Македонија
Биро за развој на образованието: Лага е дека химната е тргната од наставните програми
Лага е дека изучувањето и пеењето на македонската химна се изоставени од новите наставни програми, велат од Бирото за развој на образованието, по објавите на социјалните мрежи дека химната е тргната од учебниците за основно образование.
„Што се однесува до изнесените дезинформации дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми, најодговорно тврдиме дека тоа се невистини и упатуваме, секој што е заинтересиран, да ги погледне и спореди претходните и новите наставни програми“, велат од Бирото.
Со химната на Република Северна Македонија, додаваат од таму, учениците се запознаваат уште во прво одделение по наставните предмети Општество и Музичко образование, како и во петто одделение каде јасно стои во наставната програма по Општество дека учениците преку интегрирани активности по Музичко образовани и по Ликовно образование ги изработуваат симболите и ја учат химната на Република Македонија.
„Во сите наставни програми по музичко образование и во претходните наставни програми и во новите наставни програми во општите цели за наставниот предмет стои: ученикот/ученичката да пее песни со разновидна мелодиска линија, а во конкретните цели (за одделни наставни часови) да пее песни различни по карактер и содржина на македонски јазик и јазиците на народите кои живеат во нашата земја, што остава слобода на наставникот во зависност од контекстот, времето на изведување на наставата, корелацијата со други предмети (поврзано со државни празници, патрони празници итн.) да ја изведува со учениците химната на државата и/или други свечени песни“, се вели во соопштението од Бирото за развој на образованието.
Од таму велат дека оваа година Бирото изготвило нови наставни програми по наставниот предмет Музичко образование за шесто, седмо, осмо и деветто одделение, бидејќи сметале дека токму преку музиката, преку слушањето и интерпретирањето на песни од сите заедници што живеат во нашата држава, покрај изучувањето на музиката и творештвото на светските класици, ќе успеат да ги зближат учениците, да се запознаваат со вредностите и традициите на различните заедници и култури и така да живеат и учат заедно.
„Она што е новина и она на што инсистиравме при изработката на овие програми, за разлика од досега, е тоа јасно и недвосмислено да биде застапен и препознаен мултиетничкиот карактер на македонското општество. Учениците да слушаат и учат македонски, албански, турски, српски, ромски, влашки, босански песни. Преку избраните песни на овие народи да учат за сопствената, но и за културата, традициите и обичаите на другите. На тој начин, учениците стануваат свесни дека убавината на нашата држава лежи во различностите, во сплетот на култури, претставени, покрај другото, преку различниот фолклор, песни и ора“, велат од Бирото за развој на образованието.
Од таму напоменуваат дека не се надлежни за издавањето и печатењето на учебниците, туку се вклучени само во делот на давање мислење за усогласеност на учебниците со наставната програма.
„Како ќе изгледа определен учебник, дали и кои песни ќе ги понуди авторот за постигнување на определени резултати (освен оние предвидени со наставната програма) е слобода на авторот и зависи од неговата умешност и креативност во пишувањето на учебник и избор на соодветни музички творби. Токму затоа, уште еднаш, истакнуваме дека изработката на новите наставни програми нема никаква поврзаност, ниту „умисла“ да се отстрани химната од наставните програми, туку и понатаму останува како и до сега таа да се изучува во основното училиште и да се изведува кога тоа го бара наставната програма или во различни свечени пригоди во училиштата“, се вели во соопштението на в.д. директорт на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата д-р Верица Механџиска и Зегин целосно опремија два кабинети за рана интервенција
Вчера беа пуштени во употреба два кабинети за рана интервенција во Центарот за рехабилитација на патологијата на вербалната комуникација, значително проширувајќи го капацитетот на Центарот за поддршка на децата од најмала возраст. Оваа активност е донација на Фондацијата д-р Верица Механџиска и Зегин и ја одразува нивната континуирана посветеност за унапредување на заедницата и создавање на поинклузивно и похумано општество.
Овие кабинети претставуваат наменски простории за рана интервенција дизајнирани да ја поттикнат комуникацијата, социјалната интеракција и когнитивниот развој преку структурирана игра и целни терапевтски активности. Покрај тоа, овие сензорни простори нудат опрема и алатки што им помагаат на децата да го регулираат сензорниот влез, да го подобрат фокусот и да изградат основни вештини за раст и развој.

„Веруваме дека секое дете заслужува можност да го достигне својот целосен потенцијал и горди сме што можеме да придонесеме во создавањето простори каде што децата можат да растат, да учат и да напредуваат“, истакна Викторија Механџиска. Оваа донација од Фондацијата д-р Верица Маханџиска и Зегин е продолжување на успешната соработка со Центарот на кој пред неколку месеци му се донираше и најсовремен апарат за транскранијална магнетна стимулација (TMS M50 Ultimate).

