Македонија
Агенцијата за медиуми се оградува, нема надлежност да следи како порталите известувале за инцидентот во Волино
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми вели дека нема надлежност врз медиумите базирани на интернет, откако претходно МВР побара реакција во врска со начинот на известување на неколку интернет-портали за инцидентот на фудбалскиот натпревар во селото Волино, Дебарца, што се случи викендов.
„Агенцијата нема надлежност врз медиумите базирани на интернет, за што го извести МВР, но дописот го искористи како повод да го провери начинот на известување на националните телевизии и на телевизиите што емитуваат програма во подрачјето каде што се случил инцидентот. Со увидот беше констатирано дека телевизиите коишто информираа за настанот не ги прекршија програмските принципи и стандарди со оглед на тоа што, во прилозите на оваа тема, пренесоа различни гледишта и мислења и користеа повеќе извори на информации, меѓу кои и МВР“, велат од АВМУ.
Агенцијата апелира сите медиуми објективно и непристрасно да ги прикажуваат настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења за да ѝ овозможат на публиката слободно оформување на мислењето за одделни настани и прашања. Медиумите базирани на интернет не треба да бидат исклучок и покрај тоа што не подлежат на регулација, додава АВМУ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова истрага за проневера во прилепската болница: благајник украл 15 милиони денари од наплати на шалтер
Постапувајќи по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Проневера во службата.
„Постои основано сомнение дека тој во временскиот период од 01.01.2020 година до 31.12.2021 година, во својство на службено лице – самостоен референт – главен благајник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата“, соопшти обвинителството.
Тој во повеќе наврати дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата, не изготвил обрасци „каса-прими“ и истите противправно ги присвоил за себе со што прибавил значителна имотна корист во вкупен износ од 15.063.284 денари.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Оливер Спасовски не постапил кога бил должен да постапи
Оливер Спасовски не постапил кога бил должен да постапи и затоа Македонија се соочува со последици кои никогаш не смееле да се дозволат, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оливер Спасовски не го одзел овластувањето на станицата за технички преглед во Сарај, иако имало официјален извештај со констатирани неправилности, тој не презел мерки во законскиот рок, туку реагирал дури три месеци подоцна, со што директно овозможил фирмата да се здобие со противимотна корист од 5,5 милиони денари. Уште потрагично е тоа што, Оливер Спасовски реагирал дури три дена по трагедијата во Бугарија во која загинаа наши 45 сограѓани, со автобусот кој поминал технички преглед во истата оваа фирма во Сарај. Дали доколку Оливер Спасовски реагирал навремено ќе била спречена оваа трагедија?“, праша Манасиевски.
Тој, исто така, праша дали Спасовски имал некаков договор со фирмата и затоа им овозможил дополнително работење за да може и тој да ќари?
„Дали Оливер Спасовски во страв и паника веднаш по несреќата го одземал овластувањето затоа што имал грижа на совест? ДКСК во 2023 година утврдила одговорност и побарала од владата да се разреши Оливер Спасовски или самиот тој да си поднесе оставка. Вакви институционални пропусти со тешки последици не смееле да се случат. Сите треба да знаат кој стоел на позицијата што требало да ја штити безбедноста на граѓаните“, рече Манасиевски.
Македонија
(Видео) „Наместо студен камен, никнуваат дрвја што ќе растат“ – засадени 63 јавори во спомен на починатите во „Пулс“
Во Кочани се засадени 63 јавори, по еден за секој млад живот згаснат во пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Овој чин не е само еколошка акција, туку длабоко симболичен и човечки гест. Секој јавор претставува жив споменик, тивок знак на почит и сеќавање на нашите деца“, велат семејствата на загинатите деца.
Наместо студен камен, како што додаваат, избрале да засадат дрвја што ќе растат и ќе сведочат за постоењето на нивните деца, како симбол на живот, надеж и сила, со порака дека тие никогаш нема да бидат заборавени.
Семејствата им се заблагодарија на сите кои дале поддршка и солидарност во најтешките моменти, истакнувајќи дека токму таа поддршка ја покажува општествената одговорност и човечност, и дека од болката заеднички е создадено нешто трајно, достоинствено и исполнето со љубов.

