Македонија
Премиерот Заев се сретна со кувајтскиот амбасадор Ал-Атики
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со Јакуб ал-Атики, амбасадор на Државата Кувајт за Република Северна Македонија, придружуван од делегација од Амбасадата, со седиште во Софија.
На средбата се изразени честитки за решенијата на билатералните прашања на Република Северна Македонија со соседите, на што се гледа како на отворени можности за напредок и перспективна иднина на нашата држава.
Во таа насока разговарано е за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Државата Кувајт и се разгледани можностите за олеснување на комуникацијата и движењата на претставниците на стопанските комори и бизнис-заедниците на двете држави, како и на граѓаните.
Амбасадорот Ал-Атики соопшти дека има заинтересираност од страна на приватниот сектор во Кувајт за соработка со приватниот бизнис-сектор во нашата држава, со оглед дека ваква соработка веќе се реализира со земјите од регионот.
Најавена е и донација од Кувајт за медицинска опрема во здравството кај нас.
Премиерот Заев се заблагодари за интересот за соработка со нашата држава и изрази политичка волја за поддршка на развојот на билатералните односи.
„Ова е време на сериозни исчекори во интеграциите на Република Северна Македонија, што веќе дава резултати во растот на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. За нас се од голема важност инвестициите, кои значат нови работни места и повисоки плати, а веќе се бележат растечки трендови на зголемувања на платите и намалување на невработеноста. Сето тоа е резултат на посветеноста на Владата да обезбеди економски развој преку интеграциските процеси, обезбедување владеење на правото и посветеноста кон развој на капацитетите на институциите“, рече, меѓу другото, премиерот Зоран Заев на средбата со кувајтскиот амбасадор Јакуб ал-Атики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

