Култура
Почнува „Скопје Синема Сити“
Со изложбата на концертни и промотивни постери и плакати насловена како „Патешествие“ во Музеј на град Скопје, денеска со почеток од 20 часот ќе почне филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.
Изложбата „Патешествие“ претставува приказ на кариерата на Влатко Стефановски, но прикажана преку бројни концертни плакати од најразлични периоди од неговата кариера. Со оваа изложба се прикажува еден друг аспект од кариерата на Влатко, односно неговиот богат концертен опус со годините. Важно е да се напомене дека оваа изложба ќе биде поставена само ексклзивно во Скопје. На отворањето на изложбата воведен збор ќе даде Урош Вељковиќ, кој е ликовен уметник и тапанар на бендот Steel Temple.
„Фестивалот на документарен музички филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што ќе биде изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознаени со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња“, изјави Влатко Стефановски.
Овогодишното издание на фестивалот „Синема сити“ дава акцент на документарни филмови каде главна улога, односно внимание е дадено на гитарата и луѓето кои ги посветиле своите животи на овој инструмент и со тоа на некакв начин станале синоним за него. Филмот што ќе го отвори фестивалот е филмот „Кит Ричардс: Под влијание“. „Под влијание“ е портрет на Кит Ричардс, кој е срцето и душата на бендот „Ролинг стоунси“. Ведаш по проекцијата свој соло-настап ќе има Влатко Стефановски.
Секоја вечер од филмскиот фестивал е поделен на жанрови. Третата вечер е блуз-вечер и е посветена на двајца великани на блузот, Роберт Џонсон и Ерик Клептон. Меѓу овие два филма свој настап ќе има блуз дуото „In the Mood”. Четвртата вечер е посветена на поекспериментални правци во музиката. Во соработка со Гете институтот ќе биде прикажан филмот „Романтични војници: Краутрок прв дел“. Краутрок е називот за една група култни бендови од Германија која била популарна во текот на ‘70-тите: Can, Neu! Фауст, Крафверк. Вториот филм истата вечер – „Изгубената жица“ е портрет на авангардниот џез-гитарист Марк Рибо и неговите бендови и проекти како дел од даунтаун-сцената во Њујорк. Петтата вечер е посветена на фолк-музиката овој пат од Португалија со Мадредеуш и трагичната фигура Ник Дрејк. Завршната вечер е посветена на класичните рок-бендови U2 и Queen, односно се посветени на некои од нивните најголеми достигнувања: албумот „Joshua Tree” на U2 и „Приказната за Боемската рапсодија“.
Проекциите на филмовите во рамки на „Скопје синема сити“ ќе се организираат во Кинотека на С. Македонија почнувајќи од 3 до 7 септември. Изложбата и филмскиот дел се помогнати од Министерството за култура, Кинотека на С. Македонија, Музеј на Град Скопје, Гете институт, Ажур Скопје, Тиквеш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.

