Македонија
Пендаровски: „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава
Актуелниот случај „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава и затоа треба да се реши темелно, до крај. Притоа, не заради Европа, туку пред сè заради нас, не смееме да толерираме евентуални странични влијанија од која страна и да доаѓаат, рече претседателот Стево Пендаровски на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (нкеу-мк).
„Економскиот развој и нултата толеранција за корупцијата мораат да бидат врвни приоритети за секоја власт. За успешно справување со овие предизвици потребно е обединување на потенцијалот и поддршка од сите нас, и од власта, и од опозицијата, од бизнис-секторот, од граѓанските здруженија, од медиумите. Правната држава и владеењето на правото не смеат да бидат празна флоскула во која, патем, граѓаните низ годините сè помалку веруваат. Правосудниот, судскиот и обвинителскиот систем мора да имаат соодветна, темелна и навремена реакција, целосно заштитена од политички влијанија“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека во изминативе 28 години во нашата држава има многу малку пресудени случаи за висока корупција и изречени санкции.
„Овој факт, за жал, говори за тоа дека високиот криминал и корупција кај нас долги години биле прикривани, и наместо жестока реакција на правната држава, ние сме етаблирале култура на неказнување“, рече Пендаровски.
Според него, на Северна Македонија ѝ е неопходно системско справување со корупцијата и воспоставување вредносен систем кој ќе биде во согласност со европските стандарди и критериуми, за што, како што рече, е неопходна јасно изразена волја на сите релевантни политички чинители во државата.
Како што рече Пендаровски, досегашните резултати од работата на антикорупциската комисија даваат надеж дека состојбата се менува на подобро.
„Сметам дека секој одговорен политичар, и од власта и од опозицијата, сега и во иднина, треба да даде максимална поддршка на напорите на институциите за борба против корупцијата за културата на неказнивост да стане минато во нашата држава. Се разбира, напорите на антикорупциската комисија не се доволни. Нивната работа треба да ја следи и понатаму продолжува и ефектуира добро подготвено јавно обвинителство и независно судство. Правосилните судски одлуки донесени во транспарентна постапка треба да придонесат за градењето на една нова култура и нов амбиент во кој политичарите нема да претставуваат посебна категорија на луѓе за кои не важат законите“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Институциите гледаат, знаат, намерно молчат – само за пари и профит
Пратеникот на партијата Левица, Амар Мециновиќ, на Анкетната комисија иницирана од родителите на загинатите во Кочани, истакна дека централниот елемент на дискусијата треба да биде недостатокот на одговорност од страна на институциите. Тој истакна дека кога се случи трагедијата, на сите им било јасно дека системот потфрлил, но проблемот, според него е во тоа што институциите се изземени од одговорност заради приватниот интерес кој генерира пари на незаконски начин.
„Централниот елемент на ова дискусија треба да биде дека во оваа држава некој дозволува да не се следат законите, да не се следат прописите и да не постапуваат институциите само заради една работа, а таа работа не ја кажа никој тука, тоа се парите. На нас трагедии ни се случуваат затоа што институциите молчат пред приватниот интерес кој генерира пари на незаконски начин. Институциите молчат пред луѓето кои имаат политички врски само за да генерираат профит. Тоа го видовме и од преписките кои излегуваа во медиумите и од процесот. Значи нашите институции гледаат, знаат, намерно молчат“, истакна Мециновиќ.
Понатаму во своето излагање Мециновиќ праша каде завршуваат парите заради кои институциите гледаат, молчат и со тоа потфрлаат.
„Мене ми е апсурдно да зборуваме за процедура денеска. Ние конечно треба да се одважиме да го одговориме прашањето – Каде завршуваат крвавите пари заради кои се случуваат овие трагедии?“.
Македонија
Уште 10 дена за аплицирање за ваучери за ИТ уреди, известува Министерството за дигитална трансформација
Министерството за дигитална трансформација известува дека остануваат уште 10 дена за аплицирање за студентски ваучери.
Досега се доделени вкупно 42.606 ваучери, од кои се искористени 27.426.
„Согласно актуелниот проект на Владата, кој се реализира во соработка помеѓу Министерството за дигитална трансформација, Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за образование и наука, предвидени се вкупно 55.000 ваучери за електронски уреди за студентите на додипломски студии, запишани во учебната 2025/26 година.
Потсетуваме дека рокот за аплицирање од страна на студентите е до 20.12.2025 година, а искористувањето на ваучерите ќе биде со рок до 31.12.2025 година“, соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.
фото: unsplash
Македонија
После Албанија и Косово, следна дестинација на мигранти е Македонија, велат од СДСМ
Не се само британските медиуми, многу светски медиуми имаат објавено анализи и информации од планот за „центри за враќање на мигранти“ од Британија и други земји на Балканот, истакнуваат од СДСМ.
„Косово стана првата земја која прифати одбиените мигранти од Британија. Албанија исто така се согласи за изградба на прифатни центри за мигранти но од Италија.
Пред 5 дена, „Дојче Веле“ објави дека 40 мигранти веќе беа донесени со воен брод во центрите во Албанија. Ете колку бргу се развиваат работите. „Мигрантите, треба да останат во камп во Албанија сè додека не бидат депортирани.“ пишува во текстот на Дојде Веле.
Британските медуими пак пренесоа дека Владата на Мицкоски и ДПМНЕ разговара за мигранти од Британија во Македонија. Британците известуваат дека е договорено по 20.000 фунти по мигрант, нивно вклучување на пазарот на труд, особено во градежништвото, како и долгорочно населување во нашата држава. Ова е вистината! Дали светските медиумите лажат? Дали СДСМ лаже?
Кој лаже? Власта на Мицкоски“, додаваат од опозициската партија.
Владата, како што оценуваат од партијата на Филипче, нема пари, веќе недостасува 1 милијарда евра, очигледно, велат, сакаат да земат кредит од 6 милијарди евра а за возврат да донесат мигранти.
„Граѓаните се против овие антинационални и андржавни политики на ДПМНЕ и велат Не за мигранти , Не за загрозување на безбедноста на државата“.

