Култура
Претставена програмата за четвртото издание на филмскиот фестивал „Киненова“

Филмскиот фестивал „Киненова“ денеска пред новинарите ја претстави програмата за своето четврто издание кое ќе почне на 4, а ќе трае до 13 октомври.
Во официјалната селекција ќе бидат претставени седум наслови, од кои на крајот жирито ќе ги избере најдобрите. Програмскиот селектор Игор Анѓелков најави и неколку споредни програми, кои верува дека ќе бидат вистински мамец за филмските сладокусци.
Од грчката кинематографија, ќе биде прикажан филмот „Сожалување“ на Бабис Макридис, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, соработникот на предводникот на т.н. „чуден бран“ во грчкиот филм, Јоргос Лантимос. Од бугарската кинематографија ќе биде претставен филмот „Прасето“ на Драгомир Шолев, додека „Алекси“ на Барбара Викариќ е претставник на новиот хрватски „женски“ бран во филмската уметност.
Како што најави Анѓелков, руското ново кино годинава на фестивалот ќе го претставува филмот „Човекот кој ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов. Од Бразил доаѓа симпатичниот „Сократес“ на Алешандре Морато, а за жанровско збогатување на понудата во официјалната конкуренција, годинава има и еден документарен филм, германскиот „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, приказна за ноќните дами крај еден автопат на северот од земјата.
Покрај овие седум остварувања во трка за наградите, ќе бидат претставени автори од современата турска кинематографија, па годинава гостинка е наградуваната Јесим Устаоглу, а публиката ќе има можност да ги види и петте филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „Петрунија“ и „Медена земја“, како и постфестум проекциите на современата унгарска кинематографија.
На отворањето на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Таткото“, актуелниот победник на фестивалот во Карлови вари летово, како и специјалната проекција на контроверзниот „Путиновите сведоци“ на Витали Мански, минатогодишен победник на истиот фестивал во документарната секција.
Директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, смета дека ова издание на Киненова ќе биде програмски најквалитетно и најиздржано.
„Она што посебно избликнува од оваа програма е токму филмските автори и дела кои пркосат со храброста и одлучноста да се промени лошата реалност. Во тој контекст имаме храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите. Ова сето значи дека Киненова МФФ не отстапува ни милиметар од својата авангардна патека. Ја повикувам публиката да ја истражи Киненова 2019 и да се подготви за вистински филмски изненадувања“, рече Јовановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
На 4 октомври, Бела ноќ во Скопје

Универзална сала и Град Скопје ја најавија 21. изведба на културната манифестација „Бела ноќ“, која ќе се одржи во сабота, на 4 октомври 2025 година.
Целиот град ќе се претвори во уметничка сцена преку концерти, изложби, литературни читања, мултимедијални изведби и перформанси отворени за сите граѓани и посетители.
Во програмата се вклучени бројни локации:
Сули Ан (20:00 ч.) – мултимедијални презентации и изложби на тема „Стара скопска чаршија: визии за иднината“, по што следуваат DJ сетови на Дарко Јорданов, Бојан Јанев и диџеј Женева.
Музеј на македонската борба (20:00 ч.) – изложба „Од чета до армја“.
Научен музеј (20:00 ч.) – изложба „Преспанско езеро – бисер на природата“.
Детски културен центар (11:00 ч.) – детска ликовна изложба.
Библиотека „Браќа Миладиновци“ (19:00 ч.) – промоција на книга „Работилница за поправка на чувства – втора антологија на иднината“.
Музеј на Град Скопје (19:00 ч.) – изложба на ДЛУМ.
Младински културен центар (20:00 ч.) – претстава „Велигденски варијации“ и изложба на детски цртежи на Славица Копенкова.
Настани ќе се одржат и во Културниот дом „Кочо Рацин“ и во Културно-информативниот центар.
Организаторите порачуваат дека „Бела ноќ“ е симбол на културната отвореност на Скопје и можност за поврзување на граѓаните и уметниците преку заедничко креативно искуство.
Манифестацијата е во организација на Универзална сала, со финансиска поддршка од Град Скопје.
Култура
Богат викенд на 13. „Џифони Македонија“ исполнет со филмови и работилници

