Култура
Заврши првиот дел од снимањето на филмот „Од рајот“ на култниот режисер Срѓан Драгојевиќ
Првиот дел од снимањето на филмот „Од рајот“, кој се работи по сценарио и во режија на Срѓан Драгојевиќ, е успешно завршен, а екипата што девет дена работеше на локации во Скопје заминува задоволна да го продолжи снимањето во Србија.
Станува збор за филм што се снима во голема регионална копродукција во која Агенцијата за филм на Република Северна Македонија учествува со 12 проценти од вкупниот буџет на филмот. Продуцентската куќа „Сектор филм“ од Скопје, односно продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска со режисерот Драгојевиќ, сценографката Јелена Сопиќ, главните актери Ксенија Маринковиќ и Горан Новојец, сценографката Јелена Сопиќ и српската продуцентка Биљана Првановиќ на денешната прес-конференција зборуваа за своето искуство од снимањето кај нас и открија детали за приказната на „Од рајот“.

Продуцентот Анастасов, кому ова му е втора соработка со Драгојевиќ по филмот „Парада“, кој ја освои наградата од публиката во програмата Панорама на Берлинскиот филмски фестивал, вели дека му е особено драго што овој прилично комплексен филм, и во продукциска и во креативна смисла, почна со снимање во нашата земја.
„Идејата и претпродукциската фаза од проектот ‘Од рајот’ ја развувавме речиси три години и посебно ни е драго што филмот доживеа почетокот на снимањето да се одвива во Македонија. Со Драгојевиќ и Првановиќ добивме поддршка од Агенцијата за филм, по што се вклучија и Хрватска, Словенија, Црна Гора, Германија, а филмот го помогна и европската фондација ‘Еуроимаж’. Се надеваме на успешен филм“, рече Анастасов.
Според српската продуцентка Првановиќ, регионалните копродукции се неопходни за да се реализираат успешни фимови.
„Се радувам што по филмот ‘Парада’, кој имаше извонреден успех, сега втор пат соработуваме со ‘Сектор филм’ и Драгојевиќ. Благодарни сме што македонската Агенција за филм го препозна проектот и ако снимањето продолжи со истиот квалитет како што почна, се надевам дека филмот ќе доживее голем успех. Во суштина, за земјите од регинот, копродукциите се многу важни доколку сакаме да реализираме успешни филмови. Се заблагодарувам на сите што се вклучија во проектот“, рече Првановиќ.

Драгојевиќ вели дека е многу среќен што повторно снимал во Македонија.
„Задоволство ми е да сум во Скопје, дури размислувам да се преселам во моето омилено Дебар Маало. За филмот ‘Од рајот’, мојата сестра, која е монахиња, вели дека филмот е христијанка комедија. Сепак, повеќе би го нарекол алегорија на христијанството. Иако се темели на мотиви од прозата на мојот омилен француски писател Марсел Еме, во која има многу фантастика, во филмот доминира реализмот и околностите на приказните се сосема поинакви. Ако земеме предвид дека по комунизмот и по полвековиот атеизам сите се вративме кон христијаството, сепак, имам впечаток дека уште учиме од грешките. Приказната не е лоцирана на точно место и таа би можела да се случува во која било транзициска земја во Југоисточна Европа. Три приказни се преплетуваат во период од 35 години, поточно во 1993, 2011 и во футуристичка 2026 година“, рече Драгојевиќ.
Главната женска улога, која ја игра Ксенија Маринковиќ, таа ја објаснува како жена на чиј сопруг (Стојан, кого го игра Горан Навојец) ќе му порасне ореол и таа тешко се справува со овој факт.
„Играм улога на жена на чиј сопруг ќе му порасне ореол. Таа тешко се навикнува на ова и смета дека е непријатно да се живее со него. Моментите на реалност и фантастика се измешани и голем предизвик е за мене да ја играм оваа улога“, рече Маринковиќ.
За Навојец, улогата на Стојан е најдобро напишана машка улога на просторите на поранешна Југославија и вели дека е неверојатен предизвик за него.

„Мислам дека ова е најдобро напишана машка улога на просторите на бивша Југославија. Играм еден добар човек кого околината не го прифаќа бидејќи никој повеќе не може да се справи со добрината, во време кога модерниот човек стана малициозен и комплетно материјален. Стојан е нешто меѓу светец и суперхерој. Поставува голем број прашања за губење на духовноста. Соработката со Драгојевиќ е фантастична и за мене е огромен предизвик до крајот максимално да ја износам улогата“, рече Навојец.
„Од рајот“ е филм кој има сложена сценографија и бара голем кретивен потенцијал.
„Се обидовме да најдеме визуелно интересни простори, и локациите во Скопје беа извонредни. Во филмот се мешаат три временски периоди и тоа бараше многу истражување за сценографска реализација. Ова е визуелно богат филм и неверојатен предизвик да се работи на него“, рече сценографката Јелена Сопиќ.
Снимањето почна на 16 септември и се одвиваше девет дена во нашата земја. „Од рајот“ продолжува уште пет недели да се снима во Србија, па во Германија. Филмот е духовита алегорија на христијанството, раскажува три приказни што се преплетуваат во период од 35 години.

Драгојевиќ, кој ги потпиша познатите филмови „Ние не сме ангели“, „Парада“, „Рани“, „Убавите села убаво горат“, од 16 до 25 септември на локации во Скопје го почна снимањето на неговиот нов филм „Од рајот“. Филмот е српско-германско-македонско-хрватско-словенечко-црногорска копродукција зад која застанаа продуцентите DELIRIUM од Србија, во копродукција со „Сектор филм“ од Македонија, МА.JA.DE. FICTION Gmbh од Германија, „Форум Љубљана“ од Словенија, „Студио дим“ од Хрватска, „Макс филм“ од Црна Гора.
Проектот е поддржан и финансиран од Агенција за филм на Република Северна Македонија и фондовите за филм на земјите на копродуцентите. Снимањето на филмот го потпомогна и „Еуримаж“.
Актерска екипа на „Од рајот“: Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Бојан Навојец, Милош Самолов, Срѓан Тодоровиќ, Ана Мандиќ, Анџелка Прпиќ, Милош Тимотијевиќ, Рале Миленковиќ, Нела Михаиловиќ, Небојша Дракула, Никола Пејаковиќ, Мира Џурџевиќ, Маја Лукиќ, Оливера Викторовиќ, Владимир Тица, Марко Гверо, како и македонските актери Ратка Радмановиќ и Дениз Абдула.
Продуценти – Билјана Првановиќ, Србија, Хајно Декерт, Германија, Владимир Анастасов, Ангела Несторовска, Македонија, Ева Рорман, Словенија и Дариа Куленовиќ Гудан, Хрватска.
Директор на фотографија е Душан Јоксимовиќ, сценограф Јелена Сопиќ, костимограф Татјана Стругар и шминкер Сандра Иватовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

