Регион
Милион туристи го посетиле Дубровник за девет месеци

Дубровник денеска го пречека милионитиот посетител за оваа година – Британката Нејла Парсон, која во хрватскиот град престојува со својот сопруг. Локалните власти очекуваат дека до крајот на годината градот ќе го посетат приближно исто туристи како лани – 1,3 милиони.
Нејла ја купила влезницата денеска наутро, што е четири дена подоцна од лани. Таа е на меден месец со сопругот, а во Дубровник ќе останат два дена. Локалните власти ѝ подариле сувенири, цвеќе и шише сортно вино.
„Навистина сум изненадена. Во прв момент не знаевме што се случува, мислевме дека сме направиле нешто. Пријатно се изненадивме. Сите кои го посетиле Дубровник ни кажаа дека е прекрасен, па и нам ни беше на врвот на листата на дестинации за посета. Не сме разочарани, навистина ни се допаѓа“, рекла Нејла.
Бројката од милион посетители првпат е надмината на 13 октомври 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Жена од Брчко создала дива градинка во својот дом: дали тоа било параван за трговија со луѓе, пишува „Кликс“

Истрагата за пронаоѓањето на 31 дете во куќа во Брчко е во тек, а „Кликс“ пишува дека неофицијалните информации што ги имаат укажуваат дека долги години во зградата функционирала дива градинка за која знаеле соседите.
Сега е отворено прашањето дали тоа било параван за трговија со луѓе, бидејќи одредени детали може да укажуваат на тоа, додаваат од порталот.
Да потсетиме, сопственичката на куќата во која беа пронајдени 31 дете, Захида Ѓого од Брчко е уапсена поради сомнение дека сторила три кривични дела заедно со уште седум други лица: трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на деца.
Уапсени се и нејзиниот син и жената која престојувала во објектот, која потекнува од областа Бања Лука и најверојатно е италијански државјанин. Во случајот се вклучени и истражители од Хрватска, како и ЕУРОПОЛ. Хрватски „Индекс“ извести дека од полициски извори дознале дека во Брчко биле пронајдени претежно деца Роми. Помал број од нив имале хрватски пасоши, но нивниот идентитет и оригиналност се уште се проверуваат.
Според извори од порталот Кликс, како и локални жители, Ѓого во 2018 година основала нелегална градинка во нејзината куќа, каде што чувала деца. За пошироката заедница, ништо околу ова не беше спорно, дури ни фактот дека децата никогаш не биле во пространиот двор од куќата.
„Ја познавам Захида многу години, нејзиниот сопруг почина минатата година, а таа живееше во куќата со нејзиниот син. Знаев дека таа е бебиситерка и не најдов ништо чудно за тоа. Знаев дека има деца, но не дека имало толку многу. Јас навистина не разбирам зошто имало толку многу деца таму. Секој ден гледав родители како ги носат и земаат своите деца. Никогаш не излегуваа во дворот, беа затворени во куќата“, изјави за Кликс еден од соседите на Захида.
Куќата во која престојувале децата ја обезбедува полиција, а соседите не сакаат јавно да зборуваат за целиот случај. Исто така, покрај вкупно осуммина осомничени и досега уапсени, полицијата сослушала и неколку родители на децата, меѓу кои и татко од Хрватска кој вчера бил во Брчко, пишува Кликс.
Според информациите потврдени за Кликс, децата пронајдени во куќата биле на возраст од новороденче до 12 години, биле во прилично запуштена состојба, а откако биле преместени, под надзор на надлежните служби, биле сместени во локален хотел во областа Брчко.
Регион
Во Министерството за одбрана во Србија уапсени три лица за јавна набавка во ВМА

