Култура
Наградата „Антево перо“ за Александра Димитрова

Поетесата Александра Димитрова е овогодишната добитничка на наградата „Антево перо“ за поетскиот ракопис „Дупка“. Одлуката ја донесе оценувачката комисија во состав: проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски.
Годинава, покрај наградата „Антево перо“, која подразбира печатење на наградениот поетски ракопис, оценувачката комисија, имајќи ја предвид извонредно квалитетната поетска продукција, реши да додели и две придружни награди „Антев златник“. Станува збор за златник со ликот на поетот Анте Поповски, кој ќе им биде врачен на Михајло Свидерски, за поетскиот ракопис „Граници“ и на Сузана В. Спасовска, за поетскиот ракопис „Јазикот на светлината“.
– Наградената стихозбирка „Дупка“ од Александра Димитрова покажува веќе зрел, софистициран поет, еден хиперсензибилен поетски сеизмограф кој ги бележи и најситните треперења на харфата на човековта душа. Тие емотивни треперења на струните на таа скапоцена поетска харфа, во сите тоналитети, од најмрачните (смртта) до најсветлите (љубовта), поетесата ги нотира во високософистициран поетски идиом, кому интелектуализацијата му е главен виолински клуч. Интелектуално задлабочена како кај Ханс Магнус Енценсбергер, емотивно растреперена како кај Сергеј Есенин, свртена кон апсурдот на животот како кај Албер Ками, еротизирана на места како кај Анаис Нин, а меланхолична, архи-носталгична и криптографски поставена како кај Анте Поповски, оваа поезија, во овој миг претставува навистина нова вертикала на македонското поетско писмо. Тоа е поетска изохипса чија височина изненадува со оглед на релативно младата уметничка возраст на поетесата, но и обврзува на висока поетска функционална писменост за секој кој сака да ја следи или да се натпреварува со неа, се вели во образложението.
Михајло Свидерски, извонредно квалитетен поет (кој и лани високо котираше кај оценувачката комисија), понудува ракопис под наслов „Граници“. Тоа е поезија на таканаречен максимален минимализам во која со еден „телеграфски стил“, но и со висока интелектуална оркестрација се третира националната тема на македонскиот егзодус, во буквална и во фигуративна смисла.
Сузана В. Спасовска, пак, во стихозбирката „Јазикот на светлината“ ни понудува една поетска космологија на светлината, нејзина митска анатомија, повторно (како и кај Димитрова и Свидерски) преку еден изразено интелектуализиран поетски идиом, кој не само што не им пречи на чувствата туку напротив, ги доведува до усвитен емотивен апсурд.
Од оваа година, оценувачката комисија ја востановува и наградата „Антев часовник“, за млади поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите наши таленти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.