пристаништето Дуала го потврди киднапирањето и рече дека морнарите биле грабнати по нападот на нивниот брод.
„Засега не го знаеме бројот на киднапирани морнари“, рече тој.
Гвинејскиот Залив, чие крајбрежје се протега во огромен лак од Либерија до Габон, е познат по пиратството, како и кражбите на нафта, нелегалниот риболов и трговијата со луѓе и со дрога.
Според Меѓународното поморско биро (ИМБ), 62 морнари биле земени како заложници или киднапирани во областа во првата половина на 2019 година.
Гвинејскиот Залив учествува со 73 отсто од киднапирањата и 92 отсто од заложниците заробени на море во светот.
Седумнаесетте земји во Гвинејскиот Залив и соседните региони имаат ограничени можности за надзор и поморска одбрана. Тие неколку години се обидуваат да ги зајакнат своите можности за интервенција и да воспостават поблиска соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран со нов воздушен напад врз Израел

Иран вечерва, по локално време, започна нов бран ракетни напади врз Израел, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.
Според нив, ракетите биле испукани од различни делови на земјата.
Засега нема дополнителни информации.
Свет
Мерц: Иранскиот режим е ослабен и веројатно нема да се врати на својата поранешна сила

Израелските напади го ослабнаа Иран, а иранскиот режим е малку веројатно да се врати на своето поранешно ниво на моќ, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Овој режим е многу ослабен и веројатно нема да се врати на својата поранешна сила, што ја прави иднината на земјата неизвесна. Ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи“, изјави Мерц за германската телевизија Велт на самитот на Г7 во Канада денес.
Тој додаде дека доколку се појави нова тешка политичка ситуација, Германија, Франција и Велика Британија повторно ќе бидат подготвени да понудат дипломатска помош, како што правеа до минатата недела.
Свет
Чешка и Словачка евакуираа 139 лица од Израел со владини авиони

Чешка и Словачка евакуираа 139 лица од Израел со владини авиони поради конфликтот со Иран, кој започна во петокот, објавија денес властите на двете земји.
Авион на чешката влада со 66 лица слета утрово во Прага. Ден претходно, словачки авион евакуираше 73 лица од Аман до Братислава.
Чешката министерка за одбрана Јана Чернохова изјави дека повеќето од 66-те евакуирани лица се чешки државјани.
Според чешките медиуми, конвој евакуирани лица тргнал од Тел Авив вчера утро и се упатил кон Шарм ел Шеик во Египет, каде што се качиле на авион. Тие биле транспортирани со автобус и ја преминале границата пеш.
Словачки владин авион со 73 патници, повеќето од нив Словаци, слета во Братислава во понеделник пред 19 часот, изјави министерот за надворешни работи Јурај Бланар.
Меѓу евакуираните имало Полјаци, Чеси, Австријци, Словенци и други.
Словачка денес испраќа втор авион, а и за утре е планирана евакуација на словачки и странски државјани.