Економија
Исплатени над еден милион евра за предадено грозје на лозарите

Агенцијата за финансиска поддршка во земјодетсвото денеска исплати речиси 66,2 милиони денари на 6.240 лозари за дополнителната субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби.
Со оваа исплата, како што истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, се заокружува комплетната исплата на субвенции за лозарството. Пред почетокот на новата производствена сезона исплатени се 9 милиони евра на 15.208 лозари за основната субвенција за одржување лозови насади.
„Државата го исплати и долгот што винарските визби ‘Повардарие’, ‘Стефани’ и другите регистрирани винарници во регистарот на МЗШВ го имаа како долг кон лозарите за предадено грозје во 2014 и 2016 година. Се исплатија над 1 милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари. Со тоа решивме еден долгогодишен проблем што ги мачеше лозарите од Тиквешкиот Регион. Овие исплати за секторот лозарство се пари што директно ги враќаме кај лозарите за да ги вложат во новото производство за да произведат квалитетно грозје за производство на нашето познато македонско вино. Ова е вистински пример на грижење на државата за граѓаните и враќање на парите кај граѓаните“, изјави министерот Димковски.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, информира дека во еден ден без селекција се исплатени срествата за сите што исполнуваа услови за добивање оваа финансиска поддршка. Освен овие средства, до денеска, според Бабовски, исплатени се и средствата за основните мерки, а тече и исплатата на средствата по дополнителните мерки.
„До денеска заедно со денешната исплата исплатени се 306,7 милиони евра, средства што им се вратени на сметките на земјоделците по сите програми. Оваа Влада се грижи за земјоделците, а тоа го покажавме и преку мерката зелена нафта. До денеска е наточено гориво за земјоделска механизација со вкупна вредност од над 30 милиони денари или половина милион евра“, истакна Бабовски.
Според податоците од Државниот инспекторат, досега се откупени над 11 милиони килограми грозје. Откупната цена на ‘вранецот’ е 12,58 денари за килограм , а на ‘смедеревката’ 11 денари за килограм.
Во завршна фаза се и измените Законот за виното, со кој се олеснуваат условите за произвдство во малите семејни винарници, ќе се воведат нови вински производи, што ќе придонесе и за поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Владата ја одржува макроекономската стабилност без зголемување на даноците

Владата ја одржува макроекономската стабилност без зголемување на даноци и пензиски реформи, и враќа средства од данок на солидарност, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со обвинувањата од опозицијата дека оваа Влада, се задолжила премногу.
„Па јас навистина не можам да ги разберам пораките коишто доаѓаат од СДСМ. Тоа што го направи оваа Влада во овие нешто повеќе од една година, е токму спротивен процес на заслужување. Факт е дека во март месец, ние имаме намалување на јавниот долг за 4,7% од бруто-домашниот производ. Истовремено вреди да се напомене дека вративме еврообврзница, којашто е земена од претходната Влада во 2018 година, од половина милијарда евра крајот на јануари месец. Министерството за финансии жестоко се бори да ја одржи макроекономската стабилност, а без притоа да не имплементира нови давачки, да не ги зголеми данокот на додадена вредност, да не ја зголеми возраста за пензионирање, нешто што е барање и од страна на меѓународните институции“, рече тој.
Мицкоски кажа дека Владата жестоко се бори да ги врати 50-тина милиони евра данок на солидарност кои што минатата Влада ги земала.
„Сето она коешто сме се задолжиле, е за да вложиме во капитални инвестиции, а не за како што тоа го правеше претходната Влада за пензии, за плати, итн. а сепак наоѓаме ликвидност да функционираме, гледате да реализираме проекти, да коригираме грешки од минатото. Истовремено тука вреди да се напомене дека се бориме да буџетскиот дефицит го намалиме на под 4 %. Така што јас знам колку вложуваат сите членови во Владата. Колку вложува Министерството за финансии, за да ја одржи оваа макроекономска стабилноста, а притоа немаме зголемување на цената на електрична енергија за граѓаните. Практично зголемување на пензиите, вративме плати тие што им се должеа на граѓаните. Не само што немаме зголемување на долгот туку имаме намалување на долгот. Така што тоа е реалноста, затоа што едноставно нашата задача и обврска е да работиме во интересот на граѓаните. А јас еве велам делата нека зборуваат, јас не би имал што да коментирам на пораките коишто доаѓаат од СДСМ“, рече премиерот.
Економија
Oд полноќ поскап дизел и поевтин бензин

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,73% во однос на одлуката од 30.6.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,502%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 2,230%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 2,494% и кај мазутот зголемување во просек за околу 1,000% поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,2765% %
Од 8.7.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 74,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 76,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,50 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 39,409 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,174 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.7.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Мицкоски: Подаваме рака на домашните и на странските инвеститори не само декларативно, туку суштински

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Владата води активна и отворена политика кон привлекување инвестиции и градење економски развој базиран на стабилност, доверба и поддршка за стопанството.
На средба со Советот за странски инвестиции, составен од претставници на водечки компании кои веќе имаат присуство во земјава, Мицкоски посочи дека Македонија се наоѓа во нова фаза на економска консолидација и раст.
„Подаваме рака и на домашните и на странските инвеститори. Не само декларативно, туку суштински, низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација. Проблемите ги решаваме заедно,“ изјави премиерот.
Тој истакна дека во првиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,2 отсто, а извозот во периодот јануари–мај е зголемен за 3,15 отсто, додека увозот бележи раст од само 1 отсто. Индустриското производство во мај бележи раст од 9,4 отсто во однос на истиот месец лани.
Дополнително, трговскиот дефицит е намален за околу 80 милиони долари во април и мај, што претставува намалување од 13 проценти. Мицкоски потсети и дека минатата година бил постигнат рекорд со странски директни инвестиции во износ од 1,255 милијарди евра.
„Ова е поинаква слика од онаа која ја затекнавме. Некогашната влада не се бореше за инвестиции – се бореше за провизии,“ рече тој, обвинувајќи ги претходниците за економски застој и изгубени можности.
Премиерот најави активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката, како и можни царински олеснувања за извоз на македонски производи на американскиот пазар.