Свет
Руски блогер осуден на 5 години затвор поради закани кон деца на полицајци

Московскиот Пресненски суд го осуди рускиот блогер Владислав Синица, кој беше обвинет за екстремизам поради своите твитови во кои им се заканува на децата на руските полициски службеници, на пет години затвор, пренесува ТАСС.
„Судот донесе одлука да го прогласи Синица за виновен и да му изрече казна затвор од пет години во колонија со општ режим“, рече судијата.
За време на усната расправа, јавните обвинители бараа затворска казна од шест години за блогерот, кој се изјасни дека не е виновен по обвиненијата.
Според обвинението, Синица една недела објавувал твитови поврзани со екстремизмот. На 31 јули Синица објавил повици до социјалните мрежи под прекарот Макс Стеклов повикувајќи ги луѓето да почнат со насилство врз децата на спроведувачите на законот.
Истражниот комитет смета дека неговите постапки имале цел да поттикнат непријателство и омраза против сите спроведувачи на законот и нивните семејства.
Адвокатот Денис Тихонов за ТАСС изјави дека блогерот ќе ја обжали казната во Градскиот суд во Москва и во Европскиот суд за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Ни Крим ни Донбас никогаш не биле наша цел

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, тврди дека Русија никогаш немала намера да ги заземе украинските територии, туку единствено сакала да го заштити рускиот народ.
„Сакам уште еднаш да нагласам дека никогаш не рековме дека треба да заземеме некои територии. Ниту Крим, ниту Донбас, ниту Новорусија (така Русите низ историјата нарекувале делови од денешните Одеска, Херсонска, Николаевска, Днипропетровска, Запорожска, Луганска и Доњецка област, а понекогаш и Крим) како територии никогаш не биле наша цел“, изјави Лавров во интервју за руската државна телевизија.
Лавров тврди дека Москва „секогаш сакала да го заштити рускиот народ кој стотици години живеел на овие територии“. Рече дека Украина за време на претседателството на Володимир Зеленски донела закони чија цел била уништување на правата на говорниците на рускиот јазик.
Изјавата доаѓа во време на засилени дипломатски активности. На 15 август се одржаа разговори помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин. По средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Вашингтон на 18 август, Трамп изрази надеж за што побрзо организирање на американско-украинско-руски разговори.
Зеленски потврди дека се подготвуваат состаноци со Путин, по што би можел да следи и трипартитен состанок со Трамп. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека очекува Зеленски и Путин да се сретнат во наредните две недели, а агенцијата „Ројтерс“ јавува дека американската администрација смета дека состанокот би можел да се одржи во Унгарија.
Свет
Шест глави пронајдени покрај патот во Мексико

Шест отсечени глави се пронајдени покрај патот во централно Мексико, во област која вообичаено не е поврзана со насилство на картелите.
Локалните власти ги открија вчера наутро покрај патот што ги поврзува главно државите Пуебла и Тласкала. Полицијата сè уште не го навела мотивот за убиствата, ниту пак кажала која од криминалните групи стои зад злосторството.
Според локалните медиуми, на местото на настанот било оставено ќебе со порака упатена до соперничките банди, наводно потпишана од група наречена „Ла Баредоара“ (Чистачот). Тоа е името на мала, малку позната криминална група која работи во западната држава Гереро, но сè уште не е јасно дали тие стојат зад нападот.
Локалниот обвинител потврди дека главите пронајдени во Тласкала им припаѓале на мажи и отвори истрага, пренесува АФП.
Покрај трговијата со дрога, постои и проблемот со шверцот со гориво во регионот, од кој групите вклучени во оваа нелегална активност заработуваат милијарди долари годишно.
Откритието доаѓа во време кога администрацијата на претседателката Клаудија Шајнбаум спроведува голема акција против шверцот со фентанил.
Пуебла и Тласкала вообичаено не се склони кон екстремно насилство од страна на картелите.
Насилството меѓу картелите нагло се зголеми во последните години. Од 2006 година, кога владата првпат ја вклучи војската во борбата против бандите, стотици илјади луѓе се убиени, а десетици илјади се водат како исчезнати.
Свет
Две карти, две реалности: Зеленски и Трамп гледаат поинаку на фронтот

