Македонија
Пожарот кај езерото Младост сѐ уште е активен, „канадерите“ го напуштаат теренот поради слабата видливост

Според најновите информации од екипите на терен, пожарот кај езероТО Младост, Велешко, сè уште е активен. Горниот дел кај езерото е ставен под контрола, но има проширување на краците назад кон Башино Село и отпадот Дине кај автопатот.
На терен дејствуваат сили на АРСМ, како и екипи на ТППЕ Велес, Неготино, Св. Николе, Штип и Кавадарци, а вечерва на терен дојдоа и скопските пожарникари.
„Исто така, во текот на целиот ден се дејствуваше и од воздух со хеликоптер на АРСМ и два ‘канадера’ на ДЗС, кои поради слабата видливост во текот на ноќта, ќе бидат повлечени. Гори нискостеблеста шума, смрека и сува трева, а силниот ветар во моментот го отежнува гаснењето на пожарот. Во тек е координација на градоначалникот на општина Велес со субјектите вклучени во гаснењето на пожарот”, соопшти Центарот за управување со кризи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Работа, не зборови-започнува целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во Чаир!

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи за целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во населбата Топхана.
Овој проект е еден од многуте инфраструктурни зафати што Општина Чаир ги реализира со цел подобрување на животните услови на граѓаните, изјави Меџити пред присутните жители.
„Инвестицијата, во вредност од околу 3 милиони денари, е финансирана преку Вториот повик на Владата за поддршка на општините. Работите опфаќаат целосно асфалтирање“, истакна Меџити.
Тој додаде дека оваа инвестиција ќе овозможи побезбедна, пофункционална и поодржлива инфраструктура за жителите на оваа населба, директно придонесувајќи за зголемен квалитет и удобност на живеењето.
„Овој проект е конкретен доказ за нашиот модел на управување, професионалност, ефикасност и постојан фокус кон граѓанинот. Секоја интервенција во инфраструктурата е чекор кон поразвиен, помодерен и поинклузивен Чаир“, изјави Меџити во своето обраќање.
Општина Чаир, додаде Меџити и во следните четири години ќе продолжи со реализација на слични проекти кои имаат за цел создавање на квалитетна, безбедна и достапна урбана средина за сите граѓани.
Македонија
Минчев: Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев упати честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
„Денес го славиме најсветлиот датум во нашата современа историја – 8 Септември, денот кога македонскиот народ со храброст и достоинство ја избра независна и самостојна Македонија, денот кога ја запишавме најсилната страница во нашата државност.
Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината. Да се биде независен значи да се гради држава со силни институции, со јавна администрација што им служи на граѓаните, со непоколебливи принципи на демократија и владеење на правото. Независноста има смисла само тогаш кога народот ја чувствува државата како своја – праведна, одговорна и европска.
Македонија е нашиот дом, нашата иднина и нашата најголема одговорност. Денес, повеќе од кога било, мора да бидеме обединети во визијата за модерна, функционална и европска Македонија.
Тоа е должноста кон генерациите што ја избраа слободата и кон генерациите што доаѓаат.
Нека ни е вечна државата! Нека ни е честит Денот на Независноста!“, стои во честитката од министерот Минчев.
Македонија
Левица: 𝟥𝟦 години независност – Македонија сѐ уште се бори за своите национални интереси

По повод одбележувањето 34 години независност, делегација на партијата Левица, составена од кандидатите за градоначалници на скопските општини – Марјан Димитриев (Аеродром), Александар Димитријевиќ (Ѓорче Петров) и Златко Тренчевски (Гази Баба) положи свежо цвеќе и се поклони на гробовите на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, првиот премиер, Никола Кљусев и на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски.
„Референдумот за независност на Македонија се одржа на 8-ми септември 1991 година. На Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,26% од оние кои гласале биле ЗА суверена и независна држава Македонија.
И овој 8 Септември потсетуваме дека уставното име на државата е Република Македонија! Потсетуваме дека референдумот од 30 септември 2018 за промена на уставното име беше неуспешен. Оттаму, Преспанскиот договор склучен од тогашната квислиншка власт и без потпис од претседателот – е НИШТОВЕН!!
Левица останува доследна на правото за самоопределување на народот и не ги признава империјалистички наметнатите договори спротивни на Повелбата на ООН, договори што го поткопаа суверенитетот на државата и го нарушија угледот на Македонците. Наместо вистинска независност, последниве 34 години добивме зависност од ЕУ и НАТО во спротивност на нашите национални интереси“, се наведува во соопштението на Левица.