Македонија
Скопските средни училишта да ги пуштат учениците на протест, бараат од „Петоци за иднината“
Пред два дена 16-годишната климатска херојка Грета Тунберг им соопшти на милионите нејзини следбеници на социјалните мрежи дека под притисокот на нејзиното движење за климатска правда Fridays For Future („Петоци за иднината“) средните училишта во Њујорк нема да ги спречуваат учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на ОН, каде што викендов ќе се одржи големиот самит за климатски промени.
Според очекувањата, по оваа одлука, повеќе од два милиона млади ќе излезат на улиците на Менхетн.
Следејќи го примерот на Грета, припадниците на движењето „Петоци за иднината Скопје“, бараaт од средните училишта во главниот град да се солидаризираат со глобалниот настан и да им дозволат на средношколците да ги напуштат првите два часа од втората смена в петок (20 септември) за да може да присуствуваат на протестот пред Владата со почеток во 13 часот.
„Добивме десетици пораки од наши соученици, кои сакаат да бидат дел од протестот, но се плашат дека ќе сносат последици поради тоа. Апелираме до професионалната етика, но и до совеста на директорите и професорите од скопските училишта“, се наведува во соопштението на движењето.
Во него се додава дека во овој случај не станува збор за обично отсуство или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно.
„Не ставајте им неоправдани изостаноци на вашите деца, туку, напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со своите врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што нѐ опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи“, порачуваат „Петоци за иднината Скопје“.
„Петоци за иднината Скопје“ ќе организира настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата Недела за иднината. Сепак, како што велат од таму, протестот в петок е најважен затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и младите во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21 век и дека најмладите генерации се тие што ќе бидат жртви на одложувањето на неговото решавање.
„Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години. Обидете се како образовен кадар да им овозможите на вашите ученици да ја доживеат возраста што вие ја имате“, апелираат од движењето до наставниот кадар во средните училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