Петина од украинската територија е под руска окупација, а голема карта која тоа подрачје го прикажува со црвена боја беше поставена во Овалната соба за време на разговорите на претседателот Доналд Трамп со Володимир Зеленски во понеделникот, пишува Би-Би-Си.
„Претпоставувам дека сите ја видовте картата“, рече Трамп за Fox News во вторникот. „Голем дел од територијата е заземен.“
Пораката на Белата куќа до Украина е јасна – таа земја е изгубена и време е да се разгледа територијален компромис со Владимир Путин, или како што некои го нарекоа, размена на територии.
Сепак, тимот на украинскиот претседател Зеленски на средбата донесе своја сопствена карта. Зеленски подоцна изјави дека за време на разговорот со Трамп „се борел со тоа што е на таа карта“, објаснувајќи „кој што контролира – не според гласини, туку во реалност“.
Иако Зеленски сметал дека успеал да исправи одредени погрешни перцепции, до вторникот гледиштето на Трамп останало непроменето. Било јасно, рече тој, дека руската сила е „очигледно многу помоќна“. На прашање за ставот на европските лидери околу размена на територии, рече: „Сега зборуваат за Донбас, но Донбас моментално… 79% е во сопственост и под контрола на Русија.“
Пред почетокот на војната во 2014 година, украинскиот рударски регион Донбас учествувал со околу 16% од економското производство на земјата. Путин наводно му рекол на Трамп дека ја сака целата област Донбас како дел од мировниот договор, што би му заштедило значителни ресурси.
Војна со бројки и проценти
Зеленски откри дека ги оспорил и процентите на картата на Белата куќа кои прикажувале руска контрола врз низа украински региони: 99% од Луганск, 76% од Доњецк, 73% од Запорожје и Херсон, 4% од Харков и 1% од Суми и Миколаев. Анализа на Американскиот институт за проучување на војната (ISW) дала слични бројки, а разликите можат да произлегуваат од различни методологии.
И покрај руските бројки, во утврдените градови Краматорск и Словјанск во Доњецкиот регион и понатаму живее голем број жители. Локалните власти наведуваат дека околу 242.000 луѓе живеат во области под украинска контрола во регионот, и ниту еден украински лидер не би разгледувал предавање на територии на Москва.
Состојбата на терен
Според картата што Зеленски му ја покажал на Трамп, Русија во изминатите 1000 дена успеала да окупира помалку од 1% од украинската територија. Украинската група DeepState наведува дека станува збор за 5.842 квадратни километри од ноември 2022. Иако Русија направила напредок во последните неколку месеци, пошироката линија на фронтот малку се поместила од почетокот на војната.
Одбранбениот аналитичар Конрад Муѕика истакнува дека руското напредување се забрзало на исток околу Купјанск и Кремина. Како причини ги наведува недостигот на украинска работна сила и зголемената руска употреба на дронови. „Гледаме многу повеќе пожари, а Украинците всушност не се во можност да распоредат доволно пожарникари за да ги изгаснат“, изјави тој за Би-Би-Си. Според него, Русија успева да регрутира 30–35 илјади војници месечно и, и покрај тешките загуби, гради големи резервни сили.
Две карти, две реалности
Сепак, брзите руски придобивки на исток не се пресликале на други подрачја. Обидот за руски пробив кај Добропоље во Доњецкиот регион минатата недела беше успешно одбиен. Според неодамнешната проценка на разузнавачката служба на Обединетото Кралство, на руските сили, врз основа на досегашното темпо на напредување во 2025 година, би им требале уште 4,4 години само за заземање на регионите Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон.
Токму тоа го објаснува сосема различното гледање на Трамп и Зеленски кога ги разгледуваат картите на фронтот долг 1200 км. И покрај разликите, Зеленски на крајот од разговорот му рекол на Трамп: „Ви благодарам за картата, патем, беше одлична. Размислувам како да си ја вратам територијата.“