Култура
Големи филмски имиња во Македонија
Продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“, како македонски продуцент почна со снимањето на филмот „Сирена во Париз“, белгиско-француско-македонска копродукција, мјузикл и еден од најочекуваните кинематографски настани во Франција, во режија на Матијас Малзју, француска музичка суперѕвезда.
Во филмот игра шпанската актерка Роси де Палма, ѕвезда на европската кинематографија, музата на Педро Алмодовар, која минатиот викенд пристигна во Битола на снимање.
Снимањето на „Сирена во Париз“ во Македонија ќе трае шест седмици од кои една во Битола, во битолската клиничка болница. „Д-р Трифун Пановски“ каде веќе интензивно се снима, а останатото време во Скопје, во студиото 3ХФХ. Потоа целата екипа продолжува со снимање во Франција.
Како дел од актерската екипа е и Ерик Кантона, француски актер и поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед, кој ќе дојде на снимањето во Скопје, а во филмот играат и Лабина Митевска, Роман Борaнжи, Алексис Михалик, Никола Авине, Лара Бејер и други.
Снимател на филмот е Белгијката Виргиние Сант Марин, која веќе има традиција на успешна соработка со продуцентската куќа „Сетри и брат Митевски“, таа во Македонија ги снимаше и двата филма на Теона Стугар-Митевска, „Јас сум од Титов Велес“ и „Господ постои името ѝ е Петрунија“.
Филмот е продуциран и ќе биде дистрибуиран од СОНИ, а македонски продуцент е Лабина Митевска со „Сестри и брат Митевски“.
Дејството на филмот се случува во Париз. Поради обилните врнежи се случуваат големи поплави на Сена и мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебен глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе почне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката, може да го поправат неговото скршено срце. Сирената во филмот на секој што ќе се вљуби во неа му го крши срцето и тој умира. Но, Гаспар и онака има скршено срце, па не стравува да се вљуби во неа.
Агенцијата за филм на Република Северна Македонија истакнува дека покрај сите други карактеристики кои ја прават Македонија привлечна дестинација за снимање многу битна е и успешната примена на мерката за Право на поврат на вложените средства која всушност привлекува големи филмски имиња да соработуваат со македонски филмски професионалци.
На почетокот на октомври и „Нетфликс“ доаѓа во Македонија да снима дел од новата мини серија „Во ноќта“.
Во периодот што следува, односно од утревечер, 14 септември па до 21, Битола ќе биде во центарот на филмските збиднувања, Друштвото на филмски работници ќе одбележи голем јубилеј, 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Свеченото отворање ќе биде во знакот на Педро Алмодовар, односно со неговиот нов филм „Болка и слава“. На фестивалот ќе приуствува и реномираниот шпански кинематографер и прв пријател на режисерот Педро Алмодовар, Хозе Луис Алкаине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



