Македонија
17 здруженија ѝ порачуваат на Владата итно да се спречи најавениот масакр на животни
„Животните не се предмети за да се уништуваат, туку свесни интелигентни суштества и потребно е само малку разум и совест на човек да му се згади при самата помисла за она што лежерно го најавија вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, Трајан Димковски, на прес-конференција во Владата пред 3 дена. Без око да им трепне, најавија субвенционирање масовен колеж на домашните питоми свињи и комплетен отстрел на дивите во планините – примена на мерките донесени на 15. владина седница, која е во тек“, се вели во реакцијата на 17 здруженија.
Според нив, Анѓушев додаде и дека Македонија е прва држава што презема радикални мерки пред појавата на болеста, без око да му трепне пред целата јавност.
„Ажурни како никогаш за деструкција, геноцид на еден цел животински вид, уништување, ќе нè штитат од болест што не е опасна за луѓето, но претставувала опасност во нивните економски калкулации. Ние, со сето наше членство, поддржувачи, во име на сите хумани граѓани, бараме итно да се отповикаат овие крвнички мерки и да се применат мерки што ги применува нашето соседство. Ова нема да ви помине, нема да го заборавиме, ќе се потрудиме да не го заборавите ни вие!“, се вели во соопштенето на „Анима мунди“; Гласот на животните – Велес; „Мали херои“ – Битола; Animal world, Струга; Daisy family rescue; „Шепасти ентузијасти“, „Анималија“ – Охрид; Angelcats sanctuary; ЕДЕН; „Срце за животните“ – Тиквеш; Saving Ohrid Strays; Cat Shelter Meow Paws; „Живот“ – Штип; „Проанима“ – Берово; иницијативата „Лајка“, Охрид/Струга; Здружението за заштита на животните ARC – Animal Rescue & Care – Битола; „Ние за животните“ – Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за подобри јавни политики
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека родово одговорното буџетирање претставува системско решение за општествените потреби и трансформативен инструмент за креирање правични политики. Таа се обрати на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина“, што денес и утре се одржува во Скопје.
„При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни“, рече претседателката, нагласувајќи дека родово одговорното буџетирање не е техничка постапка, туку алатка за транспарентност, отчетност и поправедна распределба на јавните средства.
Сиљановска-Давкова истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темелни за идните политики, а граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници имаат значајна улога во адаптацијата кон климатските промени.
Таа посочи дека Република Северна Македонија веќе направила чекори кон системско интегрирање на родовата перспектива во буџетскиот процес, но имплементацијата е во тек и бара понатамошна институционална поддршка.
На форумот се обратија и амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и Марија Ристеска од Мрежата за родово одговорно буџетирање.
Македонија
Милошоски и францускиот амбасадор Риголе: Потребно е продолжување на процесот на проширување на ЕУ
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголе. На средбата се разговараше за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете држава, продолжување на процесот на проширување на Европската унија како и приближувањето на земјата кон членство во ЕУ.
Потпретседателот Милошоски ги поздрави традиционално добрите и пријателски односи меѓу РС Македонија и Француската Република при што нагласи дека меѓу двете држави постои отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес. Во изминатите години се забележува динамизирање на политичкиот дијалог на високо и највисоко ниво, кој што е конструктивен и пријателски.
Амбасадорот Риголе истакна дека Француската Република ја има усвоено Стратегијата за Западен Балкан, со цел да ја поддржи Европската унија во приближување на регионот кон Европа како и да го зајакне политичкиот дијалог со земјите во регионот.
Двајцата соговорници се согласија дека имајќи ги предвид геополитичките тенденции и случувања потребно е процесот на проширување на Европската унија да продолжи и земјата да го продолжи својот пат кон полноправно членство во ЕУ.

