Економија
Основан Македонско-швајцарски бизнис-клуб
Oфицијално е формиран Македонско-швајцарски бизнис-клуб со поддршка на Амбасадата на Швајцарија и Сојузот на стопанските комори на Македонија. Со свои обраќања пред присутните компании членови основачи на бизнис-клубот, претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, и заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томаџан, го означија почетокот на работа на Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб и дадоа посебен акцент на заложбите, целите и придобивките од формирањето на клубот. За претседател на бизнис-клубот избранa е Јасминка Талеска, директор на швајцарската компанија „Новартис“.
Арсовска истакна дека бизнис-клубот се формира како резултат на детектирана потреба и потенцијал за зголемување на деловната соработка и на бројот на компании од Швајцарија што работат во нашата земја.
„Постои голем потенцијал за натамошно унапредување на можностите за соработка меѓу компаниите од двете земји. Целта на формирањето е, пред сè, да ја зголемиме соработката. Обединувајќи ги компаниите што се со швајцарски капитал и компаниите од Сојузот кои имаат интерес за соработка, веруваме дека ќе дејствуваме кон зголемување на трговската размена, која според статистичките податоци минатата година изнесуваше 105 милиони евра, со остварен извоз од 40 милиони евра и увоз од 65 милиони евра“, истакна Арсовска.
Заменик-амбасадорот на Швајцарија, Томаџан, истакна дека Амбасадата ќе се залага во својот домен за јакнење на соработката меѓу двете земји, со особен акцент на зголемување на трговската и економска соработка.
„Задоволство е што на денешниот настан се присустни компании од Швајцарија и компании заинтересирани да остварат деловна соработка со Швајцарија да се здружат и да формираат деловен клуб. Ова е знак дека билатералните економски односи се добри. Убедени сме во потенцијалот за зголемена трговија и инвестиции меѓу нашите две држави. Во таа насока новиот деловен клуб ќе има корисна улога“, изјави Тoмаџан.
Претседателот на бизнис-клубот, Јасминка Талеска, рече дека од оваа соработка, односно формирањето на бизнис-клубот, ќе произлезе единствено успех.
„Основањето на Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб, покрај тоа што ќе отвори безброј врати и можности за членовите, ќе придонесе и за вмрежување илјадници компании, изградба и зајакнување односи, заемна промоција и многу други придобивки. Како пазар да претставуваме цел, за влез и работа на компаниите од Швајцарија е примарна цел и од неа ќе имаат бенефит двете страни“, изјави Талеска.
Во моментов над 40 компании се со 100-процентен швајцарски капитал или дистрибуираат проиводи или услуги од Швајцарија на македонскиот пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.