По наредба на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата, Воената полиција во Србија денеска уапси три лица под сомнение дека сториле разни кривични дела во врска со јавна набавка на медицинска опрема за ВМА, пренесуваат тамошните медиуми.
Сомненијата се дека на овој начин прибавиле финансиска корист на фирма од Белград од речиси 100.000 евра.
Уапсени се раководителот на Одделот за квалитетен менаџмент, планирање и анализа на ВМА, М. С. (49), воениот офицер на Секторот за здравство на Министерството за одбрана, М. С. (51), и сопственикот на две трговски друштва од Белград, М. Ш, соопшти Обвинителството.
Осомничените се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба, а М. С. (51) и за кривичното дело примање поткуп.
Осомничениот М. Ш. се товари за кривичните дела злоупотреба на положбата одговорно лице, поткуп и злоупотреба во врска со јавните набавки.
Се сомнева дека М. С. (49) како раководител на Одделот за управување со квалитет, план и анализа на ВМА и М. Ш. (51) како референт за јавни набавки на Управата за здравство од октомври 2023 година до април 2024 година, користејќи ги својата службена положба и овластувањето и со пречекорување на границата на службените овластувања, прибавиле финансиска корист за фирма од Белград и за нејзиниот сопственик во износ од 11.754.120 динари.
На осомничените, според написите, им е одреден притвор до 48 часа, а за тоа време ќе бидат спроведени на распит.
Српските медиуми потсетуваат дека пред десетина дена беше уапсен шефицата на токсикологија, Ј. С. Ј., поради сомнение дека со искористување на службената положба прибавила материјална корист за себе и за другите во износ од повеќе од три милиони динари.
Регион
Џулијани: Пресудата против Додик е политички прогон, напад на човековите права и слободата на говорот

Рудолф Џулијани, поранешен градоначалник на Њујорк, адвокат и пријател на Доналд Трамп, рече дека е јасно оти првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина изречена против претседателот на Република Српска е политички прогон.
„Кога ќе ја видите пресудата против Додик, која имав можност да ја прочитам, иако не толку детаљно како што би сакал бидејќи немав толку време, јасно е дека тоа е дел од политичкиот прогон што го спроведуваат демократите, Бајден и левичарите, кои се наклонети кон комунизмот, луѓе што не ја почитуваат слободата на говорот и постојано го газат, а во исто време ги обвинуваат своите противници дека се неонацисти и фашисти.
А всушност токму тие прават фашистички и неонацистички работи“, рече Џулијани, кој во моментот на пресудата на Судот на БиХ против претседателот Додик беше во Република Српска. Како што додава тој, овој случај се однесува на различното толкување на Додик на договорот со кој се регулира позицијата на Република Српска.
Џулијани жестоко го нападна и Стејт департментот поради пресудата против претседателот на Српска. „И тогаш, помалку од 24 часа по пресудата, американскиот Стејт департмент ја поддржа. Не го ни прочитаа како што треба, па ја изразија својата поддршка за Дејтонскиот договор. Ова е класичен пример за тоа што не е во ред со нашата надворешна политика и Стејт департментот со години“, рече Џулијани.
Тој потсети и дека Додик многупати им понудил соработка на сараевските политичари. „Тој често бил подготвен да соработува со Сараево, повеќе од некои други српски лидери, кои се посилни поборници за независност или обединување со Србија. Затоа што Србите се Срби, нели?
Но, наместо да им ја дадат својата земја, идеолозите на Клинтон, кои владеат со Америка и Западна Европа, решија да направат проблеми. Наместо да се поделат, тие ставија голем број Срби под контрола на муслиманската влада во ситуација кога дури и процентот на муслимани како мнозинство е сомнителен“, јасен е Џулијани, пренесува „Танјуг“.
Џулијани додава дека пресудата е напад на човековите права и слободата на говорот. „Ова е уште еден пример за напад врз слободата на говорот и основните човекови права, а Стејт департментот не само што е на погрешна страна, туку може да се смета и за креатор на Босна и Херцеговина, која подоцна стана рај за исламските екстремисти, кои убиваа Американци“, рече Џулијани, пренесе РТРС.