Младите од осум земји учесници на 13. „Џифони Македонија“ имаа богат викенд исполнет со проекции на филмови, ги започнаа своите работилници, а и дискутираа за филмовите што ги гледаа. Програмата на фестивалот се реализира во Кинотеката, каде што работат јуниорите, односно основците од шесто до деветто одделение, додека во Младинскиот културен центар се средношколците, кадети и сениори.
Денес на програмата е средба со активистката Теодора Милевска, а младите ќе можат да слушнат повеќе и за стипендиите UWC – United World Colleges што можат да се искористат и кај нас за студирање во странство. Ќе биде прикажан и документарниот филм Girls Don’t Cry („Девојките не плачат“) на германската режисерка Зигрид Клаусман, а ќе следува и циклус кратки италијански филмови.
Џифонци викендов се сретнаа со млади режисери кои веќе ги прават своите први филмови. Лавина од прашања предизвикуваат овие први чекори на младите кои поставуваат интересни прашања. Кадетите и сениорите се сретнаа со Беса Туша, млада режисерка од Скопје, која студирала во Турција и која веќе ги прави своите први чекори во филмската уметност, а филмови веќе и се прикажуваат и на фестивали. Таа ги сподели своите искуства, беше многу отворена за да им раскаже на младите. Беса го промовираше нејзиниот филм „Низ очите на Џело“, таа го прикажа Скопје низ приказната на овој лик. Им посака на џифонци кои сакаат да се занимаваат со филм, само да снимаат и дека така се учи најдобро. Секој нареден проект ќе биде подобар.
-Ми се погоди да добијам стипендија за студирање во Турција и тоа ми го трасираше патот. Сакам да ја одржувам врската со Македонија и затоа приказните ги наоѓам и овде. Важно е да снимате, да се борите за вашите проекти. Од помлада пишував сценарија со желба да се изразам себе и тоа многу ми помогна – рече младата Беса.
Младиот Бојан Василев го прикажа филмот „За Ева“, кој ја отвора темата за несакана бременост кај младите, но и темата за осаменоста, отуѓеноста, кога се чувствуваме дека сме сами и немаме со кого да споделиме тага, а цел свет ни се руши. Инспириран од вистинска приказна, Василев ја отвора оваа важна тема, а предизвика лавина од прашања.
Младиот режисер Бојан Василев се претстави со вели дека филмот е за надежта, не е само за тинејџерската бременост. Филмот е снимен во рамките на проектот EduCuts, што поврза неколку земји од регионот, меѓу кои и Македонија, а 20-ина млади имаа можност да ги направат своите први филмови, благодарение токму на оваа поддршка.
-Јас не сакам филмови кои кажуваат кој е во право, а кој не. Филмот успеавме да го снимиме за само 4 дена, што е голем успех – рече тој.
Во рамките на Creative Talks, вчера беа промовирани неколку режисери од програмата „Докуникулци“, која неколку години се реализира во рамките на Фестивалот на креативни документарци „Македокс“. Беа прикажани три филмa од оваа програма – „Живуша“ Ксенија Довезенска, „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски и „Како стигнав до овде?“ во режија на Рој Стефанова. Џифонци беа одушевени од филмовите.
Во саботата се одржа и интернационалната вечер на која сите земји учеснички ја промовираат својата култура со храна.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Агенција за филм, Градот Скопје, Општина Карпош, Џифони Експириенс од Италија, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans и приватни компании.
Култура
Скопска премиера на „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ на фестивалот „Ѕирни“

Вечерва, со почеток од 19:30 часот на платото пред Дом на АРМ – Скопје, во организација на Кафе и филм КОТУР се отвора седмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“.
Фестивалот ќе се одржи од 29 септември до 6 октомври на платото пред Дом на АРМ и во Кафе и филм КОТУР.
Распоредот и програмата се достапни на социјалните мрежи и веб-страницата на „Ѕирни“ (www.dzirnifestival.com). Влезот за сите проекции е слободен, но поради органичениот број на седишта потребно е да подигнете билет од КОТУР.
По секоја филмска проекција следува разговор со авторите модериран од Дениз Абдула.
Фестивалот ќе биде отворен вечера со почеток во 19:45 со проекција на „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ.
„Нова енергија“ ја следи приказната на две најдобри пријателки кои си даваат поддршка една на друга во справувањето со предизвиците од токсичните врски. Ева ѝпомага на својата пријателка Марија да се пресели по раскинувањето, тивко криејќи дека и самата се соочува со слична емоционална борба. Не сакајќи да ја оптовари Марија, таа ја задржува својата болка во себе — сè додека притисокот не ја совлада и не доведе до паничен напад и посета на болница. Кога Марија ја открива вистината, нивното пријателство добива ново значење, претворајќи се во извор на утеха, поддршка и исцелување.