Македонија
Осум вонпарламентарни партии со шест барања за Изборниот законик
Осум вонпарламентарни партии – Глас за Македонија, Единствена Македонија, Левица, МААК, Подем, Работничка земјоделска партија, ТМРО и ФРОДЕМ изнесуваат шест барања во врска со Изборниот законик и условите за „фер и демократски“ избори.
Тие бараат изборен модел со една изборна единица, без долен праг и отворени листи. Донтовиот модел може да биде заменет со Сант Лаговиот, кој дава мала предност на средните партии, за разлика од првиот, кој исклучиво ги фаворизира големите. На овој начин ќе се овозможи да бидат претставени и повеќето од 100.000 граѓани кои во сегашниве услови, иако гласаат, не добиваат ниту еден свој пратеник. Тоа ќе отвори простор за вистинска парламентарна демократија и ќе ги отстрани непринципиелните предизборни коалиции кои во полно земји се укинати со закон.
„Бараме сумата од 4.7 милиони евра буџетски пари за финансирање на партиите, непримерена за мала и сиромашна земја, да се преполови. Сегашната легислатива го базира финансирањето во 100% на база на претходните изборни резултати. За какви фер услови тогаш станува збор? Во нова трка, се оди од иста стартна позиција. Самостојните, вонпарламентарни партии бараат одредени финансии, (за скромно одржување и функционирање) да бидат распределувани и за нив. Бараме, наместо како досега 70% /30% (првите според бројот на освоени мандати, а вториот процент за партии кои го минале прагот од 1% на изминатите избори), распределбата да биде следна: 40% за освоените мандати, 30% да остане за оние кои го минале прагот од 1% и 30% за вонпарламентарните партии. Сумата од 280.000 евра која годишно им се исплаќа само на големите парламентарни партии за аналитички центри, да се распределува на сите кои имаат такви центри во статутите”, се вели во соопштението и се додава:
„Иако во Изборниот законик се зборува за ‘избалансирано медиумско покривање’, сите членови подолу во Законот го демантираат овој став. Бараме сосема еднаков пристап до јавниот сервис, но и до телевизиите со национална концесија. Вторите извршуваат општествена дејност која подлежи на истите закони за медиуми. Оној срамен однос 40/40/10/10, да биде заменет со 30/30/20/20. Бараме и ограничување на бројот и минутажата на платеното рекламирање. Бараме повеќе дебати, со избалансирано учество на сите партии и вкрстување на аргументите на парламентарните со вонпарламентарните партии.
Бараме скромни кампањи, без непотребни билборди, свирки и журки со естрадни ѕвезди, пренесување на граѓаните со платени автобуси од град во град. Бараме да се покаже одговорност кон парите на граѓаните. Кампањите, по примерот на развиените, а богати земји, да се базираат повеќе на дебати каде граѓаните ќе бидат изложени на вкрстени аргументи, а не на гламурозна пропаганда платена од нивниот џеб.
За да се избегнат изборните измами, бараме биометриско идентификување на гласачот, перфорирано изборно ливче и бар код читач на ливчињата, со што би се избегнал таканаречениот бугарски воз. Бараме копија од записниците да добие секоја партија, а во кутиите да може да се изврши увид во одреден временски рок по изборите. Исто така бараме, нашите набљудувачи да бидат покриени со буџетски средства, како што се оние од администрацијата и од големите партии. Тие имаат исти трошоци. Бараме и зголемување на казните за извршена и докажана изборна измама, како и исклучување на партијата која мамела, од изборната трка.
Бараме нашите иселеници да гласаат електронски.Дел од овие забелешки се дадени и од OBSE/ODIHR, но едноставно не се почитуваат. Бараме промени во насока на вистинска демократизација на општеството, бараме да не бидеме вечно заробени во двопартизам кој е извор на сиромаштија, корупција и чист клиентелизам”, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

