Свет
Терористите во Идлиб го држат цивилното население како човечки штит
Терористички групи во провинцијата Идлиб во северна Сирија не го пуштаат локалното население надвор од териториите што ги контролира владата, пренесува ТАСС.
Контролниот пункт Абу ал-Духур за повлекување на цивилното население и бунтовниците што сакаат да го положат оружјете, што по долга пауза се отвори пред неколку дена, е празен, изјави бригадниот генерал на сириската армија, Набил Абдула, кој е одговорен за организирање на хуманитарниот коридор.
„Според разузнавачката служба, голем број луѓе сакаат да ја напуштат оваа област, но терористичките групи лоцирани во Идлиб го спречуваат хуманитарниот коридор. Патиштата што водат до контролниот пункт се блокирани, а на луѓето им е забрането да го напуштаат областа под закана дека ќе бидат застрелани. Всушност, милитантите се кријат зад цивилите користејќи ги како човечки штит“, рече сирискиот генерал.
Контролниот пункт Абу ал-Духур беше отворен на 13 септември по долга пауза – работеше од март до декември 2018 година. Во тоа време селските старешини дејствуваа како посредници. Повторното отворање беше извршено по иницијатива на Рускиот центар за помирување на спротивставените страни во тесна соработка со официјални лица од Дамаск.
„Контролниот пункт е целосно подготвен за работа. Нашите воени лекари поставија медицински пункт таму. Обезбедени се и автобуси за превоз на внатрешно раселени лица до нивните места на живеење. Покрај тоа, во Центарот има повеќе од 3 тони хуманитарна помош за луѓето во неволја“, вели Андреј Карламов, претставник на Центарот.
Тој рече дека е постигнат договор за обновување на работата на коридорот, но во последнен миг милитантите одбиле да ги пуштаат цивилите.
Според Центарот, речиси 45.000 луѓе ја напуштиле зоната на деескалација во Идлиб од 4 март 2018 година. За нивниот транспорт биле потребни околу 4.700 транспортни возила.
Четири зони за деескалација се воспоставени во Сирија во согласност со договорот од мај 2017 година постигнат на преговорите во Астана меѓу претставници на Русија, Иран и на Турција.
Во 2018 година три од овие зони беа префрлени под контрола на Дамаск. Четвртата зона, сместена во Идлиб и делови од соседните провинции Латакија, Хама и Алепо, сè уште не е под контрола на владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Универзитетот Корнел постигна договор со Трамп за деблокирање на парите за истражување
Универзитетот Корнел денес објави дека постигнал договор со администрацијата на Трамп за моментален поврат на повеќе од 250 милиони долари од финансирањето за истражување кое беше замрзнато од април.
Претседателот на Корнел, Мајкл Котликоф, во соопштението изјави дека универзитетот ќе ѝ плати на владата 30 милиони долари и ќе инвестира дополнителни 30 милиони долари во земјоделски истражувања во текот на три години како дел од договорот.
Тој нагласи дека ниту една владина истрага или преглед на работата на универзитетот не открила дека ги прекршил законите за граѓански права. Администрацијата се согласи да ги затвори сите истраги.
Министерката за образование, Линда Мекмахон, објави на платформата X дека договорот е уште една победа во напорите за ставање крај на „поларизирачките политики на DEI“ на врвните американски универзитети кои ја сочинуваат таканаречената Ајви лига.
Администрацијата на Трамп го замрзна финансирањето на универзитетот во април бидејќи рече дека не направил доволно за борба против антисемитизмот.
Администрацијата на Трамп врши притисок врз врвните американски универзитети поради пропалестинските студентски протести, кои ги смета за антисемитски, и политиките насочени кон поттикнување на различноста, кои ги смета за дискриминаторски.
Харвард, најбогатиот и најстариот универзитет во Соединетите Американски Држави, е исто така цел на администрацијата на Трамп и започна правна битка, но сè уште бара спогодба. Трамп во септември изјави дека договорот со Харвард е блиску.
Универзитетот Колумбија и другите американски универзитети постигнаа договори со Трамп ова лето.
фото: принтскрин
Свет
ОН дискутираше за човековите права во САД, американските претставници не се појавија
САД станаа втората земја по Израел што одби да учествува во дебатата на ОН за состојбата со човековите права во својата земја, оставајќи празни места на сесијата на Работната група на Советот за човекови права на ОН во Женева денес.
САД, исто така, не достави национален извештај пред состанокот, соопшти работната група, со што официјално е евидентирана „несоработката“ на Вашингтон. Одлуката нема непосредни последици, а групата ги повика САД повторно да се приклучат на процесот подоцна. Во соопштението од американската мисија во Женева се вели дека ОН „се преправа дека е загрижена за човековите права“, додека им дозволува на познатите злоупотребувачи да ја користат организацијата за „да се кријат од контрола“.
Во соопштението, исто така, се обвинува ОН за „постојана пристрасност против Израел“. Од 2008 година, од сите 193 земји-членки на ОН се бара да поминат низ таканаречен Универзален периодичен преглед (УПР) на нивната состојба со човековите права приближно на секои пет години. Потоа, земјите ги презентираат своите извештаи за напредок, додека други можат да постават прашања и да дадат препораки.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Околу 50 маскирани лица дојдоа пред Српскиот културен центар во Загреб
Педесетина маскирани мажи, претежно млади луѓе, пристигнаа пред Српскиот културен центар во Загреб, каде што се одржува изложба.
Таму беа и неколку припадници на интервентната полиција.
Откако пееја „О Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и скандираа „За татковината, спремни“, тие го напуштија местото на настанот.
Полицијата не интервенираше веднаш, а групата се оддалечи сама, пренесуваат хрватските медиуми.
Интервентната полиција запрела дел од групата, ги легитимирала, а потоа ги пуштила.
фото: принтскрин

