Македонија
Нови рочишта за „Титаник“ и „Маџар телеком“

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Титаник“ и „Маџар телеком“ на СЈО, кои ги презеде Јавното обвинителство. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ја овласти обвинителката Лиле Стефанова и понатаму да ги води предметите за кои беше надлежна во СЈО – „Титаник“, „Траекторија“ и „Маџар телеком“.
Случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка. Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Случајот „Маџар телеком” се води против поранешниот генерален и поранешниот финансиски директор на Македонски телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми.Случајот се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од обвинителството.
Покрај Сендреи и Плат, обвинети се и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Се сомничат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин ги оштетиле Македонски телеком и државниот буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема недопирливи и заштитени поединци

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, времето „како до сега“ заврши, и почитувањето на законите и процедурите е правило кое секој треба да го почитува. Во партиското соопштение се наведува дека нема недопирливи и заштитени поединци под политичка закрила, ниту предмети во фиока и заташкувања на случаи.
Како пример, се посочува случајот со бившиот началник од Демир Хисар, кој беше експресно разрешен поради недолично однесување при извршување на работните активности, а против него е покрената и дисциплинска постапка.
Во соопштението се нагласува дека ваков пристап на неселективност и санкционирање на самоволието и кршењето на законот немало во времето на Заев, Спасовски и Ахмети, кога се апсеа само политички неистомисленици, додека криминалците и локалните шерифи од нивните редови биле заштитени.
Се наведува дека тогашните служби покажувале сила единствено кон политичари од спротивниот табор, користејќи апсења во раните утрински часови, влегувања по домови без судска дозвола и политички терор.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека сега, согласно закон и процедура, секој кој ќе се огреши ќе одговара без разлика на позицијата што ја извршува.
Македонија
Штедачите на „Еуростандард банка“: Пет години нема ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште

Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.
Македонија
Без струја две улици во Илинден и Волково

ЕВН Македонија АД известуваат дека на денес без електрична енергија ќе останат:
· од 08.30 до 12.30 часот, корисниците на улица бр. 27 во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09.00 до 11.00 часот, корисниците на улица бр. 33 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)