Забава
Научниците пронајдоа вода на планета слична на Земјата
Астрономите првпат открија водена пареа во атмосферата на планетата која е надвор од Сончевиот Систем и е оддалечена 110 светлосни години. Според научниците, оваа планета е на вистинска оддалеченост од своето „сонце“, така што ги исполнува двата основни услови за потенцијален живот: вистинска температура и вода.
Сепак, научниците предупредуваат дека не треба веќе сега да се зборува за „втора Земја“. Планетата е двапати поголема од Земјата и има осум пати поголема маса. Ѕвездата околу која кружи – К2-18 – исто така не може да се спореди со Сонцето. Освен тоа, сè уште не е јасно дали откриената вода навистина тече на површината, велат авторите на студијата објавена во Nature Astronomy.
Планетата К2-18б беше откриена во 2015 година со помош на американскиот вселенски телескоп Кеплер. Водената пареа сега е откриена со помош на телескопот Хабл. Ова откритие ја прави планетата, која се нарекува К2-18б, веродостоен кандидат во потрагата по вонземски живот.
За 10 години, нови вселенски телескопи би можеле да утврдат дали атмосферата на К2-18б содржи гасови што би можеле да се создадени од живи организми.
Професорката Џована Тинети, лидер на тимот од Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ), го опиша откритието како „неверојатно“. „Ова е првпат да откриеме вода на планета во населива зона околу ѕвезда, каде што температурата е потенцијално компатибилна со присуство на живот“, рече таа.
,,К2-18б се наоѓа на 111 светлосни години од Земјата, премногу далеку за да испрати сонда. Значи, единствената опција е да почекаме следната генерација на вселенски телескопи да бидат лансирани во 2020-тите и да бараат гасови во атмосферата на планетата што може да ги произведуваат само живи организми”, вели д-р Инго Валдман од УЦЛ. Тој додава дека ова е едно од најголемите прашања во науката и отсекогаш сме се прашувале дали сме сами во универзумот. Во следните 10 години ќе знаеме дали има хемикалии што се должат на живот во тие атмосфери.
Тимот кој дојде до откритието ги разгледувал планетите откриени од вселенскиот телескоп Хабл помеѓу 2016 и 2017 година. Истражувачите одредиле некои од хемикалиите во атмосферата на планетите проучувајќи ги промените на ѕвездената светлина додека планетите орбитирале околу своите сонца. Само К2-18б дала молекуларен потпис на вода, што е витална состојка за живот на Земјата. Компјутерското моделирање на податоците сугерирало дека до 50% од нејзината атмосфера може да биде вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

