Црна хроника
Годишно околу 160 лица гинат на патиштата, а околу 6.000 се тешко повредени
Во Република Северна Македонија, во просек годишно околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6.000 лица се тешко повредени. Тоа значи дека на секои два-три дена по еден човек го губи животот во сообраќајна незгода, а по неколку лица на ден се тешко повредени и остануваат со траен инвалидитет како последица на сообраќајна незгода.
„Сообраќајните незгоди, загинати и повредени лица на патиштата се наше секојдневие, а свеста, навиките и културата на однесување во сообраќајот и понатаму не се на потребното ниво. Брзо возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните правила и прописи, некористење сигурносни појаси, употреба на мобилни телефони при учество во сообраќај, неетичко, некултурно, неодговорно однесување во сообраќајот и понатаму се главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици”, укажуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Она што дополнително загрижува е фактот што учесниците во сообраќајот во голем дел не се ни свесни за грешките и пропустите кои секојдневно ги прават во сообраќајот и на тој начин одредени опасни појави преминуваат во секојдневна лоша навика која често значи и причина за изгубен човечки живот. Најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура е на ниско ниво и дека недоволно се почитуваат сообраќајните правила и прописи, но притоа сите ја бараат вината и пропустите кај другите, а истовремено забораваат за сопствената одговорност и сопствениот придонес за побезбеден сообраќај.
Невозможно е да помине едно деноноќие или еден викенд, а да не се случи тешка сообраќајна незгода со повредени или загинати лица.Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира: „Секој учесник во сообраќајот да преземе поголема лична одговорност во сообраќајот. Целосно и безусловно почитување на сообраќајните правила и прописи и максимално почитување на поставената сообраќајна сигнализација е обврска на секој учесник во сообраќајот без разлика дали станува збор за пешак, велосипедист, мотоциклист или возач. Да продолжиме да ја градиме и да ја менуваме сообраќајната култура, почнувајки секој од себе, преку личен пример и позитивен придонес, за помалку жртви и поголема безбедност на улиците и патиштата.
„Последиците од секојдневната слика на која можеме да видиме возачи кои достигнуваат големи и неразумни брзини, во или надвор од населено место, пијани возачи, возачи и патници кои не користат безбедносен појас, непрописно паркирани возила насекаде, мотоциклисти без заштитна кацига, велосипедисти без осветлување во ноќни услови, пешаци кои се движат надвор од тротоарот и кои ја поминуваат улицата таму каде што им е „најзгодно“, ги чувствуваат и ги трпат сите учесници во сообраќајот, а цената за тоа е голем број изгубени човечки животи. Само во 2018 година 133 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 5 860 лица се сериозно повредени. Затоа, крајно време да се променат навиките и културата во сообраќајот, почнувајќи секој од себе. Бидете одговорни учесници во сообраќајот”, се вели во апелот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

