Економија
„Алкалоид“ инвестира 11 милиони евра во проширување на производните капацитети
Новите производни одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и ќе создадат услови за реализирање на 200 нови вработувања.
Посветеноста на перманентниот раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата, се главните причини поради кои во изминативе дваесет години „Алкалоид АД Скопје“ се задржа на курсот за континуирано инвестирање вложувајќи преку 200 милиони евра, алоцирани воглавно во сегментот фармација.
Инвестициските потфати во производствени капацитети и опрема, лаборатории, институт за истражување и развој, центар за контрола на квалитетот, модерен SAP софтвер, технологија и добро обучен персонал – менаџментот на „Алкалоид“ ги смета за неопходни предуслови за зголемување на пласманите и интензивирано глобално позиционирање на производите на брендот „Алкалоид“. Во таа насока, се инвестициите во новите производни одделенија чиј износ ќе достигне 11 милиони евра и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP).
Од планираните 11 милиони евра, 3,5 милиони ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми“, со површина од 2.000 квадратни метри (м²). За потребите на одделението, нарачана е техничко-технолошка опрема во вредност од 5,2 милиони евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување. 2,3 милиони евра ќе бидат инвестирани за изградба на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема со вкупна површина од 5.000 м².
Сето ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.
„Согласно стратегијата за развој и долгорочниот план за капитални вложувања, ‘Алкалоид’ иницира нова фаза во инвестициските активности која има за цел зголемување на производните капацитети на компанијата. Планираната инвестиција е во склад со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за овозможување на уште поинтензивни пласмани и континуиран раст“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на компанијата.
Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.