Свет
Кардиналот Џорџ Пел поднесе жалба на пресудата за педофилија

Кардиналот Џорџ Пел поднесе жалба до највисокиот суд во Австралија на пресудата со која е осуден за педoфилија.
Врховниот суд на државата Викторија претходно ја отфрли жалбата на кардиналот и ја потврди пресудата со која е осуден на шестгодишна затворска казна.
Неизвесно е дали Високиот суд во Австралија, чие седиште е во Канбера, ќе се занимава со случајот на Пел. Одлуката за тоа би можела да биде донесена по неколку месеци.
Пел, некогашeн трет човек на Ватикан, е осуден во март за сексуално малтретирање две момчиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Русите губат до 1.000 војници дневно, три пати повеќе од нас

Русија дневно губи околу 1.000 војници, што е околу три пати повеќе од украинските загуби, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави украинскиот Киев Индепендент.
„На пример, вчерашните податоци, кои се приближно просечни, покажуваат дека руските загуби дневно биле околу 500 до 1.000 убиени и 500 ранети“, рече Зеленски.
Подеталните бројки на Зеленски за понеделник покажуваат дека бројот на убиени руски војници е 531, ранети се 428 и заробени се девет. Украинските загуби за истиот ден биле 340, вклучувајќи 18 убиени, 243 ранети и 79 исчезнати.
Зеленски рече дека односот на загубите е приближно 1 спрема 3 – руските загуби се три пати поголеми.
Украинската војска проценува дека вкупните загуби на Русија во Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година надминале еден милион убиени, ранети и заробени војници, што е во согласност со западните проценки. Москва не објавува официјални бројки за своите загуби.
Јунската студија на Центарот за стратешки и меѓународни студии процени дека 400.000 украински војници биле убиени или ранети од 2022 година, бројка блиска до онаа што Зеленски ја даде во декември.
Во исто време, според Зеленски, Русија има предност во жива сила од 1 спрема 3 и предност во артилерија од 1 спрема 2,4. Украина, сепак, има предност во беспилотни летала FPV од 1 спрема 1,4, а овој сооднос би можел да се зголеми на дури 1 спрема 4 доколку се обезбеди дополнително финансирање од европските партнери.
Киев долго време се соочува со недостиг на пешадија и нема капацитет да ги надомести загубите со иста брзина како Русија. Поради ова, ослабената одбрана на Украина отвора потенцијални можности за руски напредувања.
Според извештаите, на почетокот од оваа недела, руските сили напредувале до 10 километри во близина на Добропила во регионот Донецк, како дел од поширока офанзива помеѓу два важни и силно бранети градови – Покровское и Костантиновка.
Зеленски во јануари изјави дека украинската армија има околу 880.000 војници наспроти руската сила од 600.000 војници, но Русија сè уште има бројчена предност во одредени области благодарение на концентрацијата на силите.
Фото: ЕПА
Свет
Уапсена сопругата на поранешниот јужнокорејски претседател

Сопругата на затворениот поранешен јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол, Ким Кеон Хи, е уапсена по низа сериозни обвиненија, вклучувајќи манипулација со акции и поткуп. Поранешната прва дама ги негираше сите обвиненија за време на четиричасовното судско рочиште во Сеул, но судот сепак издаде налог за притвор, наведувајќи го ризикот од уништување на доказите, објавува BBC.
Иако Јужна Кореја има долга историја на обвинувања и затворање на поранешни претседатели, ова е прв пат и поранешен претседател и поранешна прва дама да бидат зад решетки. Нејзиниот сопруг, Јун, беше приведен во јануари и чека судење за неговиот неуспешен обид да воведе вонредна состојба минатата година, потег што ја втурна земјата во хаос и на крајот доведе до негово соборување.
Обвинителите тврдат дека 52-годишната Ким заработила повеќе од 800 милиони вони (околу 578.000 долари) со учество во шема за фиксирање на цената на акциите на „Дојч Моторс“, јужнокорејскиот дилер на БМВ. Иако наводно се случило пред нејзиниот сопруг да стане претседател, аферата фрли сенка врз целиот негов мандат.
Таа е обвинета и за прифаќање на две чанти „Шанел“ и дијамантска огрлица како мито од контроверзната Црква за обединување во замена за деловни услуги. Меѓу другите обвиненија, Ким се обвинува и за влијание врз номинациите на кандидати за време на парламентарните дополнителни избори во 2022 година и општите избори минатата година.
Ким Кеон Хи се појави на сослушувањето со сериозен израз на лицето, облечена во црно одело. „Искрено се извинувам што предизвикав проблеми и покрај тоа што сум незначителна личност“, изјави таа кратко пред новинарите.
Додека беше на функцијата, нејзиниот сопруг Јун стави вето на три опозициски закони со кои ќе се бараше специјален обвинител да ги истражи обвинувањата против неговата сопруга. Последен пат стави вето на нив во ноември, само една недела пред да прогласи вонредна состојба. Специјалниот обвинител за случајот беше назначен во јуни оваа година, откако ривалот на Јун, Ли Џе Мјунг, ја презеде функцијата.
Свет
Трамп ќе одржи виртуелен состанок со европските лидери и Зеленски

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и потпретседателот Џ.Д. Венс денес ќе учествуваат на виртуелен состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, објави ABC News, повикувајќи се на двајца американски претставници.
Според „Ројтерс“, европските лидери прво ќе одржат видеоконференција меѓусебно за да ги координираат своите ставови пред да разговараат со Трамп за претстојните преговори во Белата куќа со рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на германската влада изјави дека Зеленски и претставниците на ЕУ и НАТО ќе се приклучат на виртуелен состанок што ќе се одржи денес во 14 часот, на кој ќе учествуваат лидерите на Германија, Финска, Франција, Велика Британија, Италија и Полска.
Дневниот ред вклучува стратегии за зголемување на притисокот врз Русија, редоследот на чекорите во евентуалниот мировен процес, иднината на териториите окупирани од Русија и безбедносните гаранции за Украина.
Потоа, во 15 часот по средноевропско време, европските лидери ќе одржат видеоконференција со претседателот Трамп и потпретседателот Венс.
За потсетување, Трамп и Путин треба да се сретнат на 15 август во Енкориџ, најголемиот град во Алјаска.
Фото: ЕПА