Култура
Агенција за филм: Жешко лето за македонската кинематографија со изгледи за „Оскар“
Агенцијата за филм на Република Северна Македонија ги сублимираше успесите и континуитетот на продукција во домашната кинематографија.
Врз основа на тој сублимат од таму со задоволство констатираат дека на македонскиот филм конечно му се „заканува“ и „Оскар“.
Од Агенцијата посочуваат дека доколку се следат промоцијата и реакциите за документарниот филм „Медена земја“ во САД, може да се каже дека годинава македонски филм се доближува до најпрестижната филмска награда.
„Освен бројните награди, видливоста на престижните филмски фестивали, полнење на светски киносали со дел од најновите наслови од домашната продукција, објавите и филмските критики за истите во првиот дел од годинава, летово камерите останаа вклучени за снимање на повеќе долгометражни играни филмови“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека изминативе три месеци започнало снимањето на неколку македонски филмови – „Стела“, дебитанскиот филм на Стојан Вујичиќ, новиот долгометражен игран филм на Вардан Тозија со наслов „М“, како и долгометражниот игран филм „Најтешкото нешто“, кој е прв македонски филм што ќе биде сниман на турски јазик во режија на познатиот турски режисер, Сердар Акар.
Во тек е снимањето и на играната серија за деца „Зоки Поки“, адаптирана по истоимената книга на писателката Оливера Николова.
Од Агенцијата за филм соопштуваат дека кон крајот на месецов најавено е снимањето и на дебитантскиот филм на Кристијан Ристевски „Снежана на крајот умира“, а во тек се и интензивни подготовки за првиот долгометражен игран филм на македонската млада авторка Дина Дума со наслов „Сестра“ за кој е најавено снимање во текот на септември.
„По големите успеси што македонската кинематографија ги имаше годинава навистина е големо очекувањето од сите идни проекти кои ќе се произведат, бидејќи навистина се наметна еден критериум кој мораме да се трудиме да го следиме или барем да се приближиме со цел одржување на континуирано учество на филмовите на меѓународни фестивали, освојување награди, како и успешно интернационално претставување на нашата земја“, стои во соопштението.
Агенцијата за филм исто така најавува дека македонски филмови и копродукции ќе се прикажат на претстојните филмски фестивали во Сараево и Венеција.
Во Сараево во главната програма во конкуренција за документарен филм ќе се прикаже „Медена земја“ во режија на Љубомир Стевафнов и Тамара Котевска, краткометражниот анимиран филм „Една“ во режија на Вук Митевски (кој е во копродукција со Белгија) ќе се прикаже во конкуренција за краткометражен филм, а малцинската копродукција „Отворена врата“ во режија на Флоренс Папас (копродукција меѓу Албанија, Италија, Косово, Северна Македонија) ќе се прикаже во конкуренција за долгометражен игран филм.
Покрај претставувањата на македонски филмови во главната програма на фестивалот, свои проекции ќе имаат и „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Митевска, малцинската копродукција „Полусестра“ на Дамјан Козоле (Словенија, Северна Македонија, Србија и Хрватска), како и краткометражниот филм на Елеонора Венинова „The Sign“ кој е дел од омнибусот SEE Factory што оваа година ја отвори програмата Director Fortnights во Кан.
Во Венеција на 31. август филмот „Петрунија“ ќе има своја проекција во трката за наградата ЛУКС, која ја доделува европскиот парламент (LUX FILM PRIZE COMPETITION).
На филмскиот фестивал во Венеција свое претставување ќе има и краткометражниот игран филм „Извидник“ на Андреј Цветков како дел од програмата Giornate Degli Autori.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.