Македонија
На јавна расправа презентирани измените на законите за вработени во јавен сектор и за административни службеници
Министерството за информатичко општество и администрација организираше втора јавна расправа за измени на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници. На денешната јавна расправа беше презентирана моменталната состојба, предизвиците при имплементација на овие два закони, како и предлози за аспектите во коишто тие можат да се подобрат.
Како што истакна министерот Дамјан Манчевски, целта со измената на двата закони заедно со останатите реформи во јавната администрација е да се промени климата за работа на јавната администрација, законите да одговараат на реалната состојба и да резултираат со регрутација на квалитетен административен кадар.
„Основни цели на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор се подобрување на ефикасноста и ефективноста во управувањето со човечките ресурси, проширување на работните места во јавниот сектор, дефинирање на постапки за вработување, унапредување, дисциплинска одговорност и управување со ефект, ревизија на опфатот на законот, нов концепт за донесување на годишниот план за вработување, односно секторски и индивидуални планови за вработување, дорегулирање на постапките на мобилност и разграничување на надзорот над одредбите од овој закон“, информираше министерот Манчевски.
Зборувајќи за придобивките од измените во Законот за административни службеници, тој се осврна на унапредувањето на моделот на вработување и управување со ефектот темелени врз компетенции, воведување на пробната работа, поедноставување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, дополнително мотивирање на вработените кои работат на реформските приоритети и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.
Конкретните измени во двата закони ги презентираше Билјана Николовска-Жагар, државен советник за јавна администрација во МИОА.
„Она што е суштинска измена, а што беше предмет на критика е доразработка на условите за распоредување. Ние имавме распоредувања, вработувања на определено, но ги немавме утврдено сите оние правила или основи кои се појавија во пракса, како на пример распоредување по барање на вработениот, кое често може да се случи, поради здравствени причини или е пред крај на работниот век, па не може да се носи со предизвиците на конкретното работно место. Ја исклучивме можноста за злоупотреба на вработувања преку агенции за вработување кои се привремени и на определено и особено ја одбегнавме можноста на определено време да бидат ангажирани лица кои одлучуваат во управна постапка за барања за остварување на некои свои права“, потенцираше Николовска-Жагар.
На јавната расправа се обрати и директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров, кој зборуваше за измените кои ќе се рефлектираат врз работата на Агенцијата.
Тој се осврна на Академијата за обука и развој на администрација која ќе биде орган во состав на МИОА, орган кој е неопходен, а до сега беше решен само на ниво на Сектор во МИОА, но тоа решение не се покажа како најсоодветно и очекуваме Академијата да нуди стручното усовршување на повисоко ниво на административни службеници.
„Квантитативна, меѓутоа и квалитативна промена, односно предлог за измени и дополнувања, имаме во делот на постапката за вработување на административни службеници. Тука би спомнал три сегменти: испит за административен службеник, Комисијата за спроведување на постапките за вработување и условите за вработување. Кај условите за вработување би спомнал дека како услови ги тргаме лекарското уверение, уверението за државјанство и потврдата за познавање компјутерски програми за канцелариско работење. Лекарското го тргаме од причина што ги изедначуваме правата на кандидатите за вработување воопшто, како што е регулирано со Законот за работни односи. Уверението за државјанство нема потреба да се прикачува бидејќи сега со процесот на дигитализација институцијата ќе си го влече сама од системот“, рече Глигоров.
Големиот број присутни на дискусијата со примери од практичната примена, но и со препораки согласно направени истражувања придонесоа кон дискусијата, од што понатаму ќе се финализираат законските измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.
Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.