„ Опремувањето на двата кабинета за работа со деца со развојни потешкотии од страна на Фондацијата „Др Верица Механџиска“ и Зегин претставува голем чекор напред во создавањето подобри услови за нивно образование, рехабилитација и социјализација. Оваа и нивните претходните донации се пример за општествена одговорност и хуманост, покажувајќи дека заедницата може да биде силен партнер во создавањето инклузивно општество“ изјави Нермин Теловска, директор на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација.

Новите кабинети за рана интервенција од денес официјално ќе бидат отворени за семејствата. Со оваа донација се очекува Центарот да го зголеми бројот на деца опфатени во индивидуализираните програми за терапија кои ги нуди.
ПР
Македонија
Вонредна седница за свлечиштето на Водно бара советничката група на Левицата во Центар
Советничката група на Левица во Општина Центар побара вонредна седница на Советот, поради како што истакнуваат, сериозните информации за активирано лизгање на земјиштето на падините на Водно, непосредно над населените делови на општината.
„Сметаме дека јавноста има право да знае што точно се случува, кои мерки се преземаат и дали причините за оваа појава се поврзани со долгогодишното и неконтролирано градење на ридот.
Од градоначалникот и надлежните очекуваме итен и одговорен одѕив, затоа што станува збор за потенцијален ризик кој директно влијае врз безбедноста на граѓаните. Потребно е да се утврди не само моменталната состојба на теренот, туку и пошироката слика – дали постојните градежни активности, прекумерната сеча, недоволната дренажа и преоптоварувањето на падините придонеле за појавата на свлечиштето. Од особено значење е да се добие прецизна информација колку активни градежни маркици сѐ уште постојат на овој потег, кои инвеститори стојат зад нив и дали воопшто е дозволиво продолжување на какви било активности без претходна ревизија“.
Овој рид, нагласуваат од Левица, веќе со години е жртва на алчни урбанистички политики креирани според интересите на градежното лоби, а не според јавниот интерес и безбедноста на жителите.
„Инсистираме на транспарентност, одговорност и итна интервенција. Безбедноста на граѓаните мора да биде над сите други интереси“, велат од Левица.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Нов скандал што мириса на корупција, власта дава 10 денари за килограм за неколку винарници наместо за лозарите
После скандалот со ИПАРД на повидок е уште еден во низата коруптивни скандали во ресорот земјоделство. И тоа на штета на земјоделците и на лозарите, истакна на прес-конференција Александар Димитриевски од СДСМ.
„Според нашите информации, пред три дена, на 25.11.2025 на владина седница е донесена одлука за дополнување на програмата за интервентен фонд со мерка за доделување на финансиска поддршка за откупен килограм грозје, ама не за лозарите, туку за винариите. Оваа одлука се уште не е објавена во Службен весник. Но внимавјате сега, одлуката не е за 2, не е за 3, туку за 10 денари по откупен килограм да им се додели на винариите! Владата на Мицкоски и министерството на Трипуновски нема пари по 3 денари да им даде на лозарите ама ќе им дава 10 денари по килограм на винариите откако преходно им даде 2 денари“.
Според него, она што е запрепастувачки, е што периодот е само за откупено грозје во периодот од 17.09.2025 – 31.10.2025 година.
“Оваа наменска мерка на владата значи финансиска поддршка само за многу мал број на винарии, а не за лозарите. Зошто мал број винарии се поважни од лозарите? Второ, висина на финансиската поддршка од десетина милиони денари е оргомна а се однесува на мал број на корисници. Трето периодот за кој истата ќе важи. Го прашуваме министерот Цветан Трипуновски врз основа на која анализа е донесена ваквата мерка? Дали е дискутирана со подсекторската група и дали наидува на одобрување на производителите и откупувачите? Дали оваа мерка е креација на договор во четири очи и однапред се знае кој ќе ги добие парите?
СДСМ бара Владата да ја поништи оваа одлука веднаш бидејќи е на штета на лозарите и затоа што е основа за корупција, вели Димитриевски.
Побара, Антикорупциската комисија, Обвинителството и сите други надлежни институции за злоупотреба на парите на граѓаните да го испитаат овој, акко што рече, крајно коруптивен скандал и да реагираат.
„Станува збор скандалозен обид за испумпување на државни средства и поигрување со секој вреден земјоделец кој со месеци чека на државната финансиска поддршка. Трипуновски одби да ја објави производствената цена на најзастапените вински сорти Вранец и Смедеревка. Ова одбивање на почитување на Законот донесе срамни откупни цени за трудот на лозарите на сметка на откупувачите. Понатаму го одбија предлогот на СДСМ за носење на закон за доделување на финансиска поддршка од дополнителните 3 денари за предаден килограм грозје.
Нема пари за лозаропроизводителие, нема субвенции за одгледувачите за овци, млекопроизводителите, градинарите, органските производителите и регистрираните земјоделци.
Но очигледно власта има пари да дели и тоа по дополнителите 10 денари по килограм откупено грозје на мал број откупувачи кои дополнително се богатат на маката на лозарите“.
Потенцира дека корупцијата во земјоделството мора да биде запрена веднаш.

