Македонија
СДСМ: За две години од мандатот, исполнети се клучните столбови и мерки од програмата

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, денеска одржа работен состанок со претседателите на Комисиите на СДСМ на кој било заклучено дека за две години од преземањето на мандатот клучните столбови и мерки од програмата на СДСМ се реализирани.
„Иднината и стабилноста на земјата се обезбедени, на вистинскиот пат сме, кон ЕУ и НАТО, економијата е силна и создава шанса за сите, се повеќе пари завршуваат назад кај граѓаните, се гради на секој чекор, низ цела држава. Концептот парите кај граѓаните дава одличен резултат. Порасна минималната плата, работиме на ново покачување, го вреднуваме трудот на работниците со нови мерки за стимулирање на раст на платите“, соопштија од СДСМ.
Од таму потсетуваат и на мерката за поврат на ДДВ, за зголемување на социјалната помош за 300%, за поефтината зелена нафта за земјоделците за 30%, за намалување на ДДВ-то за парно од 18% на 5% и за враќање на ефтината тарифа на струјата.
„Со ребалансот на Буџетот кој утре влегува во собраниска процедура воведуваме нови мерки и обезбедуваме повеќе средства за раст на платите, како што е мерката за субвенционирање на трошоците за социјално осигурување за фирмите кои ќе ги зголемат платите на своите работници, до 6.000 денари. Ги укинуваме квотите за лекови, обезбедуваме доволно лекови за сите во секое време, дигитални услуги, бесплатни обуки за преквалификација на работната сила, и се разбира, судство ослободено од партиски притисоци, правда и одговорност за секого“